Македонија
Заев: „Отворен Балкан“ е иницијатива отворена за сите земји во регионот

Во Тирана денеска се одржува самитот на „Отворен Балкан“, кој почна со работна средба на лидерите на иницијативата, премиерот на Република Албанија, Еди Рама, како домаќин, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
„На самиот почеток на оваа иницијатива нагласивме: ‘Отворен Балкан’ е автентичен, заеднички процес на Северна Македонија, Албанија и Србија, но иницијативата е отворена за сите земји во регионот. Од првата средба во Скопје во јули и првото потпишување на договорите покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции, што несомнено го покажува нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи. Токму овој капацитет ќе го покажеме пред европските институции на патот на нашите евроинтеграции“, рече во своето воведно обраќање премиерот Заев.
На состанокот во Тирана ќе бидат потпишани повеќе мултилатерални и билатерални договори во насока на реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан.
На самитот учествуваат и комесарот за проширување и соседски политики на ЕУ, Оливер Вархељ, генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мејлинда Брегу, претставници на стопанските коморите на Албанија, Северна Македонија и на Србија, како и голем број претставници на деловните заедници од трите земји и регионот.
Во Тирана денеска ќе бидат потпишани договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, договорот меѓу владите на Република Албанија, Република Србија и Република Северна Македонија за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храната и фитосанитарната политика.
На овој амит на „Отворен Балкан“ ќе се потпишат и билатералните договори за признавање на одобренијата за овластен економски оператор за безбедност и сигурност меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и меѓу Република Албанија и Република Србија.
Во делегацијата на состанокот во Тирана се и заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свадба во струмичкиот затвор – осуденик го кажа судбоносното „да“

Во струмичкиот затвор денес се одржа невообичаен, но длабоко хуман чин – законска регистрација на брак на осудено лице кое моментално ја издржува затворската казна.
Настанот се реализира под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, како дел од заложбите за почитување на човековите права и обезбедување правна сигурност за сите, без исклучок, соопшти Управата за извршување санкции.
Со оваа регистрација, лицето се стекна со правен идентитет – важен предуслов за пристап до здравствена, образовна и социјална заштита, но и чекор напред кон успешна ресоцијализација.
Од Управата додаваат дека ваквиот чин е резултат на добра координација меѓу затворската управа, стручните служби и релевантните институции, и покажува дека и во пенитенцијарниот систем постои волја за хуманост, инклузивност и правичност.
Македонија
Нов ЕХО апарат на гинекологија во Чаир за побрза и попрецизна дијагностика

Специјалната болница за гинекологија „Мајка Треза“ во Чаир доби нов ЕХО апарат, со кој значително се подобрува дијагностиката кај бремените жени и пациентките со гинеколошки проблеми.
Апаратот, вреден над 3,5 милиони денари, е обезбеден со поддршка од АД МЕПСО, која донираше над 2,7 милиони денари, како и со сопствени средства на болницата во износ од 800 илјади денари.
„Со новата апаратура ја зајакнуваме грижата за здравјето на жените, токму таму каде што е најпотребно. Зад секој апарат стои грижата за секоја жена, за секоја бремена мајка, за секој нов живот“, изјави министерот Азир Алиу за време на денешната посета на установата, придружуван од директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Оваа инвестиција претставува чекор кон унапредување на квалитетот на здравствените услуги и грижата за женското здравје.
Македонија
Со метален предмет го убил брата си, па го закопал во дворот од заедничката куќа: расчистено убиство во Кавадарци

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И..
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.