Свет
Мистерија за делтакрон – лабораториска грешка или коронавирусот ја демонстрира својата супермоќ
Научникот што објави дека постои нова варијанта на коронавирусот што ги комбинира карактеристиките на делта и на омикрон инсистира на тоа дека неговите наоди се точни откако експертите ги отфрлија како резултат на контаминација на лабораториски примероци.
Д-р Леонидос Кострикис, професор по биолошки науки на Универзитетот во Кипар, изјави за кипарскиот канал „Сигма ТВ“ дека тој и неговите колеги идентификувале 25 случаи на таканаречената варијанта делтакрон, што резултирало со хоспитализација во 11 случаи.
Веста предизвика загриженост во текот на викендот откога се појави на социјалните мрежи, што доведе до тоа неколку експерти да ги отфрлат тврдењата на д-р Кострикис.
„Делтакронот не е реален и веројатно се должи на артефакт на секвенционирање (лабораториска контаминација на фрагменти од секвенција на омикрон во делта-примерок). Да не ги собираме имињата на заразните болести и да им го препуштаме тоа на познатите парови“, твитна д-р Крутика Купали, истражувач на заразни болести во Светската здравствена организација (СЗО).
Д-р Том Пикок од Империјал колеџ во Лондон реагира на паниката.
Lots of reports of Omicron sequences carrying Delta-like mutations (eg P681R or L452R). Although a subset of these might end up being real, the vast majority will most likely turn out to be contamination or coinfection. No clear signals of anything real or nasty happening (yet).
— Tom Peacock (@PeacockFlu) December 21, 2021
„Секвенциите на кипарскиот делтакрон што ги објавија неколку големи медиуми изгледаат сосема јасни како контаминација“, твитна вирологот.
Д-р Богума Кабисен Титани, глобален здравствен експерт, исто така твитна дека делтакрон е, најверојатно, резултат на контаминација на примерокот, но додаде: „Со оглед на тоа што нивоата на пренос на SARSCoV2 се глобално високи во секое време, веројатно ќе дојде до рекомбинација и може да се зголеми до точка каде што почнуваме да ги забележуваме почесто. Дали ова ќе доведе до позагрижувачки варијанти? Можно е, но никој не знае“.
Како што додаде таа, најдоброто нешто што можеме да го направиме, освен да се грижиме за тоа и „да смислиме имиња на соеви што звучат како негативци на Transformers“, е да ги направиме вакцините достапни за секого и да ја комбинираме вакцинацијата со други стратегии кшто му даваат помала шанса на вирусот да се шири.
Сепак, д-р Кострикис оттогаш го зацврсти својот став велејќи за „Блумберг“ во неделата дека случаите што ги идентификувал укажуваат на еволутивен притисок врз претходниот вид за да се добијат овие мутации, а не резултат на еден настан на рекомбинација.
Тој рече дека неговиот тим дошол до своите наоди откога примероците биле обработени во повеќе процедури за секвенционирање во повеќе од една земја и дека барем една секвенција од Израел ги покажува генетските карактеристики на делтакрон.
Д-р Кострикис додаде дека инфекцијата со делтакрон била повисока кај пациентите хоспитализирани со Ковид-19 отколку кај пациентите што не биле хоспитализирани, што би ја отфрлило хипотезата за контаминација.
„Овие наоди ги побиваат недокументираните изјави дека делтакрон е резултат на техничка грешка“, инсистира тој.
Коронавирусите, како што е SARS-CoV-2, имаат еволутивна супермоќ наречена рекомбинација, која им овозможува на два тесно поврзани вируса да ги измешаат и да ги спојат своите геноми во нови комбинации. За разлика од обичните мутации, кои се одвиваат полека, промена по промена, рекомбинацијата може да произведе големи промени во геномот на коронавирусот со едно движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Велика Британија, Франција и Германија: Употребата на „Орешник“ од страна на Русија е ескалација
Лидерите на Велика Британија, Франција и Германија ја опишаа употребата на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ од страна на Русија во западна Украина како „ескалирачка и неприфатлива“, според резимето од нивниот повик објавено од канцеларијата на британскиот премиер, Кир Стармер.
Стармер разговараше за ситуацијата во Украина со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Русија употреби ракета со среден дострел „Орешник“ во напад врз западна Украина, објави денеска новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана. Ова е втор напад врз Украина во кој е употребено ова оружје.
