Економија
Растот продолжува и во 2022, најавуваат од Технолошко индустриските развојни зони
Компаниите активни во Технолошко индустриските развојни зони во јануари имаат извоз од речиси 250 милиони евра што е за 8% повеќе споредено со декември 2021, што покажува дека трендот на раст и позитивни економски активности продолжува и годинава. Редовната месечна анализа на ТИРЗ покажува дека извозот во јануари е на исто ниво со јануари 2021 година, а за 31% повеќе од јануари 2020 година, односно за 4% повеќе споредено првиот месец од 2019 година.
Кај увозот во јануари е регистриран пад од 15% во однос на декември, што според првичните анализи се должи на складирање залихи кај компаниите во изминатиот период. Увозот кај компаниите во зоните во јануари е 204 милиони евра, што е и за 17% помалку во однос на јануари минатата година, но за 33% повисок споредено со јануари 2020, односно 6,5% во однос на јануари 2019.
Анализата покажува дека во првиот месец од годинава е регистрирано и највисоко ниво на нето извозот од 21,5%. Раст од 1,5% има и кај бројот на вработени во јануари споредено со декември кој е над 14.000.
Инаку економските активности во ТИРЗ во 2021 година достигнаа највисок ниво досега од постоењето на Зоните, со 3 милијарди извоз за една година. Истовремено се постигнати договори за инвестиции во вкупен обем од 188 милиони евра кои треба да донесат нови 2700 работни места. Со оглед дека поголемиот дел од овие проекти е планирано да започнат со производство годинава се очекува позитивниот тренд на економски активности во зоните да продолжи и годинава и да се надминат до сега постигнатите резултати.
Во напредна фаза на преговори, каде компаниите имаат доставено најмалку официјално писмо за намери, се дополнителни инвестиции близу 300 милиони евра со нови над 1500 вработувања, најавуваат од ТИРЗ.
„Со оглед на ваквите бројки, ТИРЗ заедно со меѓународни економски институции работи на посебни мерки за унапредување и развој на домашните компании со цел да се вклучат во ланците на снабдување кај странските компании во ТИРЗ, но и да станат поконкурентни на странските пазари. ТИРЗ инвестира и во унапредување на инфраструктурата индустриските зони. Во 2021 година се започнати капитални инвестиции во развој на инфраструктура во зоните од над 10 мил евра, меѓу кои изградба на дополнителни улици, атмосферска и фекална канализација, водоводни мрежи и улично осветлување“, информираат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

