Македонија
Шахпаска: Со посветена, одговорна и чесна работа постигнавме многу
„Министерството за труд и социјална политика е ресор со многубројни предизвици, кои пандемијата на Ковид-19 ги направи уште поголеми. И токму затоа мојата одговорност беше уште поголема да се одговори на предизвиците и на вистинскиот начин и навреме да се адресираат потребите на граѓаните“, оцени министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во своето обраќање преку социјалните мрежи, во кое сублимира дел од проектите на кои таа се посвети во својот мандат.
„Во целиот период на пандемија, преку доследно почитување на Протоколите, обезбедивме безбедно згрижување на дечињата од предучилишна возраст во градинките. За 16 месеци изградивме и отворивме 16 нови градинки, а дополнителни осум се завршени и до почетокот на пролетта ќе бидат ставени во функција. За полесно премостување на пандемијата со Ковид-19, спуштајќи ги критериуми го олеснивме влезот на ранливите категории граѓани во системот на социјалната заштита, со што нови 9.000 домаќинства користат гарантирана минимална помош“, информираше таа.
Министерката Шахпаска нагласи дека, со цел полесно да се преброди здравствената и економската криза, обезбеден е додаток за енергенси за 36.000 приматели на гарантирана минимална помош и за 9.300 корисници на државна социјална пензија во текот на целата година во висина од 1.000 денари месечно.
„Како социјалдемократ – битката за работничките права ми беше еден од врвните приоритети. Затоа, усвојувањето на Законот, кој предвидува дека НЕДЕЛА Е ДЕН ЗА НЕДЕЛЕН ОДМОР за над 92 процента од работниците, на кој интензивно работев со работниците и работодавачите, ме прави особено горда.
Искрено верувам во концептот „Едно општество за сите“ и затоа Законот за спречување и заштита од дискриминацијата го поднесов во процедура на петтиот ден од мојот мандат и беше консензуално изгласан и од власта и од опозицијата. Борбата за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство е моја мисија во политиката.
Во своето обраќање пред крајот на мандатот, таа се осврна и на процесот на децентрализација на социјалните услуги – помош и нега во домот за стари лица и лица со попреченост, со што 900 корисници добиваат нега на дневно ниво од страна на 300 лиценцирани негуватели, кои добиваат паричен надомест за испорачаните услуги.
„Ние сме социјална држава и грижата за граѓаните во социјален ризик – маргинализираните лица, лицата со попреченост, тешко вработливите – преку социјалното претприемаштво добива организирана форма. Го отворивме првиот центар за поддршка на социјалните претпријатија. Со последниот Закон за стечајци обезбедивме материјална сигурност за дополнителни 1.100 стечајци, а го донесовме и Законот за пензионирање со 64 години возраст за да овозможиме вклучување млади на пазарот на трудот“, потсети Шахпаска.
Во однос на проектите што се во тек, таа информираше дека во финална фаза е подготовката на новото мени за правилен и здрав начин на исхрана на децата во градинките, кое е изработено во согласност со современите стандарди за правилен начин на исхрана на децата од предучилишна возраст.
Подготвена е и нацрт-верзија на системскиот Закон за работните односи, кој предвидува нов пристап во делот на породилното отсуство, со воведување родителско отсуство на таткото, ги скратува договорите за работа на определено време, ја регулира работата од далечина и од дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.

