Економија
Бектеши: Обезбедени 60 милиони денари за над 7.500 домаќинства, кои ќе добиваат намалени сметки за струја
Обезбедени се 60 милиони денари за над 7.500 домаќинства со ниски приходи, кои ќе добиваат намалени сметки за струја, соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши.
Тој на прес-конференција во Владата информира за Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2022 година, која беше усвоена од Владата.
Во услови на прогласена криза во снабдувањето со електрична енергија, Министерството за економија со оваа програма годинава првпат воведува парична помош за најранливите категории лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош во согласност со законот, истакна Бектеши.
„Во согласност со програмата за која се предвидени 60 милиони денари, односно еден милион евра, финансиска поддршка ќе им се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето-приходот, и тоа: за самец до 15.194 денари, за домаќинство со два члена до 18.000 денари, за домаќинство до три члена до 21.000 денари, за домаќинство со четири члена до 25.000 денари и за домаќинство со пет и повеќе члена до 30.000 денари.
Лицата со ниски примања за самец, домаќинство со два члена и за домаќинство до три члена се стекнуваат со намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари месечно, а лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена и за домаќинство со пет члена и повеќе члена се стекнуваат со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 800 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето“, е наведено во официјалното сопштение.
Вупната финансиска поддршка од 60 милиони евра ќе биде распределена на следниот начин: 10 % од вкупните средства ќе бидат наменети за самци, 10 % од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со два члена, 10 % од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со три члена, 50 % од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со четири члена, 20 % од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со пет и повеќе члена. Врз основа на тоа се проценува дека над 7.000 домаќинства ќе го остварат правото на финансиска поддршка во времетраење од 12 месеци, информираат од Министерството за економија.
За реализација на програмата, Министерството за економија следниот месец (јануари 2022) ќе распише јавен оглас, а доделувањето на финансиската поддршка ќе се врши по принципот на најниски примања во домаќинство во 2021 година во секоја од категориите сѐ до исцрпување на предвидените средства од буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година за оваа намена.
Податоците од решенијата во електронска форма Министерството ги доставува до универзалниот снабдувач со електрична енергија на месечна основа за сите корисници на финансиска поддршка и врз основа на овие податоци универзалниот снабдувач ќе доставува сметки за електрична енергија со намален износ, како што е утврдено во решенијата за секој корисник.
Доколку корисникот на финансиска поддршка не плати последователно две сметки, по предлог на комисијата, министерот донесува решение со кое се укинува решението за стекнување финансиска поддршка и за тоа се известува универзалниот снабдувач.
Бектеши потсети дека на претходната седница на Владата биле донесени измени на уредбата за кризна состојба во енергетскиот сектор, со што се овозможува во услови на кризна состојба „ЕВН хоме“ да не набавува електрична енергија од повластените производители на електрична енергија, кои користат обновливи извори на енергија, со што, како што дообјасни, се намалуваат трошоците за набавка на електричната енергија на „ЕВН хоме“ затоа што енергијата, наместо од повластените производители, ќе се обезбеди преку АД ЕСМ – Скопје по пониски цени од цените на повластените производители што произведената електрична енергија ја продаваат по повластени тарифи.
„Имајќи ги предвид високите цени на електрична енергија на отворениот пазар на електрична енергија, количините електрична енергија од повластените производители ќе се распределат кај сите преостанати снабдувачи и трговци. Со тоа ќе се зголеми делот од електричната енергија од повластените производители во вкупното портфолио на снабдувачите и трговците и тие ќе имаат финансиска корист затоа што просечната цена на електричната енергија од повластените производители во тековниот период е значително пониска од цената на електричната енергија на отворениот пазар“, изјави Бектеши.
Сакам да ги уверам граѓаните, додаде тој, дека рестрикции на електрична енергија нема да има.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска во Прага: Македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.
Економија
Царина со грант од Јужна Кореја ја унапредува контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит
Царинска управа се етаблира како лидер на Балканот со напреден Систем за анализа на ризик и податочен склад имплементиран со грант од Република Кореја во висина од 4,75 милиони долари кој ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија.
Системот овозможува унапредување на контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит, како клучно во сузбивање на сивата економија, разобличување на криминалот, заштита на финансиските интереси и полнење на Буџетот, како и олеснување и забрзување на легалната трговија.
Воедно, во случај цените на стоките да се пониски од берзанските, царинските службеници ќе добијат аларм за можна царинска измама. Ќе се овозможи и подобра детекција на профили со висок ризик во воздушниот сообраќај.
Ова беа клучните пораки на денешниот церемонијален настан на кој директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, заедно со генералниот директор на Корејска Царинска Служба, Ли Мјонг Ку го промовираа системот. Системот беше промовиран со одржување на состанок на највисоко ниво и во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, државниот секретар Андриана Матлиоска и амбасадорот на Република Кореја, Ким Донг Бе, по кој директорите на македонска и корејска Царина одржаа прес-конференција.
„Само годинава заклучно октомври, вкупната трговска размена изнесува 18 милијарди долари, што кажува за тежината на секојдневната работа на Царинската управа во олеснување на трговијата, при истовремено спречување на обидите за криминал. Овој систем ни е од исклучителна важност бидејќи со истиот се овозможува унапредување на анализата на ризик и подобра селекција и концентрираност на контролите на високоризични пратки, со што се овозможува олеснување и забрзување на легалната трговија. Сите податоци за целиот увоз, извоз, транзит, податоците за акцизна стока, целокупната евиденција на заплени, прекршочни и кривични пријави се интегрирани во Системот каде истите се анализираат со поддршка на напредна вештачка интелигенција. Воедно истиот обезбедува податоци за пратки чии вредности се различни од берзанските цени, но и чии вредности се под просечните согласно анализата на вредноста на целокупниот увоз, со што ги алармира царинските службеници за проверка на контејнерите со вакви пратки, се со цел да се спречат можни обиди за царинска измама“, истакна директорот Николовски на прес-конференцијата.
Воедно, како што истакнува Николовски се овозможува подобрување на квалитетот на податоците кои понатаму ќе бидат предмет на анализи и креирање мерки за подобрување на трговските политики како клучни за забрзување на растот на економијата.
Директорот на корејската Царина, Ли, вели дека најважно и уверен е во истото, системот ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија. Тоа не само што ќе придонесе државата да ја зацврсти својата позиција како лидер на Балканот со напреден царинско административен систем, туку и ќе биде инспиративен пример за силна царинска соработка и пријателство.
„Патот на овој проект до денешната церемонија на пуштање во употреба не би бил можен без посветеноста и блиското партнерство меѓу владите на Република Кореја и РС Македонија. Преку континуирана комуникација и соработка меѓу нашите две земји, денес тој конечно дава конкретни резултати. Од 2008 година, Царинската служба на Кореја го воведе нашиот систем за електронско царинење UNIPASS во 16 земји, со вкупна вредност од 329,37 милиони американски долари. Овој ODA проект во вредност од 4,75 милиони американски долари (6,1 милијарди корејски вони) за РС Македонија има особено значење, бидејќи претставува прво воспоставување на системот за електронско царинење на Царинската служба на Република Кореја во целиот европски регион. Воспоставен е интегриран информациски ресурс и систем за управување со ризици, со цел подобрување на оперативната ефикасност и обезбедување непречен проток на стоки во РС Македонија“, истакна директорот Ли.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.

