Македонија
Казна за фирма која превезувала патници без лиценца и без дозвола

Инспекторатот на Град Скопје во текот на денешниот ден изврши вонреден надзор на терен преку контроли на автобусите и комбињата кои вршат превоз на патници, при што е изречена казна за фирмата под назив “Друштво за транспорт трговија и услуги Ројал Травел ДООЕЛ увоз-извоз Скопје” и за истата фирма ќе биде поднесена пријава до надлежните институции, информираат од оваа институција.
Додаваат дека бил извршен инспекциски надзор на три автобуси и две комбиња, при што било утврдено дека комбе со назив на фирмата “Ројал Травел ДООЕЛ” вршело превоз на патници од и кон Скопје и екскурзии, без притоа да има лиценца за туристичка агенција и превоз на патници, како и за организирање на екскурзии со туристички водич, од Министерството за економија што е задолжително согласно законот за туристичка дејност, а не поседува ни дозвола од Министерството за транспорт и врски.
„Фирмата “Ројал Травел ДООЕЛ” под која што е регистрирано комбето е основана на 28 декември 2021 година, а според информациите кои беа пласирани во медиумите деновиве, станува збор за лица и возила поврзани со “Беса Транс”, на која фирма и беа одземени лиценцата за вршење на внатрешен слободен и посебен линиски превоз на патници и лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници од страна на Министерството за транспорт и врски, откако претходно беа констатирани нерегуларности во работењето, неспроведување на законите и законските обврски коишто таа како фирма е должна да ги почитува“, се додава во информацијата од Град Скопје.
„Градот Скопје континуирано спроведува теренски контроли, со цел законите кои што се пропишани за оваа дејност да бидат почитувани и имплементирани во секојдневното функционирање на фирмите кои што работат со јавен превоз, а со тоа и да се овозможи квалитетно и одговорно вршење на дејноста од страна на превозниците и заштита на безбедноста на граѓаните. Соодветни пријави ќе бидат поднесени до надлежните институции за постапување“, додаваат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Анима Мунди“ до кандидатите за градоначалници: Односот кон животните е тест за институционална зрелост

Во пресрет на изборите, Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ апелира прашањето за благосостојбата на животните конечно да стане централно прашање од јавен интерес, а не тема на маргините. Во своето соопштение тие нагласуваат дека односот кон животните покажува дали општеството е хумано или сурово, дали владеат вредности или безредие.
„Анима мунди“ ги повикува сите кандидати за градоначалници да се изјаснат околу осум конкретни барања, меѓу кои: масовна стерилизација, вакцинација и микрочипирање на уличните животни; стационари управувани од активисти и 24/7 итна служба; контрола на сопствеништвото на миленици и стимули за одговорни граѓани; програми за хумана контрола на бројноста на уличните мачки; засилена инспекција и санкционирање на насилството врз животни; забрана за користење коњи како влечни животни во градовите; трансформација на зоолошките градини во центри за рехабилитација и конзервација; изградба на гробишта за миленици.
„Ќе преземете ли одговорност – или ќе останете дел од проблемот?“, прашуваат од „Анима мунди“, додавајќи дека очекуваат јасни и конкретни одговори од сите кандидати.
Платформата зад барањата ја поддржуваат и повеќе организации: „Шепасти ентузијасти Скопје“, „Мали херои Битола“, Paws-2021 / „Шепи-2021“, „Kumanovo Animal Save“, „NARD Macedonia“, „Ејнџелкетс Скопје“, „Е.Д.Е.Н.“ и „Лина спаси живот – Кавадарци“.
Секое јавно изјаснување, најавуваат од здружението, ќе биде споделено преку нивните платформи со 70.000 членови и партнерски страници, како и преку националните и локалните медиуми.
Македонија
„Од 7.000 на 10.000 го зголемуваме надоместокот за новороденче“, најави Герасимовски

Кандидатот за градоначалник на општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, синоќа беше на терен, на средби со граѓаните „од врата до врата“. Во разговорите со центарци, тој најави дека во новата програма надоместокот за новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари.
„За 50% го зголемуваме надоместокот за новороденче, од 7.000 на 10.000 денари. Со оваа мерка ги поддржуваме центарските семејства.. Родителите добиваат поголема финансиска поддршка во најважниот период, кога се раѓа нов живот и започнуваат нови семејни предизвици. Ги зголемуваме субвенциите за сите категории на граѓани“, рече Герасимовски.
Тој, потенцираше дека развојот мора да продолжи, а концептот „За Центар што го сакаме“ е единствениот што нуди поквалитетен живот на центарци.
„Развојот мора да продолжи, а тоа ќе го постигнеме ако сите заедно се обединиме „За Центар што го сакаме“. Затоа, ве повикувам во недела, 19 октомври, масовно да излеземе на гласање и да го дадеме својот глас за бројот 5, за напредени модерен Центар“, порача Герасимовски.
На средбите со граѓани, тој ги презентираше и клучните проекти за вториот мандат, меѓу кои: модерен дом за стари лица на Водно, нова градинка во близина на Клиничкиот центар, набавка на две цистерни и пет метларки, ограничување на движењето на возилата во Дебар Маало за намалување на метежот, изградба на две монтажни катни гаражи, нов административно-граѓански објект, два покриени базени, како и воведување на „Центарска картичка“ со бројни поволности и попусти за жителите.
„Во изминативе години покажавме што значи одговорно и посветено водење на општина. Реализиравме проекти што го подобрија секојдневието, уредивме улици, зголемивме зеленило и создадовме подобри услови за младите и повозрасните,“ рече Герасимовски.
Македонија
„ЈО и Коцевски да одговорат дали дискотеката Пулс платила 40.000 евра, дали Спасовски ја спасил Пулс од казна“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„ЈО и Коцевски да не молчат и да кажат на јавноста дали дискотеката Пулс платила казна од 40.000 евра или сепак како што се тврди во телефонската комуникација што излезе во јавноста Спасовски интервенирал за да се избегне плаќање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку казната не е платена Спасовски итно треба да е повикан на одгoворност и целата постапка да се истражи до крај. Доста е со калкулации, со заштита на моќниците блиски до СДС, потребно е конечно да се стави крај на политичките влијанија во судството.
Дали Спасовски ја спасил Пулс од казна и која е неговата улога во аферата?
До кога ќе молчи ЈО и Коцевски?
Дали Љупчо Коцевски има задача да ги штити функционерите од СДС?
Одговорност мора да има за секој кој е инволвиран во случајот со дискотеката Пулс. Овој случај не смее дополнително да ја поткопа довербата во институциите и судството.
Секој сомнеж мора да биде расчистен. Секој кој е вмешан во случајот треба да се санкционира. Да се стави крај на заштита на привилегираните функционери на СДС и ДУИ. Време е за владеење на правото и правдата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.