Економија
Од 600 до 800 денари пониски сметки за струја за домаќинствата со ниски приходи, објавен јавниот оглас
Министерството за економија денеска го објави јавниот повик за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања за 2022 година, објави министерот за економија Крешник Бектеши на својот фејсбук-профил.
Како што информираше министерот, за оваа мерка обезбедени се 60 милиони денари.
Со цел да се обезбеди заштита на ранливи потрошувачи на енергија, согласно Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година Министерството за економија денеска објави јавен оглас за доделување финансиска поддршка на лицата со ниски примања во 2022 година чии редовни месечни примања во домаќинството не го надминуваат нето-приходот од 30.000 денари и тоа за:
– самец до 15.194 денари;
– домаќинство со два члена до 18.000 денари;
– домаќинство со три члена до 21.000 денари;
– домаќинство со четири члена до 25.000 денари; и
– домаќинство со пет члена и повеќе до 30.000 денари.
Според јавниот оглас објавен на веб-страницата на Министерството за економија, лицата со ниски примања се стекнуваат со финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 до 800 денари месечно сметано од денот на поднесување на барањето.
Доделувањето на финансиската поддршка го врши Министерството за економија преку селекција на пристигнатите барања од домаќинствата со примена на принципот на најниски примања во домаќинство во 2021 година за секоја од категориите наведени во овој оглас, сè до исцрпување на предвидените средства согласно програмата.
Право на учество на овој јавен оглас имаат лицата со ниски приходи кои ќе поднесат Образец за барање за искористување на финансиска поддршка кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет-страницата на Министерството.
Со барањето за искористување на финансиската поддршка барателот до Министерството за економија задолжително ги доставува следните документи:
-изјава заверена на нотар со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна (образецот на изјавата ќе може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страната на министерството;
-потврда од работодавецот за висината на исплатена плата во 2021 година или извештај од банка за уплатени пензиски примања од Фонд за ПИОМ (чек за пензиски примања) за висината на исплатената пензија во 2021 година и извод од банка за сите трансакциски сметки за 2021 година за подносителот и на членовите на домаќинството (доколку се вработени или приматели на пензија);
– потврда од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија со која се докажува дека членовите на домаќинството не се вработени, доколку истите не се вработени и/или потврда од Фонд за ПИОМ дека членот на домаќинството не е примател на пензија;
-доказ за членовите на домаќинството на барателот во фотокопија (лична карта за полнолетни лица, извод од родени за малолетни лица, извод од венчани, потврда за развод или посмртница за член од домаќинството);
-фотокопија од последната добиена сметка за 2021 година за потрошена електрична енергија во домаќинството;
-лицата со ниски примања 1 (самец) доставуваат изјава заверена на нотар со која потврдуваат дека живеат сами и со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна. Образецот на изјавата (ЗА САМЕЦ) може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет-страницата на министерството; и
-фотокопија од лична карта на барателот и членовите на домаќинството (доколку се полнолетни).
Барањето за искористување финансиска поддршка заедно со потребната документација, барателите по пошта ќе го достават во затворен плик до Министерство за економија на адреса „Јуриј Гагарин“ бр.15, 1000 Скопје, со назнака – јавен оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања за 2022 година, име и презиме и адреса на барателот и задолжително назнака за број на членови на домаќинството (самец, домаќинство со два члена, домаќинство со три члена, домаќинство со четири члена, домаќинство со пет члена и повеќе).
Финансиската поддршка се доделува на месечно ниво по корисник во времетраење од 12 месеци.
На ранливите потрошувачи на енергија согласно програмата коишто користат гарантирана минимална помош и остваруваат паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството во согласност со член 42 од Законот за социјална заштита и старите лица согласно член 7 од Законот за социјална сигурност на стари лица не им следува финансиска поддршка од овој оглас, информираат од Министерството за економија.
Додаваат дека рокот за аплицирање по овој јавен оглас изнесува 30 дена сметано од денот на објавување на јавниот оглас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата
ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.
На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.


Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.
„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.


Економија
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) потпишаа меморандум за соработка и јакнење на институционалните капацитети
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за соработка во периодот 2025 ‒ 2028 година. Меморандумот го потпишаа гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.
Соработката опфаќа обезбедување техничка помош и размена на знаење заради унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките неопходни за водење монетарна политика, зајакнување на стабилноста на финансискиот сектор, како и за понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Народната банка.
