Македонија
Формирани се работните групи за продлабочување на соработката со Бугарија
Владата назначи копретседавачи и членови во Заедничките меѓувладини работни групи за продлабочување на билатералната соработка меѓу Македонија и Бугарија, што како заклучок беше произлезен од состаноците за време на официјалната посета на делегацијата на Владата на Република Бугарија на нашата земја.
За копретседавачи во Заедничката меѓувладина работна група за економија, трговија и иновации се назначени Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, а за членови се определени Фатмир Бесими, министер за финансии, Крешник Бектеши, министер за економија, а членови на комисијата треба да назначат и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за надворешни работи, Фонд за иновации и развој, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Агенција за промоција на туризмот, како и Министерството за економија за делот на енергетиката.
За копретседавачи во Заедничката меѓувладина работна група за инфраструктура, транспорт и поврзување се назначени Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, а за членови треба да бидат назначени уште претставници на кабинетот на заменик- претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, на Министерството за финансии, на Министерството за економија, и на Министерството за надворешни работи.
Со заедничката меѓувладина работна група за европска интеграција и зелени политики за копретседавачи се назначуваат Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Славица Грковска, заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање – копретседавач, а членови во оваа работна група треба да назначат и Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии и Министерството за правда.
За копретседавачи на заедничката меѓувладина работна група за култура, наука и образование се назначува Артан Груби, прв потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бисера Костадиновска-Стојчевска, министер за култура, и Јетон Шаќири, министер за образование и наука – копретседавач. За членови во групата треба да бидат назначени и претставници на Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, Агенција за промоција и поддршка на туризмот, од Агенцијата за млади и спорт – член.
Дополнително ќе се назначат и копретседавачи и членови за работната група којашто треба да се состои од претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата на Мицкоски да најде пари за 600 евра минимална плата за работниците, бара СДСМ
„Не може да има пари за криминални тендери, а да нема за работниците. Наместо изговори за да не ги покачи платите, Владата на Мицкоски да обезбеди пари за зголемување на минималната плата за 600 евра“, велат од СДСМ.
„Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа. Последиците веќе се гледаат. Квалификувани работници од Македонија на големо заминуваат во странство, младите се иселуваат, а кај нас се увезуваат „економски работници“.
За време на владеењето СДСМ парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Имајќи ја предвид сè потешката економска положба на работниците и барањата на Сојузот на синдикатите, СДСМ подготви нови законски решенија за: зголемување на минималната плата на 600 евра и замрзнување на платите на функционерите.
Еве законско решение на маса, сега ќе се види кои партии ќе бидат на страната на работниците, а кои ќе останат на страна на тендерите“, соопшти СДСМ.
Македонија
ЛДП: Европските либерали ја поддржуваат Македонија, ја поддржуваат демократијата и ја поддржуваат Либерално-демократската партија
Групата на либерали и демократи од Европа (АЛДЕ) во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур јасно и недвосмислено говореа и ја поддржаа одлуката за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Северна Македонија, оценувајќи дека земјата направила значителен демократски и институционален напредок, извести ЛДП.
„Ја поздравуваме одлуката за затворање на пост-мониторингот за Северна Македонија, тоа е резултат на долгорочни реформи и јасна европска ориентација, при што либералната политика и ЛДП имаат значајна улога во тој процес”, истакнаа од АЛДЕ.
„Оваа одлука претставува силно европско признание за патот по кој треба да се движи државата и јасен сигнал дека проевропските и либерални политики се исправниот избор за иднината на Северна Македонија.
Во своето обраќање, европските либерали нагласија дека Северна Македонија денес функционира како демократија во која, во најголем дел, се почитуваат основните човекови права и слободи, а соработката со Советот на Европа е стабилна и конструктивна.
Пратениците од АЛДЕ посебно истакнаа дека затворањето на пост-мониторингот не значи затворање на надзорот, туку почеток на нова фаза на демократска зрелост, отчетност и одговорност, во која владеењето на правото, независното судство и борбата против корупцијата остануваат клучни приоритети.
Во овој контекст, европските либерали уште еднаш ја потврдија својата долгогодишна и принципиелна поддршка за Либерално-демократската партија (ЛДП) и за либералните вредности во Северна Македонија, кои континуирано претставуваат двигател на европските реформи, заштитата на човековите права и развојот на отворено и демократско општество.
Либералите во Европа потенцираа дека ЛДП останува нивен кредибилен партнер во Македонија и важен носител на либералната визија за слободно општество, силни институции, еднаквост и почитување на човечкото достоинство.
Посебно внимание беше посветено на заштитата на правата на малцинствата, вклучително и правата на маргинализираните групи, како и на обврската за целосна примена на пресудите на Европскиот суд за човекови права, при што беше нагласено дека овие прашања се суштински дел од европската интеграција“, се наведува во соопштението на ЛДП.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.

