Култура
„Ефектот на среќата“ и ТМ во официјална селекција на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа
Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа SEE FF Paris-Berlin-Washington 2021, традиционално, како и секоја година, ги презентира најдобрите остварувања од регионот во европските престолнини Париз и Берлин, а од оваа година и во Вашингтон, САД.
Во селекцијата на фестивалот, кој почнува на 2 јуни и ќе трае до 7 јуни, се избрани македонските играни филмови „Ефектот на среќата“ од Борјан Зафировски и ТМ од Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов. Покрај нив, во конкурецијата на анимирани филмови избрани се „Кавал“ од Саша Станишиќ, „Карантин“ од Иван Андреевски и „Ритамот на падот“ од Ѓорѓи Митревски.
Единаесетoто онлајн-издание на Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа се организира во соработка со универзитетите: „Европа прима“ од Скопје, ИНАЛКО од Париз, „Хумболд“ од Берлин, а од оваа година на оваа иницијатива ѝ се приклучува и American University од Вашингтон.
За наградите на фестивалот ќе одлучуваат две жирија – европско и американско. Во состав на европското жири се Фроса Пејоска-Бушеро, професор на ИНАЛКО – Париз, и филмските критичари Кевин Колет и Ив Русле.
Американското жири го сочинуваат Роман Костовски, Патрисија Корбет и Жаклин Хедингтон, филмски и литературни публицисти и критичари.
Наградените филмови од фестивалот подоцна ќе бидат презентирани во рамките на проектот „Балканофилмофилија“ во Скопје, во соработка со Кинотеката на Македонија и Општина Карпош, како и во повеќе други градови од Балканот.
Покрај покровителството од Министерството за култура на Република Франција, Министерството за култура на Црна Гора, со официјално писмо од министерката, проф. д-р Весна Братиќ, до претседателот на фестивалот Јордан Плевнеш, објави дека ја продолжува традиционалната поддршка на Фестивалот како еден од најважните промотори на културата на земјите од Југоисточна Европа во европските и светските центри.
Во досегашната историја на оваа манифестација која стана културен прозорец на новите имиња на синеасти кои за првпат ги презентираат своите остварувања во двата најголеми центри на Европа, досега се прикажани над стотина играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови.
Покрај тековната фестивалска продукција, во соработка со Academia Balkanica Europeana фестивалот ги воведе признанијата „Легенди на Југосточна Европа“, во која ги вреднуваше опусите на режисерите Вељко Булајиќ, Душан Макавејев, Луцијан Пинтилие, Боро Драшковиќ. Оваа година висoкото признание му припадна на познатиот албански режисер Кујтим Чашку (SEE Film Legend 2021). Актерите Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Раде Шербеџија, Јон Карамитру, Емир Хаџихафисбеговиќ, Милена Зупанчич, Арта Доброши беа досегашни добитници на признанието „Актер на Југоисточна Европа,“ а оваа година добитик на ова престижно признание е познатата актерка Мирто Аликаки од Грција (SEE Actress 2021).
Признанието за животно дело во областа на филмската документаристика „Гран при Фредерик Росиф 2021“, кое го носи името на еден од најпознатите автори на документарниот филм во светот, ѝ п рипадна на Виржини Линхарт од Франција.
Наградата „Европа прима“ (Europa Prima 2021) му е доделена на познатиот дипломат и филантроп Педро Кудел, почесен конзул на Македонија во Португалија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.