Македонија
Здружението на историчарите: Заедничкото чествување на Гоце Делчев е фатален удар врз македонската самобитност
Здружението на историчарите на Република Македонија изразува револт и загриженост по повод најавите дека Бугарија и Република Македонија подготвуваат заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
„Доколку е навистина донесена ваква политичка одлука, таа би претставувала фатален удар врз македонската самобитност. Гоце Делчев бил еден од главните идеолози на македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век, кој документирано се борел и стремел за создавање независна македонска држава и не постои ниту еден единствен документ дека некогаш се залагал за обединување на Македонија кон Бугарија“, е наведено во писменото соопштение од Здружението на историчарите во земјата.
Тогаш, дополнуваат од таму, се поставува прашањето на што се должи и како се оправдува потребата од заедничко чествување на Гоце Делчев?
„Дали заедничкото чествување значи дека македонската страна ги прифаќа делумно или целосно бугарските тези дека Делчев бил Бугарин, кој се борел за автономија на Македонија како етапа кон нејзино обединување со Бугарија? Дали со политичка одлука за заедничко чествување на Гоце Делчев македонската и бугарската страна се водат според некој нов договор за кој јавноста сè уште не е известена? Дали со политичкиот чин на заедничко чествување на великанот на македонската борба за независност и самостојност македонската страна ја признава бугарската теза дека Македонците се вештачка коминтерновска творба и широко ја отвора вратата за идно прифаќање на други бугарски тези со кои се оспоруваат македонската историја, македонскиот идентитет и македонскиот јазик и самото постоење на македонскиот народ?“, прашуваат од Здружението.
Појаснуваат дека Здружението на историчарите на Република Македонија ќе организира серија научни трибини, тркалезни маси, предавања и пригодни настани, со кои ќе ја одбележи 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, како и јубилејот 70-годишнината од своето основање во 1952 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владина делегација на средби во УНЕСКО: Потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион
Владина делегација во состав Александар Николоски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Љутков, министер за култура и туризам; Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање; како и градоначалниците на Општина Охрид и Општина Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира, вчера и денес престојуваа во работна посета на Париз, каде остварија средби со високи претставници на УНЕСКО.
На средбите со генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани, претседателот на 43-та Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, и претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб, беше разговарано за значењето на УНЕСКО во современиот свет како единствена мултилатерална организација што промовира дијалог и меѓународна соработка во областите на образованието, науката, културата и комуникациите.
Во фокусот на разговорите беше состојбата на Охридскиот Регион како природно и културно светско наследство, при што беше нагласена важноста од континуирана и навремена имплементација на препораките за заштита, со цел зачувување на неговиот статус на Листата на светско наследство.
За време на средбите беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија во рамки на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот.
Македонија
Утре променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Јавна расправа во Министерството за транспорт: се разгледуваат измени во Правилникот за урбанистичко планирање
Во просториите на Министерството за транспорт денеска се одржа стручна јавна расправа по однос на предложените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање.
Целта на истата е на најтранпарентен начин со стручната јавност да се продискутираат предложените измени и дополнувања, велат од министерството.
Предложените измени во Правилникот за урбанистичко планирање имаат за цел да го поттикнат развојот на туризмот, енергетскиот и здравствениот сектор, преку создавање на услови за нови инвестиции, за поефикасно планирање и искористување на просторот.
„Имајќи предвид дека туристичкиот сектор веќе бележи позитивни трендови, преку предложените измени се предвидува можност за стимулирање на изградба на големи хотелски комплекси вон градови, исто така и надвор од заштитени подрачја, надвор од национални паркови, надвор од заштитената зона на Охридскиот регион поврзана со заштитата од УНЕСКО, со што директно се поддржува растот на туризмот и привлекувањето нови туристи во државата, а дополнително се придонесува за отворање на нови работни места.
Со цел да се обезбеди целосна транспаретност и вклученост на јавноста во процесот на носење на одлуки, при носењето на сите планови ќе се спроведуваат јавни презентации. Одржувањето на денешната стручна јавна расправа по однос на донесувањето на измените на конкретниот Правилник е јасен показател за заложбата и отвореноста на Министерството за транспорт за унапредување на регулативата и вклучување на сите засегнати страни“.
Исто така измените на Правилникот за урбанистичко планирање опфаќаат и можност за урбанизација на објекти од областа на терцијарното здравство, како и изградба на батериски системи, кои се од суштинско значење за развојот на енергетскиот сектор.
Министерството за транспорт со своите политики останува посветено на создавање на одржливи решенија кои создаваат баланс меѓу економскиот развој и јавниот интерес на граѓаните.

