Македонија
Промовирана новата генерација дипломци на Факултетот за безбедност

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на свечената церемонија по повод промоцијата на дипломираните студенти од генерацијата 2021 година на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, на која што присуствуваа и проф. д-р Коруновски, ректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски“, проф. д-р Дујовски, декан на Факултетот за безбедност, како и д-р Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Министерот Спасовски во своето обраќање упати искрени честитки до сите дипломирани студенти на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св.Климент Охридски“, што денеска и официјално го завршуваат делот од академскиот пат минат во оваа реномирана високообразовна институција, како и на професорите за изнедрувањето на уште една квалитетна и вредна генерација дипломци.
„Модерните општествени системи секаде во светот инсистираат – а во интерес на сопствениот просперитет – на следење и практично имплементирање на нови, современи, научно-истражувачки сознанија, на максимална кооперативност меѓу теоретското и практичното знаење. Така е и во поглед на безбедноста, особено што веќе е етаблирано уверувањето дека е неопходно, и тоа веќе се прави, подлабоко инволвирање на таа безбедносна разнообразност во сите пори од системите“, истакна Спасовски пред дипломците.
Спасовски ја потенцираше стратешката определба на Министерството за внатрешни работи во изминатите неколку години во однос на кадровото и стручното надградување.
„Токму заради тоа јас немам дилема дека многумина од вас, почитувани дипломци, ќе успеат да го препознаат и пронајдат своето место во општеството, притоа давајќи го својот професионален максимум, како во име на сопствените амбиции, така и во име на потребата за брз и интензивен развој на нашата држава. Исто како што сум убеден и дека нашите институции, веќе јасно и недвосмислено ја детектираат потребата од иновативниот, млад, перспективен потенцијал што егзистира во секој млад човек желен за самодокажување и напредок. Впрочем, овој став веќе неколку години наназад претставува и една од стратешките определби на Министерството за внатрешни работи. И, ве уверувам дека нема да запреме со оваа политика во делот на кадровско и стручно надградување на Министерството за внатрешни работи, туку сме решени тоа да стане составен дел од процесите на избор и професионална надградба на нашите вработени“, порача Спасовски.
На крајот тој им посака успех и на професорите на Факултетот за безбедност со очекување дека и во иднина оваа етаблирана високообразовна ќе продуцира кадри кои ќе бидат столбот на безбедноста во државата на кои сите ќе гледаат со професионална гордост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Димитриевски: Куманово прераснува во регионален економски центар

Куманово прераснува во регионален економски центар благодарение на големиот број странски и домашни инвестиции кои или се во тек или наскоро ќе започнат да се градат во најголемата општина во Македонија. Кандидатот за трет градоначалнички мандат во Куманово и претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски вели дека општината ги има сите предиспозиции да биде „мотор на економската локомотива“ не само на земјата, туку и на целиот регион.
„Светскиот гигант Лидл веќе инвестираше околу 110 милиони евра, и досега отвори над 150 нови работни позиции. Тоа се над 150 причини младите да не емигрират, туку да се обидат својата животна перспектива да ја реализираат во своето родно место. Младите се иднината на Куманово и токму тие се главната причина заради која сите заедно мора да работиме на економски развој и напредок. Општина Куманово ќе ги вложи сите свои капацитети да обезбеди што е можно повеќе нови инвестиции, но ќе продолжи да ги поддржува младите и преку образованието, културата, спортот“, рече Димитриевски.
Тој потенцираше дека на територијата на општина Куманово работат повеќе големи странски компании како Армос Плус, Дрекселмаер, како и голем број домашни бизниси.
„Отвораме нови можности за вработување, нови можности за развој и просперитет на нашиот град и регионот. Да продолжиме да го развиваме Куманово во место на домашни и странски инвестиции, отворање нови индустриски зони, нови вработувања за младите, нови перспективи. Да го подигнеме БДП, и во Куманово, и во регионот, и во државата“, истакна Димитриевски.
Актуелниот градоначалник на Куманово, кој е во трка за нов мандат, најави дека во идниот четиригодишен мандат заедно со неговиот тим ќе работи на остварување на целта за економски развиено Куманово. Еден од приоритетите во програмата на Движењето ЗНАМ е Куманово да биде општина со најголем економски раст во државата, најголем број новоотворени работни места и најсветла перспектива за младите.
Македонија
Алиу лично е за токсиколошка проверка да биде законска за сите лекари, но не знае дали правно може да се дефинира

