Економија
Занаетчиите против законското решение недела да биде неработен ден
„Во услови на пандемија и економска криза се воведе законско решение за недела како неработен ден коешто воопшто не е поволно за одредени занаетчиски дејности. Со измените и дополнувањата на Законот за работни односи (Сл. Весник бр.288/21) од 1 јануари 2022 година се воведе недела како неработен ден за работниците во целиот занаетчиски сектор. В недела ќе можат да работат работниците во пекарниците, слаткарниците, печатниците и фотографите, сите останати се исклучени од можноста да работат во недела”, стои во соопштението од Занаетчиската комора Скопје.
Тие додаваат дека работодавачите од листата на дејности на коишто им е дозволено да работат во недела согласно измените на Законот за работни односи, на работниците треба да исплатат додаток на плата за работа во недела којшто изнесува 50% за секој час поминат на работа.
Исто така стигаат реакции од занаетчиите доколку се реализира најавата за зголемување на минималната плата во 2022 година, ќе се зголеми и износот на додаток за плата во недела и тие едноставно нема да можат да го издржат финансискиот товар и ќе мора да отпуштат дел од вработените во занаетчиските бизниси, истакна Анета Атанасовска – Занаетчиска комора Скопје.
Работното време на носителите на занаетчиските бизниси – занаетчиите се уредува согласно чл.6 од Законот за занаетчиство каде што стои дека Советот на општината го определува работното време на занаетчиските дејности во зависност од месните потреби и обичаи и немаат обврска да го пријавуваат работното време во Централниот регистар.
Од Занаетчиска комора Скопје наведуваат дека занаетчиите како самостојни вршители на дејност согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување плаќаат придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонес за задолжително здравствено осигурување и дополнителен придонес за задолжително осигурување во случај на повреда и професионално заболување, а не се обврзани да исплаќаат плата за себе како самовработено лице, ниту да исплаќаат регрес за годишен одмор за себе, што значи дека не се третираат како работници согласно ЗРО.
На терен занаетчиите ќе имаат проблем со инспекциските служби затоа што ќе има најразлични толкувања од страна на инспекцијата затоа што измената на Законот за работни односи има многу нејасни одредби.
„Реално има услужни занаетчиски дејности и занаетчиско производство кои мора да функционираат и во недела кога мора да се испорача одредена услуга, како фризура, шминка, цветен аранжман за свадба, нарачка за пекарски, слаткарски производи или кетеринг , и наједноставно како на еден занаетчија ќе му забраните да си го отвори својот дуќан во недела и да работи самиот тој сопственик на дуќан од дејностите кои не се предвидени во листата, без разлика за која дејност станува збор ? Законското решение е селективно затоа што дозволува одредени дејности кои се во моловите да работат, а иста дејност со деловно седиште во деловен простор којшто не е во мол не може да работи“, реагираат членовите во Занаетчиската комора Скопје од најразлични сектори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

