Македонија
Зимското одржување на патиштата оваа сезона ќе чини осум милиони евра
Државните институции склучиле договори за јавни набавки со приватни фирми за механизација, работници, сол и ризла за одржување на улиците и патиштата во зимски услови за сезоната 2021-2022 година во вредност од половина милијарда денари (8 милиони евра), покажуваат податоците од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Како што се наведува во извештајот, досега се склучени 69 договори за зимско одржување на улиците и патиштата и за набавка на сол и ризла, а во 5 постапки за јавни набавки сè уште не е објавено известувањето за склучен договор.
Тендери за зимско одржување на улици и патишта имале 36 општини и Градот Скопје, 6 локални јавни претпријатија, државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, АД Електрани и Министерството за внатрешни работи.
„Најголеми договори по вредност, како и претходните години, има Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта. За одржување на патиштата во зимски услови со ангажирање механизација и за набавка на сол и ризла, ова јавно претпријатие во оваа зимска сезона ќе потроши 317 милиони денари, односно 5,2 милиони евра. Ова е 65 % од вредноста на вкупните договори за зимско одржување во земјава. Ова претпријатие има вкупно девет договори за јавни набавки за оваа намена и тоа пет се склучени годинава, а четири се склучени 2020 година за период од 2 години.
Следна институција според вредноста на договорите за зимско одржување на улиците е Град Скопје, кој во 2021 година има склучено договори за чистење на улиците и за сол кои траат и оваа година, во вкупна вредност од 1,4 милиони евра, односно по околу 700 илјади евра годишно.
Сепак, покрај Градот Скопје, тендери за набавка на услуги за зимско чистење на улиците имале уште 9 други скопски градски општини. Тие, заедно со Градот Скопје имаат склучено договори за зимско чистење на улиците и патиштата во вкупна вредност од околу 1,5 милиони евра“, покажуваат податоците.
Од другите општини, пак, најмногу пари за зимско одржување планираат да потрошат Прилеп, Куманово и Струга. Прилеп – 195 илјади евра, Куманово 146 илјади евра и Струга 98 илјади евра.
Општините Тетово и Кичево, кои имаа најголеми износи за овој вид договори претходната година, сè уште немаат склучено договори за оваа зимска сезона. Тендерот на Општина Тетово е поништен, а постапката на Општина Кичево е во тек.
Гледано од аспект на конкуренцијата, во повеќе од половина од тендерските постапки е добиена само една понуда. Просечниот број понуди по тендер е 1,7.
Што се однесува до фирмите кои добиле тендери за зимско одржување, на прво место според бројот на договори е скопската фирма КИ-ЕМ која има 7 договори за продажба на индустриска сол во вкупна вредност од 388.049 евра.
Но, според вредноста на тендерите, други пет компании се носители на најголемиот дел од колачот, велат од Центарот за граѓански комуникации.
„На врвот е ‘Димакс рудници’ од Демир Хисар со четири тендери во вредност од 7 милиони евра за две години или по 3,5 милиони евра на годишно ниво. Три договори се склучени со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, и се однесуваат за набавка на индустрсика сол, ризла и механизација за превоз на ризлата, и еден договор е склучен со Општина Битола за набавка на ризла.
На второ место е ‘Аполо инженеринг’ со два договора, и тоа едниот склучен со Град Скопје во вредност од над 1 милион евра за две зимски сезони, а вториот со Општина Сарај во вредност од 48 илјади евра.
На трето место е фирмата ‘Дикор’ ЦД Струмица, која има договор со Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта за извршување на патни работи во зимски услови на сите Државни патишта во РСМ на територија на Подружница Штип во вредност од 548 илјади евра и договор со Општина Делчево во вредност од 23 илјади евра.
На четврто место според вредноста на склучените договори е ‘Јоскатранс-трејд’ Демир Хисар со договорот склучен со Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта за извршување на патни работи во зимски услови на сите Државни патишта во РСМ на територија на Подружница Битола во вредност од 464 илјади евра.
На петто место на оваа листа е фирмата ‘Анизор Драшко’ од с.Шишево Сарај со склучени договори со општините Карпош, Центар, Ѓорче Петров и Бутел во вкупна вредност од 417 илјади евра“ се додава во извештајот.
Како што појаснуваат од ЦГК, вкупната сума на трошоци за зимско одржување сигурно ќе биде и поголема ако се има предвид дека за шест тендери сè уште не се објавени склучените договори и нивните износи.
Сите договори за зимско одржување на патиштата и улиците се дадени во базата на податоци во отворен формат, за натамошно користење.
Основа за пресметка на трошоците на институциите за зимско одржување на патиштата и улиците се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2021 и 2022 година за зимско одржување на улици и патишта, како и тендерите спроведени во 2020 година но со рок на важност на договорите од две години со кои всушност се покриваат трошоците за зимско одржување за 2021 и за 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

