Македонија
Филипче: Не се потребни дополнителни ковид-мерки, ситуацијата е прилично мирна

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ниту поради омикрон-сојот на Ковид-19, ниту поради кој било друг сој не треба да се прават дополнителни рестрикции во државата.
„Сметам дека сите земји во светот треба да научат да живеат со општите превентивни правила и зголемување на степенот на вакцинација и тоа е излезот од оваа криза. Не може ние за секој еден сој, без разлика на карактеристиките до оној момент додека не ја влошува ситуацијата, да воведуваме дополнителни рестриктивни мерки“, кажа Филипче по посетата на Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир.
Тој оценува дека задолжителната вакцинација и мерките за патување, како и претпазливоста да не се преполнуваат затворените простории, се сосем доволни.
„Животот постепено се нормализира, некаде целосно е нормализиран и сметам дека овие превентивни мерки се сосем доволни“, додаде Филипче.
Истакна дека олеснување за следниот министер за здравство е тоа што нема голем број пациенти во ковид-центрите.
„Замислете да имаше огромен број пациенти и преоптоварени ковид-центри. Сега ковид-центрите не се полни зошто нема пациенти, нема приеми ниту во ковид-центрите во Скопје, ниту ширум државата. Во огромен број од инфективните одделенија практично нема хоспитализирани“, потенцира Филипче.
Дел од пациентите кои се дијагностицирани, додаде тој, се праќаат на домашно лекување зошто имаат полесна клиничка слика.
„Ситуацијата е прилично мирна, Комисијата за заразни болести ќе ја прати ситуацијата и ако има потреба, секако ќе се предложат мерки“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бројот 192 моментално не е во функција, граѓаните кои имаат потреба, да го користат 112, велат од МВР

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека бројот 192 поради технички причини моментално не е во функција и се преземаат мерки за нивно отстранување.
„Ве информираме дека во функција е бројот 112 и граѓаните кои имаат потреба можат да го користат овој број“, додаваат од МВР.
Македонија
Пожарот во Вардариште е во голема мера изгаснат, полека се враќа протокот на струјата

Пожарот во Вардариште е во голема мера изгаснат, но БППЗ Скопје во моментот се уште вршат догаснување, извести Центарот за управување со кризи.
„ЕВН дел по дел полека го враќаат протокот на струјата во нисконапонскиот дел во нормала. За краток период се очекува целосно нормализирање на состојбите“, соопшти ЦУК.
Македонија
Македонските научници и истражувачи ќе соработуваат со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија

Македонија ја продлабочува соработка со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC). Неодамна потпишаниот договор помеѓу Министерството за образование и наука и овој рефернтен центар за наука и истражување на ЕУ, отвора нови перспективи за македонските научници и истражувачи. Тие добиваат поголеми можности за вклучување во европските истражувачки мрежи каде ќе можат да работат на проекти од области како енергетска безбедност, одржливи материјали за изградба на одржливи згради и инфраструктура, индустрија 4.0 и паметна специјализација.
За да се запознаат научниците и истражувачите со условите и начинот на кој можат да добијат поддршка од JRC, денеска на Машинскиот факултет во Скопје беше организиран инфо ден, на кој се обратија деканот проф. д-р Златко Петревски, претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и заменик генерален директор на Заедничкиот истражувачки центар, Матијас Оел.
Според деканот Петревски, настанот претставува значаен чекор напред во отворањето на македонското научно-истражувачко општество кон европските мрежи на знаење и иновации. Рече дека им се овозможува на македонските истражувачи да пристапат до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти од клучно значење за развојот на државата.
„Соработката меѓу Македонија и Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија влегува во нова ветувачка фаза. Мојата неодамнешна посета на институтот во Испра ја потврди нашата посветеност за продлабочување и проширување на ова партнерство и со големо задоволство тоа го официјализираме со Рамковен договор за истражување, кој ќе биде од клучна важност за спроведување на Стратегијата за паметна специјализација на државата”, рече министерката Јаневска.
Посочи дека соработката дополнително ќе ја промовира мобилноста на истражувачите, нудејќи можности за докторски и постдокторски кандидати од земјава да бидат сместени во научните директорати на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
„Без силна наука и без силно образование, не можеме да имаме силен раст на државата, не можеме да имаме раст на економијата, а со самото тоа понатаму и во другите сектори. Добро е што ќе има размена на научници. Добро е што наши научници ќе патуваат надвор, од надвор ќе доаѓаат научници кај нас. Со тоа се прави трансфер на знаење, се прави мрежа, се публикуваат научни трудови, се помага на индустријата. Тоа е многу важно да се каже дека сите овие научни достигнувања, коишто очекуваме да бидат резултат од овој проект, да помогнат на развојот на индустријата, со тоа и на економијата“, рече премиерот Мицкоски.
Здружениот истражувачки центар е референтен центар за наука и технологија на ЕУ, кој обезбедува независна научна и техничка поддршка за креирање и спроведување на политиките на Унијата. Центарот е вклучен и во процесот на нејзино проширување, преку соработка со земјите апликанти обезбедувајќи им техничка поддршка за ефикасно имплементирање на европските закони во областа на науката и технологијата. Центарот има седум институти во пет земји на ЕУ (Белгија, Германија, Италија, Холандија и Шпанија) кои покриваат широк спектар на теми, вклучувајќи: Одржлив развој и климатски промени; Иновации и технологија; Енергетика и транспорт; Здравство и безбедност на храна; Дигитална трансформација.