Македонија
Обвинителството бара притвор за Мијалков

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бара притвор за Сашо Мијалков по денешната одлука на Апелацискиот суд – Скопје со која беше прифатена жалбата на Сашо Мијалков и е преиначено решението за притвор и тој е ослободен со гаранција од 11 милиони евра.
„По денешната одлука на Апелацискиот суд Скопје со која беше прифатена жалбата на Сашо Мијалков и е преиначено решението за притвор, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување на мерката притвор за Сашо Мијалков, обвинет за помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 в.в. чл.24 од Кривичниот законик во предметот познат во јавноста како ‘Плацовите на Водно’“, стои во соопштението од оваа институција.
Имено, како што велат од таму, обвинителот цени дека и покрај дадената гаранција и определените мерки за обезбедување, сè уште постои опасност од бегство и во таа насока го достави предлогот за притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Маврово – Дебар

Од 15:05 часот сообраќајот на регионалниот пат Р-1202, Маврово – Дебар, кај местото викано „Ростушко анче“ е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно поради незгода, сообраќајот на патот беше во целосен прекин.
Македонија
Украл накит, часовници, компјутери, пари и други предмети во вредност од 296.000 денари од куќа во Скопје, побаран притвор

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради основано сомнение дека извршило кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 23-годишник, на 02.01.2024 година, провалил во куќа на улицата „Востаничка“ во Скопје, така што со помош на пластична маса се качил на балконот од првиот кат на куќата и насилно го отворил прозорецот. Потоа пребарувал низ собите и одзел накит, шест рачни часовници, два лаптоп компјутери, други вредни предмети и парични средства во износ од 1000 евра. Вкупната вредност на одземените предмети е проценета на 296.000 денари.
Потоа преку споредна врата ја напуштил куќата и повеќе од една година не бил достапен за полицијата. Имајќи предвид дека токму оваа околност укажува на ризикот осомничениот повторно да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, како и фактот дека против него се поднесени пријави и за други дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Минчев потпиша меморандум во Црна Гора: Целта е да се придонесе кон поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции

Министерот за јавна администрација на Република Македонија, Горан Минчев, денес во Подгорица потпиша Меморандум за соработка со неговиот црногорски колега, министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај.
Преку овој меморандум, двете земји ја формализираат меѓусебната соработка во клучни области како дигитализација на јавните услуги, управување со човечки ресурси, добро управување, транспарентност и професионализација на јавната администрација.
„Овој документ не е само формалност – тој е патоказ за заедничка иднина, за зајакнување на институционалните капацитети и за ново поглавје во билатералните односи помеѓу Република Македонија и Црна Гора“, изјави Минчев.
Меморандумот предвидува размена на искуства, експертиза и најдобри практики, како и заедничка реализација на проекти поддржани од Европската Унија и меѓународни партнери.
Целта е да се придонесе кон поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции, соопштуваат од Министерството.
„Реформата на јавната администрација не е само внатрешна обврска, туку и надворешен сигнал – дека нашите институции се подготвени за европските стандарди, за модерно управување и вистински партнерства во регионот.“ – додаде тој.
Министерот упати благодарност до црногорските домаќини за нивното партнерство и за споделената визија за модерна, резултат-ориентирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните.
„Од Подгорица испраќаме заедничка порака: јавната администрација мора да биде двигател на интеграцијата, не нејзина пречка.
Професионализмот, транспарентноста и ефикасноста – не се луксуз, туку предуслов за стабилност, економски развој и членство во ЕУ.“
Оваа соработка претставува важен чекор кон зацврстување на регионалните врски и заедничко приближување кон европската иднина, се додава во соопштението на Министерството.