Свет
Британскиот министер за здравство: Засега нема нови мерки

Британскиот министер за здравство, Саџид Џавид, изјави денеска дека најновите епидемиолошки податоци не укажуваат на тоа дека владата треба да ги заостри мерките против Ковид-19 во Англија, но дека сè уште е рано да се процени како болниците ќе се справат со зголемениот притисок.
Џавид рече дека моментално е неверојатно предизвикувачки период за болниците, бидејќи омикрон го зголемил бројот на заразени лица, вклучително и постарите, а околу шест болнички фондови прогласиле критична состојба поради недостигот на работници, пренесува „Ројтерс“.
„Во овој момент нема ништо во податоците што би навестило дека мора да отстапиме од планот Б“, изјави министерот за новинарите, додавајќи дека сè уште е рано да се зборува за хоспитализирања, но дека се забележува дека тие растат.
Зголемениот број случаи во Велика Британија доведе до значително нарушување поради самоизолацијата на персоналот, при што возовите ги откажаа поаѓањата во Лондон, болниците немаат персонал и училиштата се соочуваат со недостиг на наставници, според „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Руски научници развија ново соединение за борба против ракот

Експерти од Државниот универзитет во Мари и Федералниот истражувачки центар „Уфа“ при Руската академија на науките развија ново хемиско соединение што би можело да стане основа за создавање иновативни лекови против тумори, објави Министерството за наука и образование на Русија.
Ова соединение дејствува селективно на туморските клетки, речиси без да ги оштети здравите клетки, а неговата молекуларна структура комбинира фенотијазинска и трифенилфосфониумска група.
Благодарение на оваа комбинација соединението ја таргетира слабата точка на туморските клетки – митохондриите и ја нарушува нивната работа, објавува „РИА новости“.
„Резултатите од истражувањето покажаа дека новото соединение ефикасно го потиснува растот на разни малигни клетки, вклучувајќи рак на црниот дроб, аденокарцином на белите дробови, колоректален карцином и леукемија. Активноста се манифестира дури и при ниски концентрации, што го прави соединението особено ветувачко за развој на лекови“, рече Константин Белослудцев, доктор по биолошки науки и проректор за иновации на Државниот универзитет во Мари, објавува „Танјуг“.
Како дополнителна предност, Белослудцев ја истакна едноставноста на синтезата на соединението, што овозможува негово производство во доволни количини за претклинички и клинички испитувања. Овие студии се спроведени во рамките на програмата „Приоритет 2030“, пренесува медиумот.
Свет
Стаб: Се надевам дека кај Трамп набргу ќе го снема трпението за Путин

Финскиот претседател Александар Стаб денес изјави дека се надева дека трпението на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин наскоро ќе исчезне и додаде дека европските земји ќе продолжат да се залагаат за траен мир во Украина.
Според него, единствениот начин да се принуди Путин да ја заврши војната во Украина е преку неговите сојузници, со проценка дека оние кои можат да го убедат рускиот претседател да постигне примирје се на Истокот, објавува „ Ile“.
Финскиот претседател, исто така, рече дека го предупредил Трамп дека Путин користи „типични руски тактики на одложување“ за да избегне средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фото: принтскрин
Свет
Мерц: Германија нема да ја признае палестинската држава на Генералното собрание на ОН

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека Германија нема да се придружи на иницијативата на западните сојузници за признавање на палестинската држава на Генералното собрание на Обединетите нации следниот месец.
Мерц го објави ова на заедничка прес-конференција со канадскиот премиер Марк Карни, кој минатиот месец изјави дека Канада планира да ја признае државата Палестина на Генералното собрание по слични најави од Франција и Велика Британија, пренесува „Ројтерс“.
„Ставот на федералната влада е јасен во врска со евентуалното признавање на државата Палестина. Канада го знае тоа. Ние нема да се придружиме на оваа иницијатива. Не гледаме дека условите се исполнети“, рече Мерц.
Фото: принтскрин