Македонија
(Видео) Пендаровски: Да не се брза со решавање на проблемот со Бугарија
Претседателот Стево Пендаровски смета дека во решавањето на спорот со Бугарија не треба да се брза бидејќи, според него, кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник.
Тој вели дека наместо тоа, треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на граѓаните. Според него, не држат тезите дека пролонгираната состојба на статус кво може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата.
„И, доколку ваквата ситуација потрае, нам не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон пејпери што некои упорно ги лиферуваат. Откако нашиот пат кон ЕУ беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите, и на власт и во опозиција, во последните две години, освен разочарани, станавме и опседнати за тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние што во изминатите децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и, искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани“, порача Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.
Тој нагласи дека се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник.
„Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија избори и независно од емоциите што ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика што ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација, што е сериозно обвинување, кое, се разбира, нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави, кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји членки на Европската Унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој, ако постои, би бил рамен на геноцид“, рече претседателот во обраќањето, на кое присуствуваа и високи државни функционери, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

