Македонија
Левицата: Додека Македонците во Бугарија не смее ни да се споменат, власта го менува Уставот под притисок на бугарските власти
Членувањето во меѓународните организации, кои практично треба да бидат гарант за еднаквоста помеѓу земјите членки, покажа исклучителна неприменливост во пракса. Интеграциските процеси за членување во овие организации е преобразено во фази што го разнебитуваат македонскиот идентитет, велат од Левицата.
Процесот на разнебитување на македонската држава, народ и нација, сметаат од оваа партија, практично почнал уште по прогласувањето на независноста. Историјата покажа, додаваат од Левицата, дека првата отстапка направена со цел регистрација (зачленување) на државата во ООН претставува слабост, преточена во традиција при секоја идна интеграција.
Тогаш, појаснуваат од таму, политичките елити прифатиле промена на државно знаме и привремена референца како име на држава, со што, како што велат, била создадена подлога за соседните земји непрекинато да бараат парче од сложувалката на македонскиот идентитет.
„Разнебитувањето продолжи преку Охридскиот рамковен договор, перипетијата се случи во Нивици со ставањето на потписот на преспанскиот договор, а кулминацијата зад затворени врати ја најавува Димитар Ковачевски преку прифаќањето на бугарското барање за тргање на ветото и деблокирање на интеграциските процеси со ЕУ. Бугарскиот премиер пред пратениците во бугарското собрание го кажа она што делегитимираната власт на СДСМ и ДУИ го спроведува зад грбот на македонскиот народ. Односно, сподели дека Ковачевски продолжува по стапките на Заев и прифатил Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав најавувајки преговори на заедничката историска комисија, која веќе има изготвени текстови и дека разговори за македонското малцинство во Бугарија се недопустливи“, истакнуваат од Левицата.
Според нив, ваквите барања се неприфатливи за Македонијa.
„Квазиполитичката елита, без нималку знаење и умешност, влегува во дипломатска игра без реципроцитет, дозволува екватантно мешање во внатрешните работи, што го загрозува уставниот поредок на државата. Власта на СДСМ и ДУИ непрекинато работи Македонија да стане дејтонизирана држава, а македонската нација како конститутивен елемент на државата – да се сведе на етничка заедница! По ниту еден основ не е дозволиво надворешен фактор да одлучува за промена во сопствениот Устав! Власта мора да застане во одбрана на државниот суверенитет и врз основа на ратификуваните меѓународни договори и веќе добиени пресуди да се избори за правата на Македонците во Бугарија“, нагласуваат од оваа партија.
Поради ова, додаваат од таму, Левицата инсистира итно да се прекинат преговорите со Бугарија од страна на, како што ја нарекуваат, делегитимираната македонска Влада.
„Доколку откажувањето од македонското име, знаме, народ, историја, јазик и идентитет се условите за зачленување во Европската Унија, тогаш тоа не ни треба!“, потенцираат од Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојкоски: Стоп за дезинформации и паника, во општина Ѓорче Петров нема, ниту ќе има мигрантски кампови
Стоп за дезинформации и паника. Советот на Општина Ѓорче Петров јасно и недвосмислено ја отфрла секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови, напиша на социјалните мрежи Александар Стојкоски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.
„Во нашата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти.
Свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница. Тоа не е политика – тоа е неодговорност“.
Стоиме цврсто во заштита на безбедноста, јавниот ред, меѓуетничката стабилност и мирниот живот на нашите граѓани, порачува Стојкоски.
Ги повика сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите.
„Мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги усвои следните заклучоци:
Нема мигрантски кампови во општината;
Не е побарано ниту не е договорено прифаќање мигранти;
Ннема да биде дозволено трајно сместување мигранти;
Заклучоци:
Се осудуваат лажните информации и политичките манипулации
Се констатира дека дезинформациите создаваат паника и несигурност
Се потврдува јасна политика против нелегалната миграција
Се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност
Се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.
Општината останува цврсто посветена на безбедноста и мирниот живот на граѓаните“.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

