Македонија
Мијалков преку жалба до апелација ќе си ја бара слободата, новиот притвор бил поради контакти со странски служби

Сашо Мијалков бара да биде ослободен од притвор преку нова жалба до Кривичниот совет на апелација. Ова доаѓа откако вчера од второстепениот суд му беше укинат притворот за случајот „Трезор“, а по неколку часа, првостепениот суд му одреди нов притвор од триесет дена за случајот „Плацови на Водно“, за кој е осуден.
Адвокатот Петар Василев, кој го застапува Мијалков, посочува дека неговиот клиент не бил повикан да се произнесе за предложениот притвор и тоа го опиша како немање доблест на судот бидејќи иако го одобриле, предлогот бил неоснован и непотребен.
„Во овој контекст се создава неконзистентна правна пракса. Не може ставот на повисок суд да не биде ценет од понизок суд. Тоа е спротивно на Европската конвенција за човекови права. Ќе ги преземеме сите правни мерки за оваа работа да ја истераме на чистина. По повод жалбата што е поднесена денеска, убедени сме дека апелација ќе остане на својот став бидејќи по предлогот на јавниот обвинител, апсолвирани се прашањата за бегството, недостапноста и во врска со тоа дека поради тоа што Милјаков имал голем имот во Македонија и надвор од неа, можел да се даде во бегство. Имотот што е влезен во гаранцијата што е запишана и правосилна, каде што се обезбедуваат плати и придонеси на повеќе од 350 вработени и семејства, судот го цени како можност за бегство, а не како можност дека токму поради тој бизнис нема ниту намера да се даде во бегство“, рече Петар Василев.
Адвокатот Sвонко Давидовиќ вели дека сега кон Мијалков се применети сите мерки за обезбедување присуство – притвор, гаранција, повремено пријавување во судот, одземена патна исправа. Тој вели дека имотот на Мијалков ќе остане под хипотека затоа што решението на апелација не може да се укине.
„Мијалков беше држен во притвор неколку часа, без да има активна мерка. Во 14 часот беше впишана гаранцијата во Агенцијата за катастар, а во 21 часот беше донесено новото решение на Кривичниот суд, во кое стои дека поради контакти со странски разузнавачи и особено со израелската тајна служба, постои опасност од бегство. Некако Кривичниот суд посочува странска држава и служба дека може да учествува во кривично дело. Нема доказ за контакти“, рече Давидовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Две милијарди денари за инвестиции во образованието

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со ветувањето за подобрување на инфраструктурата во образованието и активностите што се преземаат на тој план, изјави:
„Што се однесува до Министерството за образование, тука имаме инвестиции од околу 2 милијарди денари, седум комплетно нови училишта и 20 кои се реновираат, четири нови спортски сали, два студентски дома.
Дел од билатералниот стратешки договор со Обединетото Кралство, изградба на нов медицински факултет во рамките на новиот клинички центар во Штип и студентски дом со 200 легла. И очекувам оваа година да продолжи изградбата на зградите на факултетите ФИНКИ и ФФК при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, но и почетокот на изградбата на комплексот на Универзитетот ‘Мајка Тереза’“, изјави премиерот.
Македонија
Ѓорѓиевски: „Покрсти“ ќе биде новата омилена туристичка дестинација на Скопје

Општина Кисела Вода интензивно работи на изградбата на новото рекреативно и туристичко место – „Покрсти“, кое наскоро се очекува да прерасне во омилена дестинација за љубителите на природата и рекреацијата од цело Скопје, велат од Општината.
„Сместена во зелена околина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината, локацијата „Покрсти“ го добива свој нов лик. Веќе е изградена асфалтирана рекреативна патека, а во тек се активностите за уредување на плоштад, велосипедски патеки и поставување на урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и други содржини кои ќе овозможат пријатен престој за сите посетители.
Локацијата има и традиционално значење, бидејќи токму по патеката „Покрсти“ секоја година се движат стотици верници на вториот ден по Велигден. Со реконструкцијата, патеката која се протега во должина од над 8 километри ќе стане уреден простор за пешачење и велосипедизам, со што ќе се подигне и нејзината функционалност преку целата година. Овој проект е дел од пошироката стратегија на општина Кисела Вода за развој на спортско-рекреативни капацитети, заштита на животната средина и поттикнување на домашниот туризам“, информира Општината.
„Големите дела се остваруваат со упорност, посветеност и многу љубов. Покрсти е место со духовно значење, со природна убавина и огромен потенцијал. Сакаме да го вратиме сјајот на оваа локација и да го направиме достапно и пријатно за сите – за спортисти, семејства, туристи, рекреативци. Верувам дека Покрсти ќе стане вистинска атракција за нашата општина и за целиот град“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Мицкоски очекува на 24 јуни Бугарите да го повлечат барањето пред македонскиот јазик и идентитет да стои „сегашен“: Ете им прилика на дело да го покажат она што го зборуваат

Премиерот Христијан Мицкоски нема голема верба во она што го зборуваат Бугарите за спорот околу идентитетот и јазикот оти од официјална Софија стигнуваат многу различни пораки. По изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев во Тирана во која вели дека не станува збор за вето или блокада, туку за потреба од исполнување на обврските од преговарачката рамка кои земјава веќе ги прифатила, Мицкски вели дека Бугарите на 24 јуни имаат прилика на дело да го покажат она што го зборуваат.
„Нашите стари рекле помалку случај што зборуваат, повеќе гледај што работат. Еве имаме таква можност да го покажат тоа што го зборуваат, на 24 јуни на комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент се наоѓа извештајот во кој што очекувам бугарските членови на Европскиот парламент да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или презент, и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и патоказот на малцински права кој што многу скоро ќе биде на дневен ред. Ете имаат можност тоа што го зборуваат и на дело да го покажат“, рече премиерот Мицкоски денес при посетата на Битола.
Во име на добрососедските односи, премиерот Мицкоски очекува бугарската страна да прифати средба во рамките на состанокот во Хаг, да разговараат и за Коридорот 8 за и таму да тргне работата и овој проект да им биде приоритет.
Бугарскиот претседател, Румен Радев, вчера во Тирана изјави дека нема да има значајни поместувања во однос на евроинтеграцијата на Северна Македонија доколку не се испочитува Преговарачката рамка. Тој нагласи дека Бугарија не поставува нови услови, туку инсистира на целосно спроведување на веќе усвоените договори – како што се Договорот за добрососедство од 2017 година, два билатерални протоколи, и Преговарачката рамка од 2022 година.