Според руското Министерство за одбрана, нападот е извршен како одговор на „терористичкиот напад“ од страна на Киев врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин на 29 декември 2025 година. Украина го негираше нападот врз резиденцијата на Путин и ја обвини Москва за лажни тврдења за да ги оправда нападите врз владини згради во Киев.
Денови по самитот на кој европските земји ветија дека ќе понудат војници на Украина во случај на прекин на огнот, додека Вашингтон поддржа давање безбедносни гаранции за Киев, Европската унија соопшти дека Москва се обидува да ги заплаши сојузниците на Украина.
„Извештајот за употребата на ракетата „Орешник“ од страна на Русија е јасна ескалација против Украина и е наменет како предупредување до Европа и САД“, напиша шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на X. Таа додаде дека е потребно да се зајакне противвоздушната одбрана и „да се зголеми цената на оваа војна за Москва, вклучително и построги санкции“.
Русија прво испали ракета „Орешник“ кон украинскиот индустриски град Днепар во ноември 2024 година. Путин тврди дека западните системи за воздушна одбрана не се способни да го пресретнат „Орешник“ и рече дека може да погоди цели и во Западна Европа.
Западните воени аналитичари предупредуваат дека „Орешник“ е способен да носи нуклеарна боева глава.
фото/епа
Свет
Уапсен сопственикот на барот во Швајцарија каде загинаа 40 млади луѓе
Жак Морети, сопственик на барот Le Constellation во Кранс-Монтана, каде што 40 млади луѓе ги загубија животите, а 116 други беа повредени во пожар на новогодишната ноќ, е уапсен. Неговата сопруга Џесика Морети е ослободена по сослушувањето. Одлуката за негово апсење ја донесе обвинителството во Сион поради ризик од бегство, јавуваат италијанските медиуми.
Морети, француски државјани од Корзика, беа сослушани утрово во Сион по обвинение за убиство, нанесување повреди и палење од небрежност. По повеќе од шест часа сослушување, Жак Морети беше однесен со полициско возило, додека неговата сопруга Џесика ја напушти зградата на обвинителството во придружба на нејзиниот адвокат.
„Моите мисли се цело време со жртвите. Ова е незамислива трагедија и се случи токму во нашиот бар. За тоа сакам да се извинам“, рече таа низ солзи.
Промената во пристапот на обвинителот дојде откако беше откриено дека двојката избришала серија видеа од социјалните медиуми поврзани со трагедијата. Ризикот од уништување на доказите, заедно со ризикот од бегство, ги натера властите да го уапсат. Обвинителството истакна дека Морети е француски државјанин, а Франција не дава лесно екстрадиција.
Адвокатите што ги претставуваат семејствата на жртвите изразија незадоволство од досегашниот тек на истрагата.
„Очекуваме нашите клиенти, семејствата, да добијат одговори, да се чувствуваат слушнати и да ги утврдат сите одговорности, од А до Ш“, рече Ромен Жордан, еден од адвокатите.
Неговиот колега Себастијан Фанти беше уште поостар, критикувајќи ја одлуката за претходно апсење на Морети.
„Требаше веднаш да бидат уапсени за да можат да се соберат сите докази и да се додадат во досието. Тоа беше колосална грешка. Доказ е што успеале да деактивираат дел од нивната веб-страница и да избришат содржина од социјалните мрежи што би можела да биде корисна“, изјави Фанти за швајцарската телевизиска станица Rts.
Во меѓувреме, канцеларијата на обвинителот во Рим започна сопствена истрага за смртта на шест италијански државјани и нареди обдукции на нивните тела, што швајцарските власти не го направија пред нивната репатријација. Оваа одлука ќе им овозможи на семејствата на жртвите пристап до документацијата и да учествуваат во постапката. Обвинителите во Брисел и Париз, исто така, започнаа свои истраги за смртта на нивните граѓани.
За потсетување, вчера се појави и информација дека безбедносните камери наводно ја снимиле сопственичката Џесика Морети како го напушта запалениот клуб носејќи каса со пари во рацете.
Сведоците исто така рекоа дека сопственичката избегала со касата цврсто стегната во рацете додека гостите биле зафатени од пламен. Затоа полицијата ги прегледува сите достапни снимки од клубот, вклучувајќи ги, секако, и оние од надзорните камери кои првенствено го покриваа влезот во барот.
