Македонија
Стоилковски: Од утре ќе обелодениме криминален скандал поврзан со Рашковски и поранешниот директор на „Дрисла“
Борбата со високата корупција е нешто што ЕК го посочува со години и е едно од барањата заедно со промени во администрацијата. И тоа борба од аспект на овој непотизам, кронизам, партизација на јавната администрација се барање од ЕК да бидат како реформи. Поентата е да не поставуваат свои партиски ликови на определени места, поентата е да има реформи во администрацијата, да не биде само натрупана со партиски кадри туку навистина да почне да игра улога во подобрување на стандардот на граѓаните и услугите на државата кон сограѓаните“, појасни Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ при денешната трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Корупцијата на СДСМ, столбот на неуспехот на Македонија“.
Стоилковски додаде дека откако е СДСМ на власт се нема видено никаква реформа ниту борба против високата корупција, напротив таа се повеќе цвета.
„ Љупчо Николовски во една прилика посочи кога на 111-то место падна Македонија, тој посочи дека тоа било само перцепција и дека немало корупција, но така народот мислел и дека така било тоа мерено како низ анкета дека постои корупција. Уште постои, истата постои. Дека било тоа само перцепција и дека не постои корупција го посочи и Иван Џолев, кој што пак после со кршење на закон е оставен како в.д. откога му истече мандатот. При тоа кршеше закон за судија поротник кој што имаше исполнето услови за пензија, но го остави за поротник“, појасни Стоилковски.
Стоилковски посочи дека високата корупција, корупцијата на министерство ја банализираат со тоа дали имало бакшиш, дали некој однел вино или не.
„ Ако 111-тото место, рангирањето според „Транспаренси Интернешнл“ на Македонија не е вистинито зошто сега истите се обидуваат преку медиумски настапи, да фалат раст кој што исто така можеби не постои ако не постои 111-тото место. Значи влегуваме во една манипулација, која што манипулација ја читавме во определени писма испратени од еден од учесниците и носителите на скандалот „Рекет“, белегот и жигот на владеењето на СДСМ во Македонија. Од Владата се испраќани прилози, нарачки, писма, цели текстови што да биде објавено во медиумите и контролата врз медиумите. Оттука кога сме кај корупцијата сега ќе ја искористам оваа прилика, односно оваа трибина да најавам токму еден пример за злоупотреба на законот за јавни набавки, злоупотреба на кризна состојба и договори во четири очи, за еден случај на непотизам, кронизам, протекционизам. Еден скандал за кој што од утре ќе започнам серија на прес конференции со документи поткрепено. А, во случајот со само два договори во четири очи со „Дрисла“ фирма која што инаку во првични рамки не би добила тендерите успева за две години да направи речиси милион евра да повлече од сметката на „Дрисла“, рече Стоилковски.
Стоилковски рече дека зад овие два договори стојат роднински врски помеѓу генерален секретар на Владата, директор на „Дрисла“ и директорот на фирмата.
„Значи сите можни форми на корупција постојат во овој случај, непотизам, кронизам, злоупотреба на јавни набавки, политичка поставеност на службени лица, значи се што е форма на корупција го има во овој случај. Се работи за роднини преку женска линија, на поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, се работи за директорот на „Дрисла“ кој што од женска линија се роднини со Драги Рашковски. Се работи за фирма од Струмица која што е тесно поврзана низ годините со фирмата на Заеви и во некоја рака се во роднинска врска со Драги Рашковски, генералниот секретар во Владата. се работи за познатиот Пипералиев, струмичанец кој што е дел од компаниите на Заеви, партнер со Горан Крстев уште од времето на „Глобал“ во Струмица кога Зоран Заев беше градоначалник, таму, а они двајца се дел од еден случај – балкански случај поширок поврзан со марихуана, со бизнисот со марихуана заедно со еден српски партнер“, појасни Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

