Свет
Австралискиот вицепремиер за Ѓоковиќ: Не може да одиш по светот мислејќи дека си над сите
На Нoвак Ѓоковиќ вчера му беше одбиена визата за влез во Австралија, а најдобриот светски тенисер во моментот е во Мелбурн во прифатилиште за луѓе кои чекаат решение за својот азилантски статус.
Адвокатите на Ѓоковиќ поднесоа жалба на одлуката на австралиската гранична полиција, а судска одлука се очекува во понеделник, иако не се знае каде ќе биде Ѓоковиќ до тогаш. За целиот настан зборуваше и австралискиот вицепремиер Барнаби Џојс, кој остро го критикуваше српскиот тенисер.
„Ако не ги пополнил формуларите правилно, веројатно мислел дека може да се шегува со правилата на една држава. Очигледно е дека некој згрешил, а ако Ѓоковиќ не ја кажал вистината, тогаш јасно е дека тој погрешил и ќе биде депортиран. На може да одиш по светот и да мислиш дека си над законот на некоја држава само затоа што си богат“, рече Џојс.
Ѓоковиќ, кој е гласен противник на вакцинацијата, доби изземање од правилата на Австралија опен, односно од строгите епидемиолошки мерки за да може да игра на турнирот, кој започнува на 17 јануари.
Но, по слетувањето во Мелбурн, граничната полиција му ја одби визата со образложение дека нема јасни докази зошто му било одобрено изземање од барањето за задолжителна вакцинација.
Се шпекулираше дека Ѓоковиќ наводно им рекол на истражителите дека веќе го прележал коронавирусот во последните шест месеци, но тоа, според австралиските мерки, не е доволно за да се изземе некој од епидемиолошките правила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

