Економија
Сојуз на стопански комори: Законoт за електричен отпад наметнува нереално зголемени давачки за претпријатијата

Сојузот на стопански комори на Македонија се залага за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето, како приоритетна цел во креирањето на економските политики во државата. Спречување или намалување на негативните влијанија од создавањето и постапувањето со отпадната електрична и електронска опрема е прашање кои треба да биде соодветно регулирано што може да се постигне со измена и дополнување на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, бидејќи актуелното законско решение, чија имплементација почна од 1 јануари 2022 година, не нуди квалитетно решение за намалување на штетните ефекти по животната средина, како и за континуирано одржување на активната дејност и ликвидност на деловните субјекти, реагираат од оваа институција.
„Со цел обезбедување еднаков економски и социјален пристап, трговските друштва кои вршат дејност на територијата на РСМ и опфаќаат најголем дел од пазарот со електрична и електронска опрема истакнуваат иницијатива за одложување на примената на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема (Службен весник на РСМ бр.176/2021 од 03.08.2021 година), како и намалување на висината на надоместоците кои се предвидени со законското решение“, додаваат од таму.
Појаснуваат дека овие надоместоци за управување со отпадна опрема кои ги плаќа производителот кој пушта на пазар или како краен корисник увезува во државата, досега се движеа од 50 до 120 денари за килограм отпад, додека со законските измени неколку пати се зголемени и се движат од 100 до 350 денари за килограм отпад. Сметаат дека наведените цени се многу високи и нереални, дури повисоки и од Република Хрватска, која е дел од ЕУ. Сето ова доведува до ценовно зголемување на сите производи и истото ќе падне и на товар на крајниот потрошувач.
„Согласно моменталната состојба во државата и воопшто во целиот свет, а поврзана со пандемијата со Ковид-19 и енергетската криза, компаниите се спречени во навременото исполнување на законските обврски за постапувањето со електрична и електронска опрема, а особено потребен е подолг временски период за имплементирање и отпочнување со користење на информациски систем наменет за водење на предвидените евиденции; поставување на известувања и информирање за крајните корисници за сите промени со електричната и електронска опрема кои директно ќе влијаат врз нивното секојдневие и функционирање; усогласување на упатствата за употреба на опремата за домаќинствата, со обврските за постапување со електрична и електронска опрема; информирање на дистрибутерите со предвидените промени и нивно усогласување согласно законските измени; а сè уште не се усогласени и потпишани нови договори за постапување со електричната и електронска опрема со колективните постапувачи и слично“, е наведено во нивната реакција.
Напоменуваат дека економските оператори воопшто не биле вклучени во изготвување на законското решение, со што биле исклучени од можноста да придонесат кон донесување на ефикасна и применлива регулатива. Исто така треба да се има предвид и опасноста законското решение да има спротивен резултат од очекуваниот и да го нагласи проблемот со создавање диви депонии, нагласуваат од Сојузот на стопански комори.
Според нив, сè уште не се донесени ниту подзаконските акти кои треба да ги регулираат прашањата околу постапувањето со електричната и електронска опрема. Сето ова, велат од таму, уште повеќе ја усложнува и оневозможува навремената подготвеност за отпочнување со имплементација на новите законски решенија.
Проблемот, како што додаваат е адресиран и до Министерството за животна средина и просторно планирање како и до Владата на РСМ, но се уште нема одговор на иницијативата за организирање на работна средба.
„Врз основа на наведеното сметаме дека моменталната економска состојба не дозволува покачување на предвидениот надоместок. Сметаме дека наведеното е од исклучителна важност со цел заеднички да се делува кон превенција, а особено кон ефикасна имплементација на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема и заеднички да се делува кон изнаоѓање на квалитетно решение за континуирано одржување на активната дејност и ликвидност на деловните субјекти која што е тесно врзана со нивното тековно работење, а кое сè уште е дискутабилно со оглед на ситуацијата со која приватниот сектор се наоѓа“, истакнуваат од Сојузот на стопански комори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Стоковите резерви на пченица се полнат со македонска пченица, откупена директно од македонските земјоделци. Државните резерви, со своите вредни и неуморни раце, ги полнат македонските земјоделци“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Со одлука на Владата, 9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви.
Тоа ја покажува и потврдува вистинската грижа и посветеноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за интересот на државата и земјоделците.
Наместо да се купува увозна, која како држава скапо ја преплаќавме, како што беше случај во време на власт на СДС и министер Љупчо Николовски, сега државните стокови резерви ги полни пченицата од македонските земјоделци.
За време на владеење на СДС, стоковите резерви се полнеа со пченица купена од странство за 25% поскапа од берзанска, односно 27 денари по килограм, што беше за шест денари поскапо.
А профитот, односно ќарот 100% од ваквите зделки, завршуваше кај посредниците, а сега целата добивка завршува директно кај македонскиот земјоделец.
Тоа време заврши. Сега никој не заработува на грбот на другите, посебно на трудот на земјоделецот и на штета на државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Трипуновски: Над 280.000 тони домашна пченица ќе се откупат за стоковните резерви

Зголемување од 2 проценти годинава во однос на минатата има кај површините кои беа засеани со пченица.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пренесува изјава на министерот Цветан Трипуновски кој посочува дека согласно првичните податоци од науката и теренските сондажи, се бележи „сериозен раст во делот на просекот кој ќе биде на државно ниво – тој ќе се движи оваа година над 4 тони по хектар.
-Овие 70.000 хектари кои ги имаме во евиденцијата како Министерство, засеани со пченица, ќе дадат просек кој е многу поголем од минатите години. Ќе добиеме производство од 280 до 300.000 тони пченица, со што ќе се задоволат домашните потреби, наведува Трипуновски.
Во минатото, како што вели, главната забелешка беше што државата дозволуваше стоковните резерви да се полнат со увозна пченица, наместо да се полнат од домашното производство.
-На владина седница донесовме одлука каде што преку Агенцијата за стоковни резерви од индивидуалните земјоделци ќе се врши откуп на 9.000 тони пченица за потребите на стоковните резерви, појасни министерот Трипуновски.
Додаде дека стоковните резерви ќе бидат полнети во повеќе региони низ Македонија: во битолскиот и во прилепскиот регион, дел во Овчеполието и во западна Македонија.
Економија
Инвертер-клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика објави оглас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории население.
Преку јавен оглас, што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, почнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима-уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира во согласност со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година (‘Службен весник на РСМ’ бр. 161/25). Во согласност со јавниот оглас за поддршка на домаќинства што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата што ги исполнуваат условите ќе стекнат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму онаму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за пријавување е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации, како и потребните обрасци за пријавување, се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.