Македонија
Тренчевска: Дијалогот со социјалните партнери е важен

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со претседателот на СОНК Јаким Неделков. На иницијатива на претставниците на Сојузот на синдикатите за образование, наука и култура се отвори прашањето, заедно со утврдувањето на минималната плата, да се направи и зголемување на платите на вработените во установите во предучилишното образование. Министерката Тренчевска посочи дека унапредувањето на работничките права е приоритет и на Mинистерството за труд и социјална политика и на Владата.
„Дијалогот со социјалните партнери е особено важен за нас. Отворени сме за дискусија со сите наши социјални партнери. Правата на вработените во детските градинки ни се значајни, затоа во 2019 година, обезбедивме највисоко покачување на платите“, рече министерката Тренчевска.
Според Неделков, со порастот на минималната плата треба да расте и просечната плата.
„Согласно Законот за минимална плата бараме да се направи корекција во бодовите, односно за секое работно место да се утврди коефициентот кој ќе биде врзан со минималната плата“, рече Неделков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„СДС може да дефокусира колку сака, ќе продолжат да растат сите плати“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Платите и пензиите растат, економијата заживува, а СДС безделничи. СДС седум години власт се грижење единствено за богатење на неговата партиска елита, а народот го остави во длабока сиромаштија, каде пола милион граѓани денот мораа да го поминуваат со по 150 денари на ден“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„СДС може да пишува што сака, да дефокусира колку сака, но едно е сигурно, за само десет месеци власт на ВМРО-ДПМНЕ, линеарно се зголемија пензиите за сите пензионери за пет илјади денари.
Се постигна историски договор за раст на платите на вработени во јавното здравство, каде што освен на лекарите и медицинските сестри, значително се покачија платите и на техничкиот персонал, кои СДС ги заборави за време на нивното седумгодишно владеење. Зголемувањето на платите ќе продолжи и понатаму, така што до крајот на мандатот предвидено е да достигне и до 50%.
Покачување на платите добија и сите вработени во образованието, кои исто така, етапно ќе продолжат да се зголемуваат, при што до крајот на мандатот предвидено е нивните плати да се зголемат за 46%.
Зголемување на плати имаше и за вработените во безбедносниот сектор, каде околу 12.000 вработени службени лица добија повисока плата за 10 проценти.
Исто така, согласно закон, со мартовската плата следуваше и покачување на минималната плата.
Откако се сопре слободниот пад на економијата кој СДС го остави, сега веќе се работи на нејзино заживување преку вложување во капитални инвестиции, странски директни инвестиции кои 2024 година достигнаа историски највисоко ниво од над една милијарда евра.
Во однос на цените на производите, во изминатиот период постојано се преземаа мерки за нивно намалување, како ограничување на профитната маржа, замрзнување на цените. А веќе стапи на сила законската обврска со која маркетите треба јавно на нивните веб страници да ги објават цените на производите, мерка која е позитивен пример на успешност која се применува во земји како Израел.
И сето ова влијае за граѓаните да имаат квалитетен и достоинствен животен стандард.
Постепено и сигурно, преку вложување во капитални проекти, раст на економијата, директни странски инвестиции, на одржлив начин ќе продолжат да се зголемуваат платите во сите сектори“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Скопјанец обвинет за демнење: ја следел неговата поранешна сопруга, психички ја вознемирувал и ја застрашувал

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против 44-годишен скопјанец кој се товари дека сторил кривично дело – Демнење од член 144-а став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Во периодот од јули до октомври 2023 година обвинетиот повторено неовластено ја следел неговата поранешна сопруга, настојувајќи да воспостави несакан контакт со неа.
Постојано и се јавувал на телефон, и праќал пораки, се движел околу зградата каде живеела оштетената и ја следел до работното место. Во телефонските повици и пораките се заканувал и ја навредувал, психички ја вознемирувал и ја застрашувал, предизвикувајќи кај оштетената чувство на несигурност, загрозување и страв за личната безбедност.
Македонија
Стефковски приреди велигденска трпеза: Да се почитуваме како народ за да опстоиме како држава

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски вчеравечер приреди велигденска трпеза по повод Воскресението христово – Велигден.
Во обраќањето пред присутните, градоначалникот Стефковски говореше за ликот и делото на Исус Христос и за тоа дека ниту една друга личност, како личноста на Исус Христос и ниту еден друг настан како настанот со воскресението не предизвикале таков интерес и не направиле таков пресврт во историјата на светот и човекот.
„И доаѓањето на Исус Христос неговото живеење и неговото заминување биле пропратени со необични појави и случувања. Кога се родил во Витлеем се појавила необична ѕвезда на небото, а додека живеел од него излегувала сила која ги лекувала. Болни исцелувал, грешни поправал, гревови простувал и никој ниту пред него, ниту по него не живеел со таква сила“, наведе Стефковски.
Дополнително тој се осврна и соживотот кој го имаат граѓаните од различни етнички заедници во општината.
„Од оваа година започнавме една нова традиција. За Бајрам се собравме на Ифрат со граѓаните од Исламска вероисповест, а денес на третиот ден од Велигден сме собрани тука на Велигденска трпеза. Само со взаемно почитување на религијата и традицијата ќе ја покажеме нашата големина пред се како индивидуи, а потоа и како народ“, истакна градоначалникот Стефковски.
На крајот од своето обраќање Стефковски им упати порака на граѓаните и порача: Мојата порака до сите наши граѓани, без разлика на етничката, верската или било каква друга припадност е да се почитуваме помеѓу себе, да си помагаме секогаш кога тоа е потребно. Во тагата да тагуваме, а во радоста да се радуваме – заклучи Стефковски.
На велигденската трпеза присуствуваа свештеници од МПЦ, пратеници во Собранието на Република Македонија, советници и голем број на граѓани.