Европа
Од утре нови правила за патување во ЕУ, ова се најважните промени

Пред една недела Европскиот совет усвои препорака за координиран пристап за олеснување на безбедното и слободно движење за време на пандемијата на Ковид-19.
Притоа предвид се зедоа значителното зголемување на стапката на вакцинација и брзото воведување на ковид-сертификатите, па се заменува досегашната важечка препорака. Препораката ќе стапи во сила на 1 февруари 2022 година, истиот ден како и актот за изменување на регулативата за ковид-сертификатите, со која се предвидува рок за прифаќање на потврдата за вакцинација од 270 дена (неограничено во случај на примена бустер-доза).
Клучна одредница треба да биде статусот на патниците во однос на Ковид-19, односно дали лицето е вакцинирано, тестирано или оздравело од болеста, за што сведочи дигиталниот сертификат на ЕУ, а не регионот од кој доаѓа.
Патниците со важечки дигитален сертификат на ЕУ не би требало да подлежат на дополнителни ограничувања за слободно движење.
Валиден дигитален ковид-сертификат на ЕУ вклучува:
– сертификат за вакцинација со вакцина одобрена на европско ниво ако од примањето на последната доза поминале најмалку 14, но не повеќе од 270 дена. Земјите членки може да прифатат и сертификати за вакцинација со вакцини одобрени од националните власти или Светската здравствена организација;
– негативен резултат од ПЦР-тест не постар од 72 часа пред патувањето или негативен резултат од брз антигенски тест не постар од 24 часа пред патувањето;
– потврда за прележана болест, на која е видливо дека не поминале повеќе од 180 дена од датумот на првиот позитивен тест;
– од лицата што немаат дигитален сертификат на ЕУ може да се бара да направат тестирање пред пристигнувањето или најдоцна 24 часа по пристигнувањето. Патниците што патуваат поради нужност, прекуграничните работници и децата под 12-годишна возраст би требало да бидат исклучени од ова барање.
Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (ECDC) треба да продолжи да објавува мапа на регионите на земјите членки, во која преку употреба на боите на семафорот (зелена, портокалова, црвена, темноцрвена) ќе се означува потенцијалното ниво на ризик од инфекција. Картата треба да се заснова на 14-дневната стапка на пријавени случаи, стапката на вакцинација и стапката на тестирање.
Новата препорака го зајакнува и т.н. механизам за итно сопирање за да одговори на појавата на нови варијанти на вирусот што предизвикуваат загриженост. Доколку земја членка наметне ограничувања како одговор на појавата на нова варијанта, Советот треба да ја разгледа ситуацијата во тесна соработка со Комисијата и со поддршка на ECDC.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Фото+видео) Опасна бура во Словенија: паѓаше град со големина на јајце, издадено портокалово предупредување

Словенија е погодена од силни бури придружени со силни налети на ветер, поројни дождови и град.
Сообраќајот во земјата е забавен, а Агенцијата за заштита на животната средина издаде портокалово предупредување за целата територија.
Од агенцијата посочуваат дека поради дождот може да дојде до задржување на вода и зголемување на реките.
На објавите на социјалните мрежи се гледа дека паѓал град со големина на јајце.
Според објавите и коментарите, најлошото било околу Шемпетер во долината Савиња.
Како што јавува ТВ Словенија, во текот на вечерта бурата постепено ќе ослабне , најдоцна на истокот од земјата.
Бура пристигнува и во Хрватска
Силна бурна ќелија, која пристигна преку брегот од Италија, се движи кон внатрешноста на Хрватска, придружена со врнежи од дожд, силни налети на ветер и локален град.
Водна пијавица е снимена над морето во близина на Умаг. Се очекува активноста на бурата дополнително да се интензивира во наредните часови.
Управата за заштита на животната средина издаде портокалова тревога за регионите Риека, Карловац и Загреб поради локално можни грмотевици со привремено силни до бурони ветрови, а можна е и појава на град.
Европа
Колона долга околу 700 километри забележана на автопат во Франција

Колона долга речиси 700 километри е забележана денеска на автопат во Франција, додека вкупната должина на сите колони на патиштата во земјата изнесуваше 1.051,6 километри во време на зголемен сообраќаен интензитет поради летните одмори и смената на туристи, што колоквијално се нарекува „Црна сабота“.
Како што извести BFM TV, сообраќајот на патиштата во Франција дополнително бил забавен поради две сообраќајни несреќи на автопатот кон Медитеранот и Атлантскиот Океан.
Според податоците на Bizon Futé, француската агенција за следење на состојбата на патиштата, до 7 часот утрово колоните биле подолги од 200 километри, а до 10 часот веќе надминале 570 километри.
Како што беше соопштено, гужвите се во согласност со прогнозите на агенцијата, која предупреди на „исклучително тешки сообраќајни услови“ за оваа сабота, а врвот на метежот се очекува околу пладне.
Сообраќајот во правец кон Алпите исто така е интензивен и загушен, со задржувања од час и 45 минути во тунелот Мон Блан во правец кон Италија
Европа
Финска, Норвешка и Шведска под жештина невидена од 1961 година

Земјите од Северна Европа, познати по својата студена клима, се соочуваат со интензивни топлотни бранови, со температури над 30 степени Целзиусови во подолг временски период.
Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, метеоролошките станици регистрирале температури над 30 степени Целзиусови дури 13 дена во јули, додека Финска имала три последователни недели со температури од 30 степени, пишува денес британскиот „Гардијан“.
Според научниците, тоа е најдолгиот период според историските податоци од 1961 година, а трае 50 проценти подолго од претходниот рекорд.
„Топлотниот бран е сè уште во полн ек, со максимални температури денес околу 32-33 степени. Дури и арктичките региони забележаа три недели со температури над 25 степени и може да ги соборат своите августовски температурни рекорди утре“, изјави Мика Рантанен, климатолог во Финскиот метеоролошки институт, во објава на социјалните мрежи.
Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека температури над 30 степени се регистрирани 12 дена во јули во најмалку една станица во трите најсеверни покраини на Норвешка.
Во Шведска, метеоролозите, исто така, регистрираа продолжени топлотни бранови во неколку северни градови, при што метеоролошката станица во Хапаранда регистрираше температури од 25 степени или повеќе 14 дена по ред.
Овие топлотни бранови, кои ја погодија северна Европа кон средината на јули, беа предизвикани од топлите води покрај северниот брег на Норвешка, кои ги покачија температурите во нордиските земји за осум до 10 степени над сезонските норми.
Поради интензивен топлотен бран, лизгалиште на мраз во северна Финска ги отвори вратите за луѓе кои бараат засолниште од жештината, откако локалните болници беа преполни, а сточарите предупредија дека нивните ирваси се на работ на смртта од жештината.