Соопштенија
Алијанса за Албанците: Посветени сме за реформирање на изборниот систем

Околу расправата за промените во Изборниот законик од Алијанса за Албанците истакнуваат дека се посветени за реформирање на изборниот систем и за порепрезентативни институции.
„Сметаме дека сегашниот изборен систем не го почитува универзалниот принцип на еднаквост на глас и не ја претставува праведно волјата на народот изразена на изборите, поради постојаните проблеми со нееднаквоста на гласачите помеѓу изборните единици“, велат од таму.
Додаваат дека во рамките на реформите во изборниот систем, ќе се посветат на остварување на три суштински барања: Поделба на државата на 8 изборни единици во согласност со границите на регионите, секоја со променлив број пратеници во зависност од бројот на гласачи, организирање на изборите со отворени листи, гарантирање и проширување на избирачкото право на иселениците, кои треба да гласаат за списоците што се водат во изборната единица во којашто тие имаат постојано живеалиште во државата, информираат од Алијанса за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Тентов: Дојран ќе добие целосна реконструкција и модернизација на хидросистемот

Илија Тентов, кандидат за градоначалник за општина „Дојран“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и истакна дека Дојран веќе осум години тоне во стагнација, непотизам, и несовесно искористување на општинскиот буџет и дека е време за големи промени, за нова сила и нова енергија во општината.
„Дојран единствено напредува кога ВМРО е на власт. За жал осум години во нашата општина имавме невидена стагнација, непотизам, несовесно искористување на општинскиот буџет за лични цели, видовме се и слушнавме сешто, Доста е! Време е за големи промени во нашиот Дојран, време е за нова сила, нова енергија, време е за работа, успеси, време е парите да се вратат кај народот. Конечно да живне туризмот онака како што доликува за Дојран, конечно да се погрижиме за нашето езеро, да ставиме крај на се она кое ја влече нашата општина надолу“, рече Тентов.
Тентов наброи дел од проектите на изборната програма и го потенцираше најзначајниот проект за општината и тоа целосна реконструкција и модернизација на хидросистемот.
„Прво и најважно – целосна реконструкција и модернизација на хидросистемот, второ – конечно решавање на проблемот со водоснабдувањето во Стар и Нов Дојран, трето – реконструкција на старата пречистителна станица, четврто – урбанистички план за Стар Дојран и Сретеново, петто – модерна улица и модерна пешачка патека со урбана опрема и канделабри до плажата во село Николиќ, шесто – субвенциониран превоз до сите населени места од општината и редовна линија Дојран-Гевгелија, седмо – градежна зона за млади брачни парови, осмо- довршување на црквата „Свети Никола“ во село Црничани, деветто- реконструкција и проширување на локален пат од главната магистрала до влезот на село Фурка и десетто- дежурна медицинска служба, 365 дена во годината“, истакна Тентов.
Тентов на крај истакна дека станува збор за програма која е создадена за граѓаните, и ги повика да го направат вистинскиот избор, и да го заокружат бројот 9.
„Се работи за програма што не е напишана во канцеларија, туку е создадена со вас, и за вас, заедно ќе изградиме локална самоуправа која не служи на поединци, туку на целиот народ. Да го направиме вистинскиот избор за Дојран да биде модерна, урбана општина која се развива напред, дадете поддршка на твојот човек! За твоето место! За твојата иднина! Заокружете го бројот 9“, рече Тентов.
Соопштенија
Мојсоска: Домување за жртвите на семејно насилство е приоритет во програмата на Левица

„Иако локалната самоуправа има законски обврски и надлежности во заштитата од семејно насилство, фактите се дека општина Струга целосно заостанува во тој поглед. Податоците покажуваат дека сѐ повеќе жртви се охрабруваат да ги напуштат насилниците, но економската зависност е коренот на проблемот, поради кои жртвите остануваат да трпат семејно насилство“, истакна Јована Мојсоска во дискусијата одгранизирана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во Струга.
На настанот на која присуствуваше и Климе Карамитриески, носителот на советничката листа на Левица за Струга Мојсоска презентираше и дел од програмата на Левица во кој се предвидува изградба на шелтер центар за жртви на семејно насилство, финансиска поддршка за домување за жртви на семејно насилство како и предност при вработување на самохрани мајки и жртви на семејно насилство.
На крајот од своето обраќање Мојсоска истакна: „Мојата главна порака е дека игнорантноста и неспособноста на институциите не смее да кошта човечки животи“.
Соопштенија
Мециновиќ: Градот мора да им служи на граѓаните, не на партиите

