Регион
Ужас во Хрватска: Пијан татко со метална шипка повреди новороденче и ја претепа сопругата, нивната состојба е стабилна

Стабилна е состојбата на мајката и новороденчето кои вчера беа претепани со метална шипка од пијан маж во Хрватска.
Раните на детето се санирани, но ќе треба да помине неколку дена под опсервација на Педијатрија бидејќи се работи за бебе старо 20 дена.
Мајката и детето се од Пишкоровац и се жртви на семејно насилство. Под дејство на алкохол мажот ја претепал сопругата по главата и рацете. Тој со метална шипка го удрил и бебето на рацете и му нанел длабока рана на главата.
Дежурниот педијатар Дејан Балажина потврди дека детето има повреди на главата и колкот и е во болница поради можни компликации.
„Ова е машко новороденче на неполни три недели, кое го хоспитализиравме, го примивме денеска во попладневните часови. Станува збор за повреди на главата и левиот колк“, изјави Балазин за ХРТ.
„Детето го примивме заедно со мајката, мајката е добро. Можам да кажам, за среќа и детето е добро, засега се чини дека не е сериозна телесна повреда“, додаде тој.
Докторот вели дека имало слични случаи.
„Мислам дека сè уште немало толку мало дете, но, за жал, имаме вакви случаи“, рече Балажин.
Тој се надева дека бебето нема да има трајни последици.
Жителите на Пишкоровац сведочат дека мажот бил склон кон алкохол и семејно насилство. Прашање е дали семејството било под надзор на Центарот за социјални работи. Одговорот на Центарот се уште се чека.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вулин ги обвини западните разузнавачки агенции: „Сакаат да спроведат шарена револуција во Србија“

Српскиот вицепремиер Александар Вулин, кој се сретна со шефот на руската разузнавачка служба во Москва, ги обвини западните разузнавачки агенции дека се обидуваат да ја дестабилизираат Србија поддржувајќи ги повеќемесечните антивладини протести.
Вулин по средбата со Сергеј Наришкин, директор на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР), објави дека западните сили планираат да ја соборат српската влада, која има добри односи со Москва.
„Западните разузнавачки служби се обидуваат да спроведат шарена револуција и да ја дестабилизираат Република Србија“, соопшти кабинетот на Вулин.
Десетици илјади студенти, поддржани од професори, земјоделци и работници, одржуваат секојдневни протести во Србија од ноември кога 15 лица загинаа во уривање на натстрешникот на железничка станица во Нови Сад во северна Србија.
Регион
Инциденти на протестот во Атина на годишнината од железничката несреќа, полицијата употреби солзавец

Грчката полиција употреби солзавец врз демонстрантите што фрлаа „молотови коктели“ на протестот по повод втората годишнина од железничката несреќа во Темпи, во која загинаа 57 лица.
Меѓу жртвите имаше и студенти, а несреќата се случи кога патнички воз, преполн со студенти, удри во товарен воз во 2023 година.
Десетици илјади луѓе се собраа во центарот на Атина за да побараат правда, објави „Прототема“.
Демонстрантите носеа црни балони и транспаренти со пароли: „Вие броите добивки. Ние броиме животи“.
Во Грција денеска почна 24-часовен штрајк на вработените во транспортот, бизнисот и училиштата, а се очекуваат масовни протести во целата земја на втората годишнина од железничката несреќа во Темпи, во која загинаа 57 лица.
Сите меѓународни и домашни летови беа суспендирани бидејќи контролорите на летање им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и на наставниците во 24-часовниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата.
Бизнисите се затворени, театрите ги откажаа претставите, а илјадници луѓе се очекува да излезат на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, како и во други градови, под силен полициски надзор.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, соопшти дека повикал на штрајкот „конечно да се спроведе владеењето на правото за да нема прикривање и одговорните да бидат казнети“, пренесува „Ројтерс“.
Истрагата за несреќата сè уште е во тек и никој не е осуден, а владата на премиерот Киријакос Мицотакис ја отфрла одговорноста одбивајќи да побара парламентарна истрага за политичка одговорност.
Регион
Дивеел на патот со два промила алкохол во крвта, бегал од полицијата и завршил во ѕид од куќа во Хрватска

Поради сторени сообраќајни прекршоци, 43-годишник е казнет со 1.970 евра и шест месеци забрана за управување со моторни возила од Б-категорија.
Во драматичен инцидент што се случил на 27 февруари околу 22.50 часот полициски службеници од Полициската станица Чаковец забележале автомобил како небезбедно свртува на пат.
Сомневајќи се дека возачот е под дејство на алкохол, полицијата со звучна и светлосна сигнализација се обидела да го запре возилото, но 43-годишниот возач одбил да застане и продолжил да вози по улицата. Поради несоодветната брзина, влажниот коловоз и намалената видливост во текот на ноќта, тој изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Автомобилот застанал дури кога со предниот дел удрил во ѕид од куќа. Во моментот на несреќата во куќата биле членовите на семејството, но нема повредени.
Полицијата извршила алкотестирање на возачот, при што било утврдено дека имал 2,01 промила алкохол во крвта. Веднаш бил приведен во полициска станица.