Свет
САД ќе распоредат шест борбени авиони на Балтикот
Шест американски авиони „Ф-15“ слетаа во естонската воздухопловна база и ќе бидат распоредени до крајот на следната недела бидејќи НАТО го зајакнува своето источно крило во страв од можен руски напад врз Украина.
НАТО во понеделникот објави дека ги става силите во готовност и ја зајакнува Источна Европа со бродови и борбени авиони, што Русија го опишува како западна хистерија поради присуството на руските војници на границата со Украина.
Балтичките земји, Естонија, Летонија и Литванија, некогаш управувани од Москва, а сега дел од НАТО и Европската Унија, се потпираат на надзорот на НАТО врз нивниот воздушен простор. НАТО претходно објави дека Данска в четврток ќе испрати четири борбени авиони „Ф-16“ во блиската литванска воздухопловна база.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Премиерот на Грузија го смени министерот за надворешни работи и уште двајца членови на кабинетот
Премиерот на Грузија, Иракли Кобахиџе, денеска на брифинг со новинарите го објави новиот состав на владата, а за министер за надворешни работи го предложи претседателот на Комисијата за евроинтеграции Мака Бочоришвили.
Таа на таа функција ќе го наследи Илија Дарчијашвили.
На чело на Министерството за правда е именуван Анри Оханашвили, претседател на парламентарната Комисија за правни прашања, а Давит Сонгулашвили, претседател на Комисијата за секторска економија и економски развој, ќе раководи со Министерството за животна средина и земјоделство.
Номинациите беа објавени непосредно пред првата седница на парламентот, која е закажана за 12 часот по локално време, а ќе се одржи во позадина на протести и проблеми со легитимноста на новиот парламент поради резултатите од одржаните парламентарни избори на 26 октомври, за кои опозицијата тврди дека биле наместени, пренесува порталот „Цивил Џорџија“.
Со инаугуративната седница на грузискиот парламент ќе претседава најстариот пратеник Ладо Кахадзе. Клучните точки на дневниот ред се потврдување на мандатот на сите 150 членови и избор на претседател на Собранието, потпретседател и претседател на Управниот одбор.
Според официјалните резултати на Централната изборна комисија, во парламентот влегоа пет политички партии, а владејачката партија Грузиски сон има 89 мандати.
Регион
Блажиќ „Цел живот се жртвував, знам што ме чека, мртов сум“:
Во Специјалниот суд во Белград денеска продолжи судењето на Урош Блажиќ, обвинет за масакрот во селата кај Младеновац во кој беа убиени девет лица. На почетокот на судењето, Стефан Стефановиќ, адвокатот на семејствата на убиените деца, побара како доказ да бидат доставени IP-адресите на Урош Блажиќ, неговиот татко, како и на сите луѓе со кои комуницирал непосредно пред масакрот а потоа пред присутните се обрати првообвинетиот Блажиќ, пишуваат медиумите во соседството.
„Сакаме да бидат доставени сите IP-адреси, не е утврдено дали имало влијание однадвор дека е извршен овој масакр. Не утврдивме дали имало планови или имало влијание од странство. Немаме пораки, немаме повици. Семејствата инсистираат на тоа“, рече Стефановиќ.
Обвинителите тогаш се спротивставија на предлогот и нагласија дека IP-адресите нема да донесат нови докази и дека постапката само ќе се одолговлекува.
Тогаш обвинетиот Урош Блажиќ побара од судијата да ја дополни неговата одбрана.
Родителите на убиените деца се побунија.
„Сфатив дека сите овде сте во право тука. Ви благодарам што сте толку љубезни кон мене, заслужив полоши зборови и осуда. Барав мотив, но нема мотив толку многу луѓе да загинат. Цел живот глумев, се жртвував, замислував дека сите ме мразат, а овие млади сакаа да ми помогнат, а јас бев арогантен. Одбив да ја прифатам вината, извинете што не го кажав ова веднаш. Сакам да изразам најдлабоко сочувство. Не можам да го минимизирам ова. Мојата судбина е во ваши раце, сакам најстрога казна. Да ми дадете да потпишам да ми го извадат окото и да и го дадат на Анѓела, да ми ја земат ногата и ‘рбетниот мозок и да ги дадат на другите повредени“, рече Блажиќ и додаде:
„Знам што ме чека, јас сум мртов човек“.
На Урош Блажиќ му се заканува казна од 20 години бидејќи во моментот на делото сè уште немал 21 година, пренесуваат српските медиуми.
Свет
Иранскиот врховен лидер бара смртна казна за Нетанјаху и Галант
Врховниот лидер на Иран, кој ги поддржува милитантите на Хамас и Хезболах во конфликтот со Израел во Газа и Либан, рече дека израелските лидери треба да се соочат со смртни казни, а не со налози за апсење.
Ајатолахот Али Хамнеи се повика на одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) кој во четвртокот издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант и лидерот на Хамас Ибрахим Ал-Масри.
„Тие издадоа налог за апсење, но тоа не е доволно… Мора да се изрече смртна казна за овие криминални водачи“, рече Хамнеи, мислејќи на израелските лидери.
Судиите на МКС изјавија во својата одлука дека постојат причини да се верува дека Нетанјаху и Јоав Галант се кривично одговорни за дела, вклучително и убиство, прогон и употреба на глад како воено оружје како дел од широкиот и систематски напад врз цивилното население на Газа.
Одлуката предизвика бес во Израел, кој ја нарече срамна и апсурдна. Жителите на Газа изразија надеж дека ова може да помогне да се стави крај на насилството и одговорните за воените злосторства да се изведат пред лицето на правдата. Израел, од друга страна, ја отфрла јурисдикцијата на судот со седиште во Хаг и ги негира воените злосторства во Газа.
Налогот за водачот на Хамас, Ибрахим Ал-Масри, ги наведува наводите за масовни убиства за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика војната во долгата блокада на палестинската енклава, и наводите за силување и земање заложници. Израел соопшти дека Ал-Масри, познат и како Мохамед Деиф, бил убиен во воздушен напад во јули, но Хамас ниту го потврди ниту го демантираше тоа.