Македонија
Нов универзитетски учебник „Основи на безбедност – концепциски безбедносни пристапи“ од професор Марјан Ѓуровски – придонес кон науката за безбедност
Во издание на канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ од СР Германија во Скопје и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола излезе од печат универзитетскиот учебник со наслов „Основи на безбедност – концепциски безбедносни пристапи“, во авторство на проф. д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност – Скопје.
Публикацијата претставува сложен научен труд што се темели на широко разработена теориска рамка на истражување на безбедносните концепти поткрепена со систематско собирање факти и последователна нивна анализа, кои се употребени во презентацијата и развојот на безбедносните концепти.
Во универзитетскиот учебник се нагласува дека безбедноста е комплексен феномен и во суштина не само поради неговата недостижна природа и содржина со оглед на времето и местото во кое се дискутира за него туку исто така и поради фактот што дискусијата за безбедноста е неизбежно поврзана со други категории: страв (за физички опстанок), отсуство на структурно насилство, мир, благосостојба и стабилност.
Како политичка концепција, безбедноста очигледно е предуслов за постоење живот – индивидуален и социетален и се однесува на отсуство од закани и заштита од нив. Сфаќањето на безбедноста како вроден интерес на секоја индивидуа и на пошироките човечки колективитети – фамилија, општество, нација, држава, меѓународен систем, укажува на потребата од проширување на концептот на безбедноста кон овие колективитети. Оттука, во теоријата се обликуваат концепти како национална и меѓународна безбедност и во поново време индивидуална, социетална и глобална безбедност, што укажува на значајно ширење нови димензии на безбедноста, се наведува, меѓу другото, во книгата.
Во книгата на професор Ѓуровски, која ќе се изучува на студиите по безбедност, криминалистика и криминологија на Факултетот за безбедност – Скопје, на прв, втор и трет циклус на студии и на други високообразовни институции, се наведува дека проблемот на националната безбедност треба да се сфати како системски безбедносен проблем во кој и индивидуите, и државите и меѓународниот систем имаат свој дел и во кој економските, социјалните и факторите од сферата на животната средина еднакво се значајни како политичките и воените.
Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ ќе организираат посебна промоција и дискусија на темата за која денес излезе од печат книгата „Основи на безбедност – концепциски безбедносни пристапи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.
Македонија
Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.

