Економија
Земјоделците можат да аплицираат за финансиска поддршка за набавка на системи за наводнување

Од денеска до 27 јануари 2022 година земјоделците ќе може да аплицираат за добивање финансиска поддршка од Прогарамата за рурален развој преку мерката 121.4 Набавка на систем капка по капка, конструкција на бунари и други зафати на површинска вода.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, информира дека за добивање на оваа поддршка може да аплицираат сите земјоделци кои се евидентирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства.
„Сите заинтересирани барањата може да ги поднесат електронски на e– baranje.ipardpa.gov.mk. Максималната сума која може да ја земе поединечно секое земјоделско стопанство за систем за наводнување е до 1.800.000 денари, додека финансиската поддршка за инвестиции во бунари или зафати за површинска вода е до 364 илјади денари по корисник“ , информира Бачовски.
Со овие средства може да се набават подземни и надземни системи за наводнување капка по капка, набавка на приклучна опрема (филтри, пумпи, цевки и спојни елементи), опрема за електрична инсталација за снабдување со струја вклучително и енергетска ефикасност, агрегати или генератори и придружна инсталациона опрема, софтвери за управување и контрола на системот за наводнување, градежни зафати за бунари, изработка на студии и елаборати.
Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот, а е во висина од 50 до 70 отсто од вредноста на одобрените и прифатливи трошоци за инвестиции. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за различни мерки од Програмата за рурален развој. Барателите не смеат да почнат со реализација на инвестицијата пред да потпишат договор со АФПЗРР. Краен рок за доставување на барањата е 27 јануари 2022 година. Барањата кои не се поднесени електронски нема да бидат разгледувани, додаваат од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“

Премиерот, Христијан Мицкоски, најави дека се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“.
„Денес, заедно сведочиме на уште една позитивна приказна за македонската економија. „Реплек“, еден од симболите на континуитет, квалитет и професионализам, во годината кога слави 80 години постоење, прави нов, визионерски чекор напред. Со новиот фармацевтски производствен блок, „Реплек“ не само што го модернизира и автоматизира својот производствен процес, туку го зголемува капацитетот за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за значајни 25 проценти. Тоа значи нова технологија, поголема ефикасност, повисоки стандарди, но и нова потврда дека нашата земја има потенцијал и капацитет за индустриски раст“, рече премиерот.
Според него, оваа инвестиција има особена тежина, затоа што е домашна. Мицкоски кажа дека станува збор за македонски капитал, за македонска компанија, за вложување во иднината на македонската индустрија.
„Ние веруваме дека силна економија се гради не само со странски капитал, туку и со грижа за својот – за секој што решил да остане, да вложи, да создаде тука, во Македонија. „Реплек“ е пример за тоа, пример што инспирира и мотивира“, рече Мицкоски.
Економија
Божиновска: Зелената транзиција веќе почна и Македонија води

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој е насочен кон продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји, со фокус на инвестиции во инфраструктурата и енергетиката.
Во рамки на пленарната сесија и панелот посветен на енергетската транзиција и циркуларната економија, Божиновска ги презентираше плановите и резултатите на Македонија во доменот на обновливите извори на енергија, укажувајќи дека земјата веќе е препознаена како лидер во регионот со над 1000 MW инсталирани капацитети.
„ Тоа не е случајност – туку резултат на сериозни реформи и инвестиции во државни капацитети и во партнерство со приватниот сектор.“, истакна министерката.
Заклучно со 2024 година, во земјата функционираат вкупно 1.494 електроцентрали на обновливи извори со комбинирана инсталирана моќност од 1.663 MW, што претставува 56% од вкупната инсталирана електроенергетска моќност во државата.
Особено е забележителен порастот на фотонапонските централи, чиј удел во производството постојано расте.
Меѓу клучните државни проекти што ги најави Божиновска се изградбата на сончева електрана од 200 MW, нов ветерен парк во Миравци од 100 MW, како и проширување на ветерниот парк „Богданци“. Таа го најави и почетокот на нови приватни инвестиции, меѓу кои ветерниот парк на „Алцазар Енерџи“ со капацитет од 400 MW и соларниот парк „Стипион“ на „Акуо Енерџи“ од Франција со планирани 360–400 MW.
Министерката подвлече дека mинистерството воведува ново стратешко планирање преку новиот Закон за енергетика, кој предвидува годишни и долгорочни планови за развој на нови капацитети, со цел да се обезбеди предвидливост и стабилност и за државата и за инвеститорите.
„Без силна и модерна енергетска мрежа, капацитетите од обновливи извори нема да можат да се интегрираат. Затоа инвестициите во преносната и дистрибутивната мрежа се наш апсолутен приоритет“, рече Божиновска, најавувајќи нов 10-годишен план за развој на мрежата и воведување на батериски системи за складирање на енергија како задолжителен дел за сите нови капацитети.
На форумот се дискутираше и за нови можности за италијанските компании во областа на енергетиката и инфраструктурата, а беа отворени теми за регионално поврзување,
заеднички проекти и засилување на јавните и приватните партнерства во духот на зелената транзиција.
Економија
Димитриеска-Кочоска во работна посета на Луксембург на состанокот на Конституенцата на ММФ и Светска банка

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, од денеска до 4 јули 2025 година ќе престојува во работна посета на Луксембург, каде ќе учествува на редовниот состанок на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка.
РС Македонија, е дел од Холандската конституенца, а министерката за финансии ја претставува земјава во Одборот на гувернери на Светската банка.
На маргините на состанокот, министерката ќе оствари билатерални средби со високи претставници на меѓународните финансиски институции и со министри за финансии од земјите членки на Конституенцата.
Средбите ќе бидат посветени на актуелните глобални економски предизвици, на политиките за одржување на макроекономската стабилност и забрзување на економскиот раст, како и на поддршката за реформските процеси во РС Македонија.
Учеството на вакви состаноци претставува значајна можност за унапредување на соработката со ММФ, Светска банка и другите членки на Конституенцата, како и за презентирање на макроекономските политики и реформската агенда на Владата, соопшти Министерството за финансии.