Македонија
(Видео) Сајкоски: Предложената влада е лош експеримент на Заев
Наместо нова влада гледаме предлог за влада во која ништо не е ново, влада со стари кадри која ќе ги споделува истите вредности со претходната влада која ни донесе порази за државата, не направи најкорумпирана држава во Европа, изјави пратеникот и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски на денешната собраниска седница на која се дискутира за нова влада, при што потенцираше дека станува збор за континуитет на истата влада која донесе сиромаштија, зголемени цени, пустош во енергетиката и застој во економијата.
„Предложената влада е само лош експеримент на претходниот премиер кој со оваа влада сака да го продолжи континуитетот на неработа, криминал. Треба да ставиме крај на политичките експерименти, и мора да бидеме свесни дека Македонија нема време за ваков експеримент, народот не заслужува да живее во правна несигурност, корумпирана држава и во сиромаштија. Програмата која е доставена се истите материјали кои веќе 5 години им стојат на хартија и не се реализирани“, рече Сајкоски.
Истакна дека оваа влада нема легитимитет од граѓаните, кои не даваат поддршка на влада која донесе најмногу разочарување во изминативе 30 години, граѓаните ја казнија оваа влада која донесе живот само за мал број луѓе блиски до врвот.
„Владата на Заев сега добива ново продолжение во Димитар Ковачевски со старите министри. Ковачевски е лик кој го донесе и промовираше поранешниот премиер, и тој ќе одговара пред него, а не пред пратениците. Ковачевски беше дел од минатата влада како заменик министер за финансии кој кажуваше не, на сите добри амандмани и кажуваше не, за најзначајните работи за енергетиката и најзначајниот проект за отворање на нов рудник за јаглен. Како да веруваме дека ќе работи и ќе отвора нов енергетски капацитети и ќе има подобри денови?“, прашува Сајкоски.
Тој нагласи дека во оваа влада Ковачевски нема еден негов предлог, сите предлози се претходно договорени, а тој е повикан само да ја води и ќе биде диригиран директно од Струмица.
„Ковачевски се нафатил да биде пиун и послушник на претходниот премиер. Во предлогот за влада го имаме Оливер Спасовски во чие време Македонија е најкорумпирана држава во Европа. Судството ни е корумпирано, а поранешниот министер за правда, ќе биде министер и во оваа влада. Во инфраструктурата нема изградено ниту еден километар, а останува истиот министер за транспорт и врски. Ниту еден проект не е ниту отпочнат ниту завршен. Ниту патишта, ниту пругата Кичево – Лин нема ништо. Оваа влада е осудена на неуспех уште од сам почеток, и Ковачевски нека се охрабри да излезе на избори“, изјави Сајкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање

