Свет
Филипинскиот претседател се закани со апсења на невакцинираните кои ќе излезат од карантин

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте денеска изјави дека невакцинираните граѓани ќе бидат уапсени доколку не ги почитуваат мерките за задолжителна изолација.
„Доколку некое лице не ја почитува мерката задолжителна изолација, ако ја напушти својата куќа и оди во обиколка на заедницата, ќе биде задржано. Полицијата има овластување да апси непослушни лица“, рече Дутерте во телевизиско обраќање, а пренесува агенцијата „Ројтерс“.
„Јас сум одговорен за безбедноста и благосостојбата на секој граѓанин на Филипините“, посочи претседателот, додавајќи дека секој кој не ја одобрува неговата политика може да поднесе тужба против него.
Според податоците од крајот на минатата година, целосно се вакцинирани 49,8 милиони луѓе или 45 отсто од вкупно 110 милиони жители на Филипините.
Бидејќи земјата бележи зголемен број случаи на инфекција со коронавирус, здравствените експерти предупредуваат дека е можно повторно да се создаде притисок врз здравствениот систем.
На Филипините, досега се потврдени 43 случаи на омикрон варијантата на коронавирус, што ја натера владата да ги заостри ограничувањата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Палестинското прашање и понатаму останува нерешено

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план за Газа на Доналд Трамп не го решава целосно израелско-палестинскиот конфликт, пренесе RT.
Тој нагласи дека Русија го оценува планот како „најдобро што моментално е на преговарачката маса“, но додаде дека „палестинското прашање со тоа не е решено“.
Лавров порача дека конечно решение би било можно само со создавање на палестинска држава во границите од 1967 година, во согласност со резолуциите на ОН, и повтори дека Москва останува посветена на решението со две држави.
Свет
Трамп: Не сум сигурен дека ќе влезам во рајот, но на многумина им го разубавив животот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дека ќе може да влезе во рајот, но додаде дека на многумина им го направил животот подобар.
Изјавата ја даде во претседателскиот авион Air Force One. За време на летот, еден од новинарите што го придружуваа 79-годишниот претседател го праша за неговите претходни коментари кои ги дал во контекст на преговорите за мировниот договор во војната меѓу Русија и Украина.
Трамп уште во август, во емисијата „Fox and Friends“, изјави: „Ако можам да спасам 7.000 луѓе неделно, мислам дека тоа е прилично добро – сакам да се обидам да влезам во рајот, ако е можно. Слушам дека не ми оди добро. Навистина сум на дното на листата. Но ако успеам да влезам во рајот, ова ќе биде една од причините“
На прашањето дали неговите шанси се подобриле по договорот меѓу Израел и Хамас, Трамп сега одговори: „Малку се шегувам. Мислам дека ништо нема да ме одведе во рајот. Можеби не сум предодреден за тоа. Можеби сум во рајот токму сега, додека летаме со Air Force One,“ рече Трамп.
Тој повторно ја обвини администрацијата на Џо Бајден за неспособност и додаде дека војната во Украина никогаш немаше да се случи доколку изборите во 2020 година не биле наместени.
Свет
Египетскиот претседател до Израелците: Претворете го овој историски момент во нов почеток

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси ги повика Израелците моментот на потпишување на мировниот договор за Газа да го претворат во нов почеток за поправеден и помирен живот во регионот.
„Погледнете кон подобра иднина за нашите деца,“ рече Сиси по потпишувањето на договорот во Шарм ел-Шеик.
На самитот присуствуваа Доналд Трамп и бројни меѓународни претставници. Обраќајќи му се на Трамп, Сиси додаде: „Господине претседателе, нека војната во Газа биде последната војна на Блискиот Исток.“