На денешната прес-конференција на Левица, кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, ги стави во фокус работниците од јавните претпријатија и плановите за дигитализација и транспарентност на градската управа. „Сакам најпрво да им се заблагодарам на работниците во јавните претпријатија кои пред неколку дена цела ноќ работеа на терен за да ја поправат големата хаварија на водоводот. Благодарение на нивната работа, утредента скопјани имаа вода. Но, премногу често ги забораваме токму оние што ја одржуваат нормалноста во овој град,“ истакна Мециновиќ.
Мециновиќ рагираше и на изјавите на дел од неговите противкандидати кои најавуваат „чистки“ меѓу јавните работници. „И за разлика од моите противкандидати кои велат дека во првите седумдесет два часа ќе ги извадат за уши работниците за да го исчистат градот и да го исчистат сметот кој тие го имаат креирано заедно со другите градоначалници од другите општини, ние сметаме дека пред сѐ треба да се поправат условите за работа за овие работници, затоа што кога зборуваме за пополнување на дупки, за собирање на смет, градоначалникот ниту ќе земе лопата, ниту ќе земе метла. Тоа треба работниците да го направат, така што тие работници треба да имаат нормални услови за работа “, рече тој.
Како централна тема, Мециновиќ ја најави иницијативата за дигитализација на услугите на Град Скопје преку јавен натпревар за млади програмери, без тендери и посредници. „Планираме да организираме натпревар меѓу програмери од Скопје кои ќе развијат апликација што ќе ги интегрира сите градски услуги: плаќање даноци, сметки, паркинг, јавен превоз, па дури и поднесување поплаки и барања до градот“, објасни тој. Во проектот ќе се вклучат Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и ФИНКИ, чии професори ќе ја оценуваат безбедноста и функционалноста на апликациите. „Победничкиот тим ќе добие награда од 50.000 евра и можност за трајно вработување во Град Скопје за да ја развива и одржува апликацијата,“ најави Мециновиќ.
„Со ова, за првпат ќе покажеме дека може да се работи без тендер шеми и партиски вработувања. Нема да плаќаме милиони за нешто што можеме да го направиме со сопствен домашен потенцијал,“ додаде тој.
Мециновиќ најави и неколку конкретни мерки за отворање на градската управа кон граѓаните: формирање партиципативно граѓанско тело што ќе го следи спроведувањето на одлуките на Советот на Град Скопје, воведување двосменско работење на шалтерите за да можат сите граѓани да добијат пристап до услугите, како и креирање на платформа „Мој советник“, на која ќе биде јавно достапно кој советник колку присуствува на седници и како гласа. „Градските власти живеат на небо. Да беа на земја, ќе ја видееја реалноста во која живеат Скопјани,“ изјави Мециновиќ.
Кандидатот на Левица подвлече дека приоритет во неговиот мандат ќе биде реформа на условите за работа во јавните претпријатија. „Работниците треба да гласаат за одлуките што се однесуваат на нивните услови. Тие се срцето на градот, а не политичарите,“ нагласи тој. Мециновиќ обвини дека двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со години намерно ги туркаат претпријатијата во колапс за да ја оправдаат нивната приватизација. „Сега се најавува приватизација на ‘Комунална хигиена’ и ‘Дрисла’, а има и индиции за ЈСП. Ако не застанеме, на крај и водоводот ќе ни го приватизираат. Ќе ни ја земат и водата,“ предупреди тој.
„Ние не веруваме во приватизација, веруваме во јакнење на јавниот сектор, во финансиска консолидација и во враќање на довербата на граѓаните“, додаде Мециновиќ. На крајот од прес-конференцијата, тој порача дека Скопје мора да ја искористи сопствената научна и човечка сила. „Ова не е научна фантастика. Нашите програмери, нашите работници, нашите граѓани – тие го градат градот. Треба само да им се даде можност. Затоа што градот мора да им служи на граѓаните, а не на партиите“, порача Мециновиќ.