Македонија
Одбиена тужбата на Апасиев против новинарите на „А1.он“: „Функционерите мора да сфатат дека се подложни на јавна критика“
Денеска, во Основниот кривичен суд во Скопје беше објавена пресудата со која се ослободуваат од обвинение новинарите Мери Јордановска и Предраг Петровиќ од „А1он“. Оваа пресуда следува по претходно доставената приватна тужба на пратеникот и лидер на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, кој ги тужеше новинарите за „неовластено објавување лични записи“ според член 148 од Кривичниот закон.
На постапката, која траеше речиси една година, тужителот не се појави лично ниту еднаш на рочиште, а новинарите повеќепати беа присутни на рочиштата во судот, каде што ја застапуваа својата одбрана.
По објавата на пресудата, колешката Мери Јордановска изјави: „Државните функционери мора да сфатат дека функцијата ја вршат 24/7 и се поподложни на јавна критика, без разлика дали одговораат на електронска пошта, СМС-порака, службен или приватен телефон. И кога ние како новинари ги бараме, ги бараме во име на јавноста, за работи што се од јавен интерес, па оттаму не смее да се воспоставува практика на воведување страв и цензура“.
Со оваа пресуда се потврдува ставот на новинарите дека не станува збор за објава на личен запис, туку за информација што е од јавен интерес, како и тоа дека новинарските прашања кон Апасиев во дадениот случај се легитимни и вредни за вниманието на јавноста.
Во одбраната на новинарите се истакнува праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), според која границите на јавна критика се пошироки за носителите на јавни функции отколку за приватни лица и тие потребно е да имаат поголем праг на критика.
„Ваквите тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување јавно учество (SLAPP). Овој вид тужби служат да се предизвика заплашување и правни трошоци или, едноставно, исцрпување на тужените, во случајот на критички новинари со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Овие тужби, особено кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, може да предизвикаат самоцензура кај новинарите, а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните“, велат од Здружението на новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

