Македонија
(Видео) Ковачевски – Столтенберг: Русија да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалог
Премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, утринава разговараа за состојбата во Украина.
Ковачевски истакна дека членството во НАТО е исполнување на стратешката цел на земјата и дека Северна Македонија се гордее што е меѓу најбрзите сојузници што ја завршиле воената интеграција во НАТО, особено бидејќи останува посветена во учеството на операциите и мисиите на НАТО.
„Со генералниот секретар Столтенберг разговаравме за ситуацијата со и околу Украина, што претставува закана и за европската и за меѓународната безбедност. Како сојузник на НАТО, се приклучуваме кон апелите до Русија да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалог. Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во врска со состојбата на односите, на европската безбедност со фокус на Украина и транспарентноста, намалување на ризикот и контрола на оружјето. Целосно го поддржуваме суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет во меѓународно признаените граници. Како сојузници, ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција“, изјави Ковачевски.
Столтенберг рече дека НАТО сака да се вклучи во значаен дијалог со Русија. Тој додаде дека НАТО продолжува да апелира до Русија да деескалира и дека секоја натамошна руска агресија ќе има сериозни последици и висока цена.
„Разгoваравме за односот на Русија кон Украина и нивното трупање војници на границите. Има значително движење на руските воени сили кон Белорусија и ова е најголемото распоредување сили од времето на Студената војна, со очекувани 30.000 борбени трупи, специјални сили, борбени авиони и ракетни системи. Сето ова ќе се комбинира со годишните нуклеарни вежби на Русија, што се очекуваат токму во овој момент. НАТО продолжува да апелира до Русија да деескалира. Секоја натамошна руска агресија ќе има сериозни последици и висока цена. Сакаме да се вклучиме во значаен дијалог со нив и веќе го покажавме тоа пред Русија, сакаме да работиме на односите со Русија, да го намалиме ризикот, да ја зголемиме транспарентноста и да ја спречиме пролиферацијата на оружје. Секоја нација има право да го избере својот пат, а НАТО покажа дека може да ги брани сите сојузници. Ние сакаме да најдеме политичко решение за кризата, но вие мора да бидете подготвени за најлошото. Вчера, САД најавија дека ќе распоредат сили во Германија, Полска и Романија и ова доаѓа како плус на сите досегашни нивни напори и распоредување сили во НАТО-командите. Ние веќе ја зголемивме подготвеноста на силите на НАТО и сметаме дека ќе треба да има и дополнително распоредување во северниот дел на алијансата. Исто така, ги поздравувам и понудите од членовите на алијансата за распоредување повеќе трупи и авиони. НАТО ги зближува Северна Америка и Европа во борбата со оваа криза“, изјави генералниот секретар на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

