Економија
Германците минатата година преку заштеди направиле рекордно богатство

Германците дополнително ги зголемија заштедите во изминатата година, така што нивното богатство порасна на рекордни 7,7 трилиони евра, соопштија од германската банка.
„Главната причина за зголемувањето на финансиското богатство на германските граѓани повторно се рекордните заштеди“, вели Мајкл Стапел, економист во банкта.
Тој вели дека стапката на штедење минатата година, иако е помала од 2020 година, сепак била на високи 15 проценти. Тоа значи дека граѓаните на Германија на секои сто евра што им биле на располагање заштедиле по 15.
Во рекордната сума од 7,7 трилиони евра се вклучени класични парични заштеди, хартии од вредност и побарувања од осигурување.
Рекордот со заштеди започна во 2020 година со појавата на првите знаци на пандемијата. Во 2020 година, стапката на штедење беше уште повисока и изнесуваше 16,1 отсто, велат познавачите.
Минатата година, трендот на штедење се намали во текот на летните месеци, кога се чинеше дека пандемијата е во опаѓање.
Зголемувањето на монетарното богатство се објаснува и со поголемата подготвеност на Германците да инвестираат во хартии од вредност.
„Со оглед на ниските, па дури и негативните каматни стапки на заштедите, повеќе граѓани се осмелија да инвестираат во акции минатата година“, заклучуваат економистите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Извршена исплата од 224.748.332 денара кон 7.826 лица за остварено производство на овошје

Денеска се изврши исплата од 224.748.332,00 денари кон 7.826 лица.
Исплатата како што информираат од Министерството за земјоделство, се однесува на дополнителните директни плаќања за остварено производство на овошје, мерка 1.9 Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.8. за остварено производство на овошје од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадени површини со следните овошни видови: јаболка, слива, праска, вишна, цреша, кајсија, круша, јапонско јаболко, лешник, орев, бадем и калинка, а оствареното производство е предадено на регистриран откупувач, вклучително и произведените овошни култури за потребите на сопствениот преработувачки капацитет или е користено за домашни потреби или е продадено на пазар.
Грижата кон земјоделецот продолжуваме да ја покажуваме на дело, велат од МЗШВ.
Економија
Се намалува цената на мазутот, а на дизелот и на бензините не се менува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,11 % во однос на одлуката од 14.04.2025 година.
Од 23.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,780 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,212 ден/кг и сега ќе изнесува 36,780 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 23.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,969%, кај дизелот за 3,456%, кај екстра лесното масло за 2,637% и кај мазутот зголемувањето е за 2,133%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 3,0273%.
Економија
Владата озаконува паушални фактури за струја, граѓаните не смеат да бидат жртви, апелираат Инженери на Македонија

Инженери на Република Македонија (ИРМ), денеска упати апел до пратениците и Министерството за енергетика за да ги отстранат како што велат, некоректните одредби од предлог Законот за енергетика за да се обезбедат фер, прецизни и транспарентни фактурирања, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка на електрична енергија.
Граѓаните, како што велат, не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет
„Во новиот Предлог-закон за енергетика, кој на 22 април влегува во собраниска процедура, Владата предлага контроверзни одредби со кои се овозможува издавање на фактури за потрошена електрична енергија врз основа на претпоставена, а не реално измерена потрошувачка“.
Со вакви измени, оценуваат, се озаконува досегашната практика на паушално фактурирање, која стана особено проблематична по воведувањето на ценовните блокови за скапата струја од 1 јули 2022 година.
„При нередовно читање на броилата, потрошувачите неретко се распределуваат во погрешни ценовни блокови, што резултира со зголемени сметки и неоправдани наплати.
Нашите пресметки покажуваат дека дури и ±10% грешка при проценката на потрошувачката може да предизвика разлика во наплатата до 8.000 денари годишно по домаќинство. Со оглед дека во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН располага со 915.492 броила, ова претставува сериозен удар врз џебот на граѓаните и можност за милионски профити на штета на јавниот интерес.
Иако Регулаторната комисија за енергетика веќе потврди дека ваквите проценки носат штета за потрошувачите и започна процес за измени на Правилата за снабдување со електрична енергија, Владата оди во спротивна насока. Со одредбите во Глава VIII од новиот закон – иронично насловена „Заштита на потрошувачите“ – се предвидува озаконување на паушалното фактурирање преку член 185, став 2 и став 4, точка 2.
Особено загрижувачки е што Владата го носи законот со европско знаменце, повикувајќи се на усогласување со ЕУ директивата CELEX: 32019L0944, која никаде не предвидува дозвола за фактурирање со претпоставена потрошувачка. Дополнително, овие одредби не се содржани ниту во претходните верзии на законот објавени на платформата ЕНЕР“, е појаснето во реакцијата.
Апелираат до пратениците и Министерството за енергетика да ги отфрлат овие одредби и со амандмани: да се избрише став 2 од членот 185, а од ставот 4, точка 2, да се отстрани вториот дел од реченицата.
Бараат фер, прецизно и транспарентно фактурирање, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. „Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет“.