Македонија
На Клиниката за ортопедија направена првата трансплантација на лигамент од починат донор
На Клиниката за ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ Скопје вчера за првпат беше изведена трансплантација на лигамент од починат донор.
Млад 34-годишен пациент со сериозна повреда на десното колено доби мекоткивен графт експлантиран од починат донор.
Операцијата, која траеше неколку часа на Клиниката за ортопедија, ја изведе ортопедскиот хирург д-р Алан Андоновски заедно со неговиот тим од клиниката.
„Се работи за ревизија на скинат преден вкрстен лигамент на десното колено, што е прилично честа повреда кај физички и спортски активната популација. Пациентот постоперативно се чувствува одлично и пред него е период на рехабилитација“, вели д-р Андоновски, хирург од Клиниката за ортопедија кој долги години работи во делот на мекоткивната ортопедска хирургија.

Ова е деветта трансплантација од починат донор во последните десет месеци на Клиниката за ортопедија. Од почетокот на 2021 година на Клиниката е обновена и банката за коскени ткива каде се чуваат експлантираните графтови.
„По првата експлантација што ја направи тимот од Клиниката на 17 април минатата година, до денес се направени пет експлантации и девет трансплантаци на коскено и меко ткиво. На пет пациенти со малигна болест им беше трансплантирано здраво коскено ткиво, со што значтелно им се подобри нивниот квалитет на живот, а денес за првпат трансплантиравме и мекоткивен графт, односно лигамент кај млад пациент со сериозна повреда. Благодарност до сите колеги од клиниката кои го препознаа значењето на трансплантацијата во третманот на ортопедските болести“, вели д-р Александар Трајановски, директор на Клинината за ТОАРИЛУЦ Скопје, во чиј состав е Клиниката за ортопедија.
Инаку, повредата на меките ткива, лигаментите и тетивите е многу честа кај младите лица, особено кај активните спортисти. Само успешен оперативен третман може да гарантира враќање кон редовните сопртски активности. Со отворање на можноста на трансплантација со графт од починат донор, се исклучува праксата да се земе тетива од здравата нога и со тоа значително се подобрува квалитетот на живот на пациентот.
„Со првата употреба на мекоткивен графт на нашата клиника започнуваме со ново поглавје во реконструктивната ортопедска хирургија. Се надевам дека по оваа процедура ќе се отворат повеќе опции за употреба на мекоткивните графтови во нашата секојдневна пракса“, вели др Милена Богојевска-Доксевска, болнички координатор на Клиниката за ортопедија.
Во 2021 година во земјава се направени девет експлантации од починат донор и притоа 16 пациенти добија бубрези, петмина срце и кај осум пациенти беа трансплантирани коскени ткива.
Минатата недела беше направена и првата трансплантација од починат донор годинава. Двајца пациенти добија бубрези, а кај млад пацинет беше трансплантирано срце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.

