Македонија
Арсовска: Град Скопје должи 50 милиони евра
На денешниот брифинг со претставниците на медиумите градоначалничката Данела Арсовска се осврна и на ревизиите што се прават во Град Скопје и во јавните претпријатија со цел да се добие детаљна слика за нивната тековна состојба, како и да се утврди како се работело досега. Таа потенцира дека Градот и сите градски претпријатија се оставени во големи долгови, а долгот само на Град Скопје е 50 милиони евра, со рати за кредити што треба да почнат да се отплаќаат од 1 јануари в година.
„Градот е затекнат со големи задолжувања и во овој момент Град Скопје речиси нема никаква шанса за дополнително кредитирање. Она што ме изненади е тоа што некои лица од минатото раководство на Градот се обидоа ова да го претстават како моја слабост, дека нема да можам да кредитирам, наместо да го претстават како самокритика за тоа што дозволиле во изминатите 4 години Градот да се задолжи 3 пати повеќе отколку во минатото. Наместо овие лица да дадат одговор како е дојдено до затекнатата состојба како резултат на нивното работење во изминатите 4 години, тие залудно обвинуваат како некој за помалку од 30 дена треба да ја расчисти оваа состојба. Во моментот наследениот долг на Град Скопје е над 50 милиони евра“, потенцира Арсовска.
Арсовска се осврна и на неквалитетното и непланско работење и трошење на претходното раководство на Град Скопје од аспект на реализација на проектите, а како пример го наведе проектот за изградба на мостот на реката Вардар во Аеродром. Градоначалничката напомена дека Градската куќа, иако вреди 20 милиони евра, од претходното раководство на Градот била продадена за 12 милиони евра, пари што ги нема.
„Некој почнал проекти за кои имотно-правните прашања не се разрешени и нема да се разрешат, а парите се предвидени и некој планирал да ги даде. Парите на граѓаните ќе стојат заробени во проекти што не може да се реализираат. Тоа е почнување проекти само колку да се каже дека се почнати. Станува збор за мост што се гради, а нема каде да заврши. За вие да објавите јавна набавка, тоа да го тендерирате и да почнете да градите, мора претходно да ги имате исполнети сите услови за тоа, а не да ги правите во од. Таму имаме 11 спора меѓу граѓани, кои треба тие да ги надминат, има 25 предмети за експропријација во подготовка, 12 предмети без согласност за цена што допрва треба од Владата да ги разрешат, како и 60 предмети со барања за земјишно право со приватизација или стекнато корисничко право, кои допрва треба да почнат да се решаваат. Од сите плацови што се предмет на овој проект, само 44 биле сопственост на РМ. Ние ќе почнеме со нивно решавање, но кога ќе ги решиме – е временски период за кое во моментот не можеме да дадеме рамка и тоа е нешто што претходниот градоначалник морал да го заврши пред да почне да гради“, истакна Арсовска.
Во врска со дилемите во јавноста за можноста за воведување БРТ-превоз во Скопје, градоначалничката Арсовска уште еднаш ги повтори позициите на новото градско раководство.
„Од она што тука го видовме како документација за БРТ, а кое беше претставено како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно туку е и на штета на граѓаните. За БРТ-превозот нема одлука од Советот на Град Скопје, а одлука треба за сѐ што има импликации врз градот, пред сѐ, импликации во однос на тоа како ќе се развива градот, а не само финансиски. Овој проект ќе има големи импликации врз животната средина, врз главното водоснабдување во градот, меѓутоа ќе има и огромни финансиски импликации врз Градот, како и голем број пречки од аспект на регулативата и легислативата, кои треба да се надминат за да стане реалност“, нагласи Арсовска на денешниот брифинг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.
Македонија
Министерство за правда: Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Со мнозинство гласови пратениците ја изгласаа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет. Законот се проследува на второ читање, информираат од Министерството за правда.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање рече дека со овој закон во министерството е започната нова ера на работа и функционирање, во којашто секој битен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес.
,, Клучни новини кои се предвидени со Законот се:
Јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет,
За прв пат прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност,
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите,
Јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет,
Воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите,
Утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет, како и
бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ”, рече Филков.
Тој изрази жалење што дел од опозицијата не беше присутна на седницата за носење на, како што оценува, исклучително важен закон кој е дел од Реформската агенда.
Македонија
Утре, во утринските часови наместа со појава на магла, во текот на денот сончево со умерена облачност
Утре во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла.

