Економија
Деспотовски: Очекувам рекордното ниво на извоз да биде надминато веќе во 2022 година
Економските активности во ТИРЗ во 2021 година се највисоки досега од постоењето на Зоните, а со новиот концепт за привлекување инвестиции воведен пред една година се постигнати договори од речиси 190 милиони евра, покажува годишната анализа на Дирекцијата која ја презентираше директорот Јован Деспотовски.
„Со паметен пристап во 2021 година успеавме да постигнеме договори за инвестиции во вкупен обем од 188 милиони евра кои ќе донесат нови 2.700 работни места. Она што особено ме радува е дека овие наши сограѓани ќе имаат просечна плата од над 50.000 денари. Поголеми плати за вработените во Зоните си го поставивме како главен приоритет и продолжуваме преку посебни мерки и привлекување на висококвалитетни инвестиции да го поттикнуваме растот на платите“, изјави Деспотовски.
Според анализата само со овие нови инвестиции до 2025 година во ТИРЗ ќе има раст од 19% на бројот на вработувања, на над 16.000, раст на приходите кај компаниите за 100%, односно за 3.200.000.000 евра, а во следните 10 години приходите во буџетот на годишно ниво ќе се слеат дополнителни 150 милиони евра, што е за речиси 400% повеќе споредено со 2020 година.
Деспотовски најави и дека во напредна фаза на преговори, каде компаниите имаат доставено најмалку официјално писмо за намери, се дополнителни инвестиции близу 300 милиони евра со нови над 1500 вработувања.
Инаку, анализата покажува дека компаниите во ТИРЗ во 2021 достигнаа највисок извоз од 3 милијарди евра за една година, што е рекордно ниво досега од постоењето на Зоните. Ова е за 15% повеќе споредено со 2020 година, и за 6,5% повеќе од 2019 која досега беше рекордна извозна година. И во однос на увозот достигнат е рекорд од речиси 2.9 милијарди евра што е за 31% повеќе од лани, односно над 12% повисок од 2019 година. И нето-извозот е во позитива од над 2%. Раст од 8,14% има и кај бројот на вработени во просек споредено со 2020 година, а во зоните во моментов работат 14.000 лица.
„Овие бројки јасно укажуваат дека економијата не само што го надмина пандемискиот период туку бележи серозен раст. Очекувам трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што дел од компаниите со кои потпишавме договори годинава веќе ќе започнат со производство и работа, така што очекувам и сегашното рекордно ниво да биде надминато веќе во 2022“, изјави Деспотовски.
ТИРЗ годинава има спроведено и неколку нови проекти меѓу кои и старт на новиот Зелен стратешки инвестициски фонд кој треба да поттикне „зелени“ инвестиции од 750 милиони евра, а за кој веќе се изготвени три конкретни проекти во енергетскиот сектор. Воведен е и нов систем за грижа на корисници кој нуди персонализирана поддршка на компаниите а преку кој веќе се процесуирани над 3.000 нивни барања. Исто така, спроведена е измената на Упатството за оправдани инвестициски трошоци која за првпат е изработена од меѓународна ревизорска куќа и во соработка со компаниите, а воведен е и модел на надворешен мониторинг на реализација на обврските од договорите со инвеститорите (од страна на реномирана ревизорска куќа).
„Со новото упатство, како и со воведениот надворешен мониторинг на договорите за државна помош јасно се заштитуваат интересите на државата, за компаниите се воведуваат прецизни правила на функционирање“, рече Деспотовски.
Деспотовски најави и дека во 2022 ќе се реализираат повеќе иницијативи, меѓу кои воведување програми за домашни компании, заедно со меѓународната корпорација ИФЦ наменети за технолошко унапредување и можност за вмрежување на домашните компании во синџирот на набавки, потоа програма за поттикнување на раст на продуктивност наменета за развој на вештини и поттикнување на продуктивноста на работниците и компаниите, нова програма #Добра работа со цел поттикнување на раст на добро платени работни места во компаниите во ТИРЗ, како и поттикнување поголема мобилност на трудот во националната економија, како и нова кампања за презентација на инвестициски можности во странство со цел поттикнување на инвестиции со фокус кон сите индустрии под мотото #Растеме заедно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

