Македонија
Владата финансиски ќе им помогне на граѓаните што претрпеа штети од земјотресот во Битола
Владата финансиски ќе им помогне на граѓаните што претрпеа штети од земјотресот во Битола, истакна заменик-претседателот на Владата, Љупчо Николовски, кој со владин тим денеска допатува во Битола каде одржаа координативен состанок со градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски во врска со состојбата од настанатите штети од земјотресот во Битола.
Николовски изјави дека Владата на вчерашната седница донесе повеќе заклучоци за заеднички да им се помогне на граѓаните кои претрпеа штети од земјотресот во Битола.
„Институциите мора да работат во служба на граѓаните, затоа сите правни, легислативни инструменти и механизми коишто законите ги даваат низ постапките и процедурите треба да ги спроведеме час поскоро се со цел да бидат работите вратени во нормала. Владата изрази целосна подготвеност да што побрзо бидат санирани сите штети, особено во јавните институции кои се важни за сите граѓани, за да може клиничката болница, останатите здравствени установи, образовните институции и градинките да функционираат. Во оваа прилика ја изразуваме целокупната поддршка да овој процес и низ овие маки и проблеми коишто ги осетија битолчани да знаат дека институциите, општината, Владата сите заедно стојат на иста страна со граѓаните и дека сето ова ќе биде надоместено од страна на општината и Владата“, изјави заменик-претседателот на Владата, Николовски.
Формирана е Комисија за проценка на штетите согласно Законот за заштита и спасување. Министерот за локална самоуправа Милевски изјави дека планирано е да се подели целиот процес за начинот на помош на два дела.
„Едниот дел е брза санација на јавните институции, бидејќи неопходно е болницата веднаш да се стави во функција, и независно што градинките и училиштата се под локално ниво сметаме дека ние треба целосно да го финансираме тоа реновирање и битно е Комисијата и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија да дадат што е можно побрзо проценка за да може брзо да се интервенира со финансиски средства од страна на ресорните министерства“, изјави министерот Милевски.
Рокот за пријавување на штетите од страна на граѓаните е до 26 јануари.
Градоначалникот Коњановски го поздрави присуството на владината делегација и стручниот тим од Владата и порача дека „Се информиравме меѓусебно за активностите кои ги презеде општината и формирањето на Комисијата за проценка на штетите од земјотресот и Кризниот штаб кој заседаваше. Од страна на министрите, зедоа обврска дека ќе помогнат, се согласивме дека заеднички треба да се делува и дека ќе помогнат во делот на нивните ингеренции“.
Во рамки на посетата на Битола, владиниот тим ги посети и дел од локациите каде што се предизвикани штети од земјотресот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зајкова назначена за шефица на набљудувачката мисија на ПС на ОБСЕ на предвремените парламентарни избори во Киргистан
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, е назначена за шефица на делегацијата на набљудувачи на Парламентарното собрание (ПС) на ОБСЕ на претстојните предвремени парламентарни избори во Киргистан, закажани за 30-ти ноември.
Зајкова, која воедно е и шефица на македонската парламентарна делегација која ќе ги набљудува изборите, ќе ја извршува својата должност заедно со Клод Хаген, пратеник од Луксембург и специјален координатор и водач на краткорочната мисија за набљудување на изборите на ОБСЕ и со уште 80 други набљудувачи на ПС на ОБСЕ од 28 земји.
Во текот на изборите, Зајкова и тимот на ПС на ОБСЕ ќе соработуваат со Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, предводена од Тамас Мезерич (Унгарија) и партнерската делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводена од Георгиос Стаматис (Грција).
Парламентарците на ОБСЕ ќе бидат сразмерно распоредени на територијата на Киргистан за да извршат проценка на сите фази од изборниот процес и нивните наоди ќе бидат собрани и анализирани. Податоците ќе се искористат во прелиминарните заклучоци на меѓународната мисија за набљудување на изборите, кои подоцна ќе бидат презентирани на заедничка прес-конференција.
„Ова е дванаесетти пат како ПС на ОБСЕ ги набљудува изборите во Киргистан. Заедно со нашите колеги од ОДИХР и ПССЕ ќе извршиме проценка на сите фази од изборниот процес. Киргистан влегува во овие избори со изменат законска рамка, нов систем на гласање, нови изборни единици, нови правила за кандидирање на кандидати и финансирање на кампањата. Ова ќе бидат првите национални избори во Киргистан на кои ќе се користи новата опрема за гласање и ќе се понуди гласање од далечина, а луѓето разбирливо обрнуваат големо внимание на тоа како ова ќе функционира во пракса. Со нетрпение очекуваме да ги набљудуваме овие случувања на терен и тесно да соработуваме со ОДИХР и нашите партнери од ПССЕ низ целата земја“, истакна претседателката и ЛДП и шефица на делегацијата на ПС на ОБСЕ, Зајкова.
На денот на изборите, Зајкова и набљудувачите на ПС на ОБСЕ ќе посетат гласачки места низ цела територија на Киргистан за лично да извршат проценка на процедурите, технологиите за гласање и целокупното спроведување на процесот. Изборите ќе бидат оценети во однос на демократските обврски содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990-та година.
Македонија
Од четврток снег на планините и пад на температурите
Под влијание на циклонска активност од утре до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на утрешниот ден и во четврток, информира УХМР.
Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Во Скопје, до сабота времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината повремено врнежите ќе бидат пообилни и се очекува да наврнат над 15 l/m2 за 24 часа.
Македонија
Од утре до сабота претежно облачно и врнежливо
Под влијание на циклонска активност од утре (26.11.2015г) до сабота (29.11.2025г) ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на утрешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Во Скопје, до сабота времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината повремено врнежите ќе бидат пообилни и се очекува да наврнат над 15 l/m2 за 24 часа.

