Регион
Четврти ден од потрагата по Матеј Периш од Сплит, полиција трага по младото момче покрај Сава

Пред клубот, каде што младото момче било последен пат забележано, на брегот на реката Сава, патролираат две речни полициски патроли во потрага по исчезнатиот Матеј Периш (27) од Сплит, кој исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември.
Имено, според неофицијални информации што ги пренесуваат некои од регионалните медиуми, Матеј во еден момент станал од масата во клубот, каде што бил со пријателите, и се упатил кон тоалетот. Бидејќи имало многу метеж, тој решил да излезе надвор, кога надзорните камери последен пат го забележале како се спушта по скалите кон водата. Од тој момент никој повеќе не го има видено.
Кога во еден момент пријателите сфатиле дека Матеј веќе подолго време го нема, почнале да го бараат внатре. На излегување од клубот сфатиле дека јакната му останала во гардеробата. Тие ја продолжиле потрагата наоколу. По пребарувањето, пријателите заминале до местото во кое бил сместен и каде што се надевале дека ќе дојде наутро. Кога и тоа не се случило, се јавиле со полиција.
„Припадниците на МВР интензивно трагаат по М. П. (27), чие исчезнување на 31.12.2021 година во 18 часот го пријавил негов пријател. Полициските службеници од моментот на пријавувањето на исчезнувањето ги преземаат сите мерки и дејства во согласност со законот за пронаоѓање на исчезнатиот млад човек“, соопшти вчера полицијата.
Доцна синоќа била пребарувана и областа Ушќе.
Ненад Периш, таткото на исчезнатиот млад човек, кој вчера дошол во Белград за да ѝ помогне на српската полиција во потрагата, по пристигнувањето, изјавил дека единственото нешто што му е важно е да го најде, а потоа открил како изгледал животот на Матеј во Сплит.
„Родителот секогаш тргнува од најлошите претпоставки и тоа е она што ме прогонува веќе три дена и три ноќи. Матеј е спортист, економист, има девојка во Сплит. Ништо не ми укажува дека тоа требало да се случи. Би замолил да пријават, доколку некој нешто знае за мојот син, барем и анонимно“, изјавил синоќа Ненад Периш за медиумите истакнувајќи дека српската полиција одлично си ја врши работата и дека им верува до крај.
„Ги замолувам граѓаните на Србија да пријават сѐ што знаат, во име на моето семејство им благодарам на сите“.
Таткото ја отфрлил можноста син му да се удавил.
„Матеј тренира, беше исклучително силен тип, спортист, непушач. Мислам дека апсолутно неговата состојба, познавањето на пливањето и вештините, не доаѓа предвид да падне во реката и дека тоа би била околност што може да доведе до трагична несреќа“, изјавил Периш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.