„Воспоставената соработка претставува значаен поттик за натамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка во повеќе важни области на работењето и потврда на долгогодишното партнерство меѓу нашата земја и Швајцарија“, истакна гувернерот Славески нагласувајќи ја улогата на централната банка во обезбедувањето макроекономска стабилност и поддршката на одржливиот економски развој.
„Швајцарија е посветен партнер за развој на Северна Македонија повеќе од 30 години. Преку овој меморандум за соработка, ја потврдуваме нашата поддршка за економските институции и реформите во земјата, како и за силна, независна и кредибилна централна банка којашто ги применува меѓународните и европските стандарди. Швајцарија го почитува ова партнерство и е посветена на унапредување на макроекономската стабилност и на одржливиот економски развој“, истакна амбасадорот Зомер.
Во рамките на Програмата, активностите се насочени кон унапредување на спроведувањето на монетарната политика, промовирање стабилен и сеопфатен финансиски сектор, зајакнување на отпорноста, одржливоста и ефикасноста во работењето. Поддршката опфаќа анализа и спроведување на монетарната политика, макроекономски податоци и статистика, истражувања, финансиска стабилност и вклученост, развивање нови дигитални решенија за модернизација на платежната инфраструктура преку подобрување на пристапот до платежните услуги, еколошката одржливост, управувањето со ризиците, како и управувањето со човечките ресурси и меѓународната соработка.
Соработката се остварува во рамките на Програмата за билатерална помош и градење капацитети за централните банки (Bilateral Assistance and Capacity Development for Central Banks – BCC), финансирана од СЕКО и спроведена од Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии. Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите на централните банки во земјите во развој преку унапредување на нивната аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика и одржување стабилен финансиски систем. Со потпишувањето на Меморандумот, Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Божиновска пред Енергетската заедница: Македонија ја забрзува интеграцијата во европскиот енергетски пазар
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на состанок на Енергетската заедница, каде што ја презентираше реалната и мерлива динамика на напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европското енергетско и климатско законодавство и во јакнењето на регионалната енергетска интеграција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека изминатата година била обележана со предизвици, но и со конкретни институционални резултати, пред сè во делот на законодавните реформи и стратешките инфраструктурни чекори.
Како клучна пресвртница, Божиновска го нагласи усвојувањето на новиот Закон за енергетика, со кој во голема мера е транспониран Пакетот за интеграција на електричната енергија. Според неа, Законот создава јасна правна основа за активна интеграција на националниот електроенергетски и гасен систем во регионалниот и во внатрешниот пазар на Европската Унија и претставува најзначајниот чекор кон идното спојување на македонскиот пазар со европскиот пазар на електрична енергија.
„Со овој закон се редефинираат улогите, обврските и одговорностите на институциите, операторите на преносните системи и пазарните оператори – не само во имплементацијата, туку и во активното учество во креирањето на заедничките правила за регионалните енергетски пазари“, беше истакнато во обраќањето.
Дополнително, министерката информираше дека во 2025 година е усвоен и Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, со кој се отстрануваат регулаторните и нерегулаторните бариери за реализација на проекти за енергетска ефикасност, се зајакнува соработката меѓу сите чинители, се поттикнува користењето обновливи извори на енергија кај крајните корисници и се овозможува поефикасно користење на финансиски механизми и стимулации.
Во делот на стратешкото планирање, Божиновска информираше дека Ревидираниот Национален енергетски и климатски план (НЕКП) за периодот 2025–2030 се наоѓа во финална фаза пред усвојување. Јавната консултација со сите релевантни засегнати страни, вклучително и со Енергетската заедница, е завршена, а усвојувањето се очекува во најкраток можен рок.
Посебно беше истакнат и пристапот на МЕПСО кон Заедничката канцеларија за алокација (JAO) – заедничката европска платформа за аукција на прекугранични преносни капацитети, што, како што кажа Божиновска, претставува стратешки исчекор за националниот електроенергетски систем и практична интеграција во најголемата и најтранспарентна европска платформа од овој тип.
Во таа насока, министерката најави дека МЕПСО има намера да номинира еден преносен инфраструктурен проект во рамки на процесот за избор на Проекти од интерес на Енергетската заедница / Проекти од заемен интерес (PECI/PMI) во циклусот за 2026 година, како дел од заложбите за јакнење на регионалната поврзаност и усогласување со европските плански рамки.
На крајот, Божиновска подвлече дека државата паралелно работи на критични инвестиции во регионалните електроенергетски и гасни интерконекции, со цел зголемување на енергетската безбедност, вклучително и проектот за гасен интерконектор со Грција и продолжување на разговорите со Србија.

