Македонија
Мицевски: На пратениците во Собранието им е скратено правото да поставуваат пратенички прашања

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на пратениците во Собранието им е скратено правото да поставуваат пратенички прашања. Во Собранието на Република Македонија, посочи тој, последен пат седница за поставување пратенички прашања имаше на 30 јули оваа година.
„Дури пет месеци, ако го броиме и декември, на пратениците им е скратено правото да поставуваат пратенички прашања. Од 17 месеци Влада, 8 пати имало поставување пратенички прашања“, нагласи Мицевски.
„Денес, Владата повторно сака да избега од одговорност, сака да избега од соочување со проблемите што ги мачат граѓаните, сакаат да избегаат од скандалите и аферите за кои станаа рекордери. Иако Владата е во оставка, според Уставот, нема никаква пречка да се одржи седницата за пратенички прашања и владините функционери да дадат одговори на прашањата од пратениците. Денес, Зоран Заев и неговите министри избегаа од одговори што треба да ѝ ги дадат на јавноста, а се однесуваа за криминал, корупција, надворешна политика, енергетска криза, како и локални проблеми што ги мачат граѓаните“, истакна Мицевски.
Како пример, рече тој, денес Заев избегал од одговор за прашањето за 5+1 пакетот одговори, што македонската страна го прати до Бугарија.
„Никој не знае што содржи овој пакет, никој не знае дали Владата повторно се согласила на некои отстапки кои се однесуваат на идентитетот и јазикот и дали ги прифатила условите на бугарската страна за деблокирање на патот на Македонија кон ЕУ“, додаде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ставен под контрола пожарот во парк-шумата Гази Баба

Попладнево избил тежок пожар во парк-шумата Гази Баба веднаш до ПМФ, изјави Стојанче Ангелов директор на ДЗС.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али информира дека кога стасал, на местото веќе биле пожарникарите на Град Скопје и доброволното друштво Чаир, со чија интервенција како што рече, пожарот на Гази Баба за два часа бил ставен под контрола.
Директорот на ЦУК соопшти дека на терен е дежурна екипа која ќе набљудува дали ќе има потреба од нова интервенција.
Македонија
Гаши-Дир: Поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес оствари средба со украинската амбасадорка во Република Северна Македонија, Лариса Дир. На средбата стана збор за состојбата во Украина во однос на целосната руска агресија, како и можностите за натамошно унапредување на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина.
Гаши ја потврди безрезервната поддршка за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и напорите за воспоставување на сеопфатен, праведен и траен мир во земјата. Тој се осврна на плодната соработка меѓу двата парламента, на билатерален и мултилатерален план, како и улогата на пратеничките групи за пријателство и соработка. Гаши, исто така, го подвлече значењето на Интерпартиската парламентарна група на Собранието на Република Северна Македонија за поддршка на Кримската платформа.
Амбасадорката Лариса Дир се заблагодари за севкупната поддршка и за досегашната помош од нашата земја и изрази очекување дека тие ќе продолжат и во иднина. Таа нагласи дека поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ. Во таа насока, амбасадорката информираше за претстојните меѓународни состаноци на кои се очекува учество на високи претставници од нашата земја, меѓу кои и Четвртиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, што ќе се одржи во ноември годинава во Стокхолм.
Претседателот Гаши и амбасадорката Дир се осврнаа и на европската интеграција на двете земји и можностите за соработка на ова поле. Тие се согласија дека Северна Македонија и Украина имаат одлични билатерални односи, со голем потенцијал за натамошно унапредување на соработката во различни полиња од заемен интерес.
Македонија
Кривична пријава против директор на училиште во Липково за злоупотреба на службената положба и овластување

Полицијата поднесе кривична пријава против директор на училиште во Липково за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според информациите од МВР, СВР Куманово поднесе кривична пријава против Г.Г.(51) од с.Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во текот на 2024, пријавениот, како директор на основно училиште во Липково, склучил договор за вработување, без претходно да обезбеди финансиски средства од Министерство за финансии и без објавување на јавен оглас, оштетувајќи го буџетот на државата во вкупен износ од 577.550 денари.