Министерот за здравство Азир Алиу лично смета дека треба да се додаде законска обврска за токсиколошки анализи на сите лекари по скандалозната снимка од директорот на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски на која тој меша бела прашката материја и кажува дека зема исклучиво со „чисто бело“. Алиу не е сигурен дали во овој момент ваква законска обврска може да се вметне во некој од 12 здравствени закони кои се менуваат во овој момент.
„Правно не знам дали тоа може да се дефинира. Јас би сакал, како министер за здравство, да има таков член во законот, но да ви кажам во кој закон и дали тоа може да се формулира не би сакал кога не сум сигурен. Јас лично би сакал да имаме уште една институција која што ќе го проверува и тој момент, покрај стручноста“, рече министерот Алиу.
Сега веќе разрешениот директор на Клиниката за неврологија Кузмановски, од март годинава работел со истечена лиценца. Министерот Алиу најави дека неколку комисии, покрај Лекарската комора и Државниот санитарен и здравствен инспекторат работат на утврдување на тоа дали и какви прегледи правел Кузмановски во периодот додека бил без лиценца.
Иако не е сигурен дали токсиколошките анализи може да станат законска обврска, министерот Алиу најави дека ќе побара во „Мој термин“ да се вметне рокот на лиценцата на лекарите и системот да им забранува логирање во моментот кога ќе им истече важноста на лиценцата.
Алиу извести дека на местото на разрешениот Кузмановски, за вршител на должност го назначил Јован Божиновски, специјалист невролог и асистент на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој, пак, рече дека на негова иницијатива на Клиниката ќе се формираат две интерни комисии со кои ќе се иницира внатрешен стручен надзор на работата на разрешениот директор во последните 12 месеци.
Македонија
Меџити: Чаир ќе биде пример за социјална еднаквост, униформи и бесплатни оброци за секое дете

Кандидатот на владината коалиција „Вреди“ за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, на денешната прес-конференција ги претстави конкретните мерки за подобрување на условите во основното образование, со посебен акцент на социјалната еднаквост, безбедноста и поддршката за
семејствата. Тој нагласи дека неговото раководење ќе обезбеди еднакви можности за секое дете и ќе направи Чаир да биде општина на достоинство, грижа и солидарност.
„Во Чаир нема разлики – има можности за сите.
Ова е нашата филозофија на владеење, нашата визија за една општина која гарантира еднаквост, достоинство и поддршка за секое семејство.
Затоа, во нашата програма за образование предвидовме јасни мерки за олеснување на товарот на семејствата и за обезбедување еднакви услови за секое дете.
Во сите основни училишта на нашата општина, учениците ќе имаат униформи, целосно финансирани од буџетот на Општина Чаир. Ниту едно семејство нема да има дополнителен трошок. Со ова целиме кон создавање еднакви можности и зајакнување на чувството на припадност кај нашите деца“.
Нагласи дека Општина Чаир ќе ги покрива дневните оброци за сите ученици кои доаѓаат од семејства што добиваат социјална помош.
„Секое дете ќе има достојни услови за учење, исхрана и растење со достоинство.
Во исто време, ќе ја зајакнеме безбедноста во училиштата, со нови физички и технолошки мерки, во тесна соработка со образовните институции и родителите.
Затоа што секој родител треба да биде спокоен дека неговото дете е безбедно во училиштето.
Ова е Чаир што го градиме. Чаир на еднаквост, грижа и солидарност. Општина што работи, дели и се грижи за сите.
Општина што зборот го претвора во дело и секојдневно покажува дека добрата политика е онаа што го подобрува животот на граѓаните.
Нашите деца се нашата иднина. А кога инвестираме во нив, инвестираме во иднината на Чаир“.