Според досегашните информации, Морети била во клубот во моментот на пожарот со својот син од првиот брак, кој бил и раководител на персоналот, а самата таа претрпела изгореници на раката. Нејзиниот сопруг и ко-сопственик на клубот, Жак, во тоа време бил на друго место.
Снимките од уличните камери наводно го покажуваат драматично различното однесување на мајката и синот. Додека младиот човек одвнатре се обидувал да ги скрши плексиглас панелите на верандата за да ги ослободи заробените гости, таа, како што се појавува на снимката, избегала на улицата – со касата во рацете.
Доколку се потврди автентичноста на снимката, овој детаљ би можел значително да ја влоши правната положба на сопственикот. Таа и нејзиниот сопруг Жак се обвинети за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди и палење, а сопственичката на барот сега би можел да се соочи и со обвиненија за непружање помош.
Обвинителката Беатрис Пилу, исто така, размислува за зголемување на обвиненијата за да вклучи и можна намера за двајцата осомничени. Неколку елементи укажуваат дека сопствениците биле свесни за огромниот ризик за гостите: од лесно запаливите материјали што се користат за таванот и затворените излези за итни случаи, до целосното отсуство на систем за противпожарна заштита и апарати за гаснење пожар.
фото/епа
Свет
Кина предупредува: Повлекувањето на САД од 66 меѓународни организации го поткопува глобалниот поредок
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на Соединетите Американски Држави од дури 66 меѓународни организации, според оценките на кинеските аналитичари, претставува тежок удар врз глобалниот систем на управување, а истовремено отвора и можности и предизвици за Кина. Додека набљудувачите предупредуваат на долгорочни последици за американското лидерство и создавање вакуум на моќ во клучни области како климата и безбедноста, од Пекинг пристигнуваат остри предупредувања.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, го опиша континуираното повлекување на Вашингтон од мултилатерализмот како потег што „веќе не е новост“, но предупреди дека тој ги поткопува темелите на глобалниот поредок со Обединетите нации во неговиот центар.
„Само функционален мултилатерален систем може да го спречи ‘ширењето на законот на џунглата’ и враќањето на ‘правото на посилниот’ и логиката дека ‘силата е правда’“, порача Мао.
Трамп во средата потпиша извршна наредба со која се суспендира американската поддршка за 31 агенција на Обединетите нации и уште 35 други организации. Како што се наведува во соопштението на Белата куќа, станува збор за тела „кои дејствуваат спротивно на американските национални интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот“.
Многу од погодените тела се занимаваат со климата, трудот и миграциите, а администрацијата на Трамп ги обвинува за промовирање „воук“ иницијативи. Најзначајна меѓу нив е Рамковната конвенција на ОН за климатски промени – договор што ги поддржува сите главни меѓународни климатски договори.
Излегувањето од климатската рамка на ОН, кое следи по повлекувањето од историскиот Париски договор на почетокот од минатата година, сигнализира поширок тренд на американско напуштање на мултилатерализмот, смета Ли Шоу, директор на Кинескиот климатски центар при Asia Society Policy Institute.
Ли го нарече американското повлекување „тежок удар врз глобалната климатска акција, кој го разградува тешко постигнатиот консензус и претставува најсериозен предизвик за меѓународните климатски напори од усвојувањето на Парискиот договор“. „За светот, одлуката на претседателот Трамп поставува остро прашање: како може да се реши глобалната криза без учество на највлијателната светска сила?“, праша Ли.
Уште од својот прв претседателски мандат, Трамп ги повлече САД од повеќе тела на ОН, вклучително и од Светската здравствена организација, и драстично го намали финансирањето на бројни агенции, принудувајќи ги да ги намалат своите операции.
Шен Дингли, експерт за меѓународни односи од Шангај, објаснува дека обединувачката логика зад овој пристап е политиката „Америка на прво место“, која договорите и организациите ги третира како потрошни алатки. „Соединетите Држави отсекогаш биле мешавина од идеализам и реализам“, изјави Шен. „Од реалистична перспектива, тие ги користат меѓународните организации кога им се корисни и ги отфрлаат кога не се. Тоа нема врска со идеологија, туку исклучиво со корисност.“

