Македонија
Локалитетот Крст во Кучково добива нов лик
Локалитетот Крст во Кучково добива амфитеатар, пешачки патеки, канделабри, хортикултурно уредување, а за Ѓорче Петров се набавува и комунално возило за зимско одржување улици и патишта во општинските средини.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, и министерот за финансии, Фатмир Бесими, го потпишаа договорот за реализација на проектот. Целта со уредувањето на локалитетот во Кучково е да стане место што ќе може да се користи за едукативни и културни настани, но и за туристички цели.
„Со проектот ќе се уреди просторот од 5.456 квадратни, ќе има партерно уредување, ќе се изгради амфитеатар, платформи, ќе има монтажни тоалети, нови пешачки патеки и адаптација на постојната, ќе се постават канделабри за осветление, урбана опрема сосе велосипедски паркинзи. Сакаме локалитетот Крст во Кучково да биде ново урбано катче, каде што не само ѓорчепетровци туку и скопјани ќе се собираат, спортуваат, едуцираат, рекреираат. Од ова придобивка ќе имаат и жителите бидејќи го развиваме Ѓорче со уште повеќе можности“, вели Стојкоски за проектот во Кучково.
Набавката на комуналното возило за зимско одржување на улиците и патиштата во руралните средини во Ѓорче Петров исто така ќе значи многу за сите жители.
„Станува збор за мултифункционално возило, кое ќе може да се користи во текот на целата година за превоз на други материјали во зависност од потребите. Со неговата набавиме ќе имаме и заштеди во делот на склучување договори за одржувања со компании по пат на тендери“, посочи Стојкоски.
Средствата за набавката на возилото и уредувањето на Кучково се дел од неповратен грант финансиран од Светската банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

