Македонија
„Отворен Балкан“ – единствениот пазар на труд станува реалност, чекањето на границите се сведува на минимум
Лидерите на трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“, македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Албанија и домаќин на самитот, Еди Рама, заедно со нивните тимови, денеска во Тирана потпишаа пет договори што беа најавени на промоцијата на „Отворен Балкан“ во Скопје во јули годинава.
Како што информираат од владината прес-служба, денеска во Тирана меѓу владите на Албанија, Србија и Северна Македонија се потпишани договорот за условите за слободен пристап до пазарот на труд на Западен Балкан, договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан и договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храната и фитосанитарната политика.
„Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан ќе им овозможи на граѓаните од овие три земји слободно да се движат и да работат во земјите потписнички на договорот. Со одредбите од договорот се поедноставуваат процедурите за еднаков пристап до пазарот на трудот во регионот по примерот на ЕУ, со што се прави чекор повеќе кон прифаќање на вредностите и практиките во Европската Унија.
Со договорот за услови за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан им се овозможува на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на овие земји преку креирање електронска идентификација ‘Отворен Балкан’, остварување на можноста за пристап до пазарот на труд во трите земји, како и за други услуги од сферата на бизнисот и други области од заеднички интерес за граѓаните од регионот.
Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедност на храната и фитосанитарната политика ги уредува формално-правните аспекти на ова прашање и ќе ја олесни трговијата сo животни, храна и добиточна храна од животинско, неживотинско и мешано потекло, растенија, растителни производи и други објекти и предмети“, се наведува во владиното соопштение.
Покрај тоа, за исполнување на одредбите и за ефикасност во остварување на придобивките од овие договори, денеска во Тирана се потпишани и билатералните договори меѓу македонската Влада и Советот на министрите на Албанија и меѓу владите на Албанија и Србија за заемно признавање одобренија за овластен економски оператор за безбедност и сигурност.
„Со овие договори се воспоставува соработката, заснована врз заеднички стандарди и заемно признавање на резултатите од спроведените контроли и ќе претставува средство за олеснување на легалната трговија и ефикасно спречување на недозволената трговија и царинските неправилности во државите потписнички на спогодбата, но и пошироко.
Овие договори носат повеќе придобивки, како што се полесен пристап и поедноставни царински постапки, намален број на физички и документациски контроли од царинските органи, избор на местото за контрола, како и други директни и индиректни поволности.
Сето ова треба да придонесе за остварување на целите на регионалната соработка, како што се намалување на времето на спроведување на царинските постапки за стоките, намалување на трошоците за увоз и извоз, зголемување на конкурентноста и поголема интеграција на македонските компании на националниот, регионалните и на европските пазари“, се наведува во соопштението од самитот.
На состанокот на лидерите на трите земји од „Отворен Балкан“, што претходеше на потпишувањето на договорите, беше истакнато дека од првата средба во Скопје во јули до потпишувањето на договорите, денеска, во Тирана, владите на Албанија, Србија и Северна Македонија силната политичка волја ја трансформирале во ефикасни резултати на институциите за спроведување брзи и напредни реформи и политики за регионална соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

