Македонија
Мицевски: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница за пратенички прашања

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница за поставување пратенички прашања, реагираше денеска координаторот Никола Мицевски.
„Откако Владата во оставка избега од седницата за поставување пратенички прашања со образложение дека Владата е во оставка, пратенички прашања не можеше да се постават ниту на носители на јавни функции кои се бирани од Собранието. Со откажувањето на седницата за пратенички прашања, се оневозможи да поставиме пратенички прашања дури и на именувани функционери коишто и покрај оставката на Владата остануваат на своите функции“, рече Мицевски.
Во Собранието на Република Македонија, посочи тој, имаме заменик-министри кои иако се во оставка, се присутни на седница како подносители на законски решенија.
Ова, смета тој, се двојни стандарди со цел да се заштитат Зоран Заев и министрите и да не дадат одговори за низа скандали, афери и штетни политики од кои, како што рече, избегале откако беше откажана договорената седница за пратенички прашања која требаше да се одржи минатиот четврток.
Затоа, информираше Мицевски, поднеле барање да се одржи седница за пратенички прашања а од носителите на именувани функции, побара да дојдат и да дадат одговори на пратениците и граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.