Македонија
Најмногу пари за пакетчиња потрошил Град Скопје – 10.000 евра, објави Центарот за граѓански комуникации
За разлика од украсувањето на улиците кое главно беше откажано, продолжи практиката на институциите за купување новогодишни пакетчиња, анализира Центарот за граѓански комуникации. Од таму информираат дека за таа намена биле потрошени 72.000 евра, иако, како што напоменуваат, се очекува сумата да достигне и поголема вредност имајќи предвид дека некои институции сè уште ги немаат објавено договорите и вредноста на потрошените пари за оваа намена.
Тендери за купување пакетчиња за новата 2022 година имале 20 институции, додека други 37 институции купиле пакетчиња без примена на Законот за јавните набавки бидејќи вредноста на набавките била помала од илјада евра – колку што изнесува вредносниот праг под којшто не важи Законот за јавните набавки.
Најмногу пакетчиња, 3.274, купила Општина Кавадарци, иако со пониска поединечна цена. Блиску е и Општина Прилеп со 3.030 пакетчиња.
Најскапи пакетчиња, како и претходната година, и сега купила Општина Новаци, по 1.377 денари за едно пакетче. Вкупно најмногу пари за пакетчиња, пак, потрошил Град Скопје – 10.000 евра.
Просечната цена која институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари.
На дури 68 % од тендерите за набавка на новогодишни пакетчиња била добиена само по една понуда. Меѓу фирмите од кои се набавувани новогодишните пакетчиња убедливо води Колид од Колешино од каде се купени една четвртина од пакетчињата, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Додаваат дека вкупната вредност на парите потрошени за пакетчиња за Новата 2022 година е малку повисока од онаа што беше потрошена за ланската 2021 година.
Некои институции, според анализите на центарот, купиле по неколку видови пакетчиња, поевтини и поскапи. Меѓу институциите кои купиле најскапи пакетчиња, покрај Општина Новаци спаѓаат и Општина Битола по цена од 1.050 денари, Град Скопје по цена од 973 денари, М-НАВ по 853 денари и Министерството за одбрана по цена од 840 денари. Просечната цена што институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари.
„Сепак, поединечните цени и количините на купените новогодишни пакетчиња се познати само за оние институции кои имале тендер за оваа намена, но не и за останатите 37 кои купиле пакетчиња за пониска вкупна вредност од законскиот лимит за спроведување на тендер. Основа за пресметка на трошењата на институциите за новогодишни пакетчиња се податоците од вредноста на склучените договори за јавни набавки објавени на Електронскиот систем за јавни набавки. Нема податоци дали институциите ги купиле сите договорени количини на пакетчиња. Во истражувањето се вклучени сите договорни органи во Република Северна Македонија кои имале ваков вид на набавка во 2021 година“, се додава во информацијата од Центарот за граѓански комуникации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

