Македонија
Taравари го цитира Хитлер, реагира ДУИ и бара извинување и повлекување на објавата
Градоначалникот на Гостивар и генерален секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, го внесува Адолф Хитлер во политиката на Северна Македонија преку неприфатлива, скандалозна, страшна, бесмислена и неиспровоцирана метафора напишана на неговата Фејсбук страница. Ваква е реакцијата на Демократската Унија за интеграција по „Фејсбук“ објавата на Таравари во која тој го цитира германскиот диктатор, Адолф Хитлер.
ДУИ бара од Таравари да се извини и итно да ја повлече објавата на социјалните мрежи.
„Таравари бесрамно го цитира Хитлер: ‘затоа што народот гласаше за нас, сега нека ја трпи и смртта!’. Таравари без никакво одлагање треба понизно да им се извини на сите жртви, нивните семејства, на граѓаните и веднаш да ја избрише својата објава на Фејсбук. Исто така, сите членови и раководството на неговата партија треба веднаш да го осудат овој неприфатлив чин и да се оградат од апсурдниот став на Таравари. Бараме и од академскиот свет, креаторите на јавното мислење, медиумите и новинарите, невладините организации да го кренат својот глас против ваквиот став на Арбен Таравари за коj нема место во нашето општество“, велат од ДУИ.
Таравари во објавата на ФБ претходно денеска напиша:„ Втората светска војна можеше да заврши порано и можеa да се спасат многу животи кои беа згаснати како резултат на нејзиното лудило. Во време кога Хитлер почнал да ги намалува своите воени сили и окупираните зони, еден од неговите команданти го известува за овие дела и го замолува да се повлече од војната бидејќи се убиени многу невини луѓе, меѓу кои и многу деца. Хитлер категорично се спротивставува велејќи ‘народот гласал за нас, сега нека трпи смрт!’
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

