Македонија
Николоски: Во јануари датум доби Заев за скијање на Шамони, но Македонија не доби датум
Суштинското прашање е зошто актуелната политичка елита дозволи да ова стане прашање број еден, покрај билатералните односи и во државата? Одговорите можат да бидат во две насоки: или се работи за добра мимикрија за покривање на сите други суштински проблеми во државата, почнувајќи од актуелното поскапување кое го имаме во сите сектори, падот на економијата, зголемувањето на невработеноста, криминалот што цвета, кокаинот што нема поголем урбан центар каде не е подостапен од кока-кола итн. Тоа е едната насока во која се размислува, а втората е дека се работи за наивност и за преземени концесии. Веројатно, одговорот е некаде на средина, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски на денешното обраќање на собраниската комисија за надворешни прашања поврзана со актуелните политики со Бугарија.
Николоски додаде дека македонската јавност добро знае дека претходните два премиери на Македонија и Бугарија имале договор кој бил комплетно еднонасочен и тоа само кон нас во однос на преземање обврски коишто Зоран Заев ги презел и требало да ги реализира во однос на Бугарија и единствена причина поради кои не ги исполнил бил народот кој излегол масовно на улиците на демонстрации во текон на месеците ноември и декември 2020 година.
„Почетокот и основата на целиот проблем е тоа што се преземени обврски кои не можат да се реализираат, бидејќи доколку се реализираат, ќе значат погазување на суштината на постоењето и на државата и на народот. И од тука мора да го гледаме фундаментот на тоа зошто ова стана проблем број еден и во односите помеѓу двете држави, но и внатре во државата.
Вториот сектор кој треба да се гледа е на злоупотребата на процесот на евроинтеграции којшто служи на покривање на сите недостатоци во моментот во државата и служи како единствено образложение за опстојување на владата. Па така секогаш кога се зборува за евроинтеграции, паралелно се договараат тендери во РЕК – Битола во четири очи во вредност од ни помалку ни повеќе, туку 25 милиони евра потпишани за три дена пред Нова година.
Секогаш кога се разговара за евроинтеграциите, гледаме на другата страна како криминалот влегува во следната пора на македонското општество, како што ќе бидам брутален и директен секогаш кога се разговара за Коридорот 8. Многу компании кажуваат како им е пристапено да бидат подизведувачи на тој коридор а за возврат некаде нешто да направат кое е надвор од законот и надвор од она што се вика правна рамка во Македонија, како што видовме и дека се злоупотребија европските интеграции во Собранието кога јасно беше дека владата нема мнозинство па беше киднапиран пратеник којшто образложуваше дека единствената причина зошто по киднапирањето прифати да е слуга на оваа влада е дека Македонија ќе добиела датум за преговори во декември или јануари. Во декември не доби, во јануари, јас кажав во една друга пригода дека може да се добие датум за скијање и еве го јануари помина, гледаме Заев е на Шамони со фамилијата, така што Заев доби датум на скијање, ама Македонија не доби датум за преговори“, кажа Николоски.
Тој рече дека целата ситуација во Македонија е донесена до апсурд, а причината зошто Македонија не добива датум за преговори со ЕУ е затоа што не е спремна и затоа што голем број главни градови во ЕУ мислат дека Македонија не е спремна да почне преговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.

