Македонија
Грковска – Холштајн: Го продолжуваме партнерскиот однос и поддршка за унапредување на стратешките цели
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во својот кабинет ја прими амбасадорката на Сојузна Република Германија во нашата земја, Анке Холштајн.
На средбата германската амбасадорка посакувајќи ѝ успешно реализирање на поставените цели за време на мандатот, со вицепремиерката Грковска разговараа за повеќе актуелни прашања, со фокус на целите и реализацијата на визијата за унапредување на принципите на добро управување, одговорност, отчетност, транспарентност и чесно работење.
Вицепремиерката Грковска истакна дека нејзина најголема определба е остварување на процесите кои се клучна алатка во борбата против корупцијата, меѓу кои дигитализацијата, односно воспоставувањето на електронски систем за пријавување корупција и воспоставувањето партнерство со останатите институции, како и преземање мерки во насока на зголемување на нивната професионализација.
Соговорничките се согласија и изразија подготвеност за соработка и поддршка во насока на подобрување на мерките и законската рамка во делот на потеклото на имот и јакнење на капацитетите на финансиските институции.
На средбата беше посочено дека реформите во јавната управа и администрација со јасно утврдени надлежности и одговорности ќе помогне во остварувањето на основните и напредни принципи на добро управување како стратешки принципи на политиките на оваа Влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски лаже, во изминатите години ние ја зголемивме просечната плата до над 41.000 денари
„Христијан Мицкоски денеска повторно излажа. После седум години постојан раст на просечната плата, во јули годинава има пад за речиси 1.000 денари, според официјалните податоци од Државниот завод за статистика“, велат од СДСМ.
„Тоа се фактите. Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јули годинава изнесувала 40.961 денар и е за 1.000 денари пониска од јуни кога изнесуваше 41.939 според податоците од Државниот завод за статистика. СДСМ во изминатите години ја зголеми просечната плата до над 41.000 денари. Во времето на ДПМНЕ просечната плата беше на половина, едвај 20.000 денари. Во 2015 година, во времето на ВМРО-ДПМНЕ просечната плата изнесуваше 20.853 денари. Платата постојано растеше со СДСМ со години наназад, во 2020 година просечната плата беше 28.294 денари, во 2022 година беше 34.364 денари а во 2024 година достигна над 41.000 денари. Тоа е таа разлика. Дојде ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и платите почнаа да паѓаат. Платите се намалуваат а цените остануваат високи и растат. Со вакви погрешни економски политики на Мицкоски стандардот на граѓаните само ќе опаѓа“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
Николовски: ВМРО-ДПМНЕ манипулира, цените на хотелските соби се во согласност со нашите правилници
Бројките изнесени од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски се неточни и со истите манипулираат, како само еден пример ќе кажам дека цената на хотелското сместување во Вермонт беше препорачано од тамошните власти и не изнесуваше повеќе од 150 долари по вечер, реагира Љупчо Николовски од СДСМ на објавите дека потрошил 16.000 евра за кафеани и ресторани.
„Ние повторно сме сведоци на небулозни и смешни обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ, кои во рекордно време успеаја да ги влошат односите со сите соседи и да ги расипат напорите за изградба на соработки во последните седум години. Овие напори резултираа со зголемен извоз на вино и земјоделски производи, учество на врвни саеми и промоција на нашите производи. На пример, за прв пат во историјата, Македонија беше претставена на престижниот саем Белавита во Чикаго, што е причина за гордост. Понатаму, посетата во Вермонт вклучуваше највисоки претставници, меѓу кои и Секретарот за земјоделство на Вермонт, комесарот за шумарство и генералот на војската, кој е голем пријател на Македонија. Посетата на Италија, беше заедно со Претседателот на Република Србија со кои заеднички се претставивме на уште еден престижен саем. Во врска со цените на хотелските соби, сите се во согласност со нашите правилници, а хотелите се препорачани од нашите амбасади и претставништва во странство. Никогаш не сум одлучувал јас дирекно за моето сместување“, се вели во реакцијата на Николовски.
Македонија
Не само во ФЗО, долгови од претходната власт има насекаде, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски попладнево изјави дека очекува до крајот на следната година, долгот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) да биде еднаков на нула.
Прашан дали Владата планира некако да помогне, бидејќи има информации дека ФЗО е во долгови, Мицкоски рече дека долгови има насекаде.
– Долгови има насекаде. Тие се бројат во милијарди денари. Состојбата со ФЗО беше долг од пет милијарди денари. Видовте дека за помалку од 100 дена, за нешто повеќе од 80 дена, со заштедите и со доброто менаџирање, обезбедени се две милијарди денари од тие пет милијарди, да биде вратен долгот. Очекувам следната година до крајот веќе таа состојба да биде еднаква на нула, одговори Мицкоски на новинарско прашање за време на посетата на општина Кавадарци.
Премиерот Мицкоски додава и дека со ребалансот на буџетот, биле обезбедени една милијарда денари, наменети за исплата на К-15 на повеќе од 83.000 вработени во јавната администација, иако, како што рече, тие не биле предвидени претходно.
– Обезбедивме повеќе од 1,2 милијарди за исплата на земјоделците. Долгови стари покрај редовните, што тие не ги предвиделе. Обезбедивме пет милијарди денари редовна исплата на пензиите на пензионерите, што тие не ги предвидоа. Плус, од 1 октомври, пензионерите ќе добијат еднократно зголемување од две и пол илјади денари, што си продолжува и понатаму и уште две и пол илјади денари согласно Законот на 1 април за март. Практично цело време, ветувањето што го имавме од тие пет илјади денари во првата година, го реализираме во првите девет месеци, дури и порано. Ќе потсетам дека, тоа е многу значајно, особено овде, дека вработените во АД „Водостопанство“ и АД „Национални шуми“, кои немаа земено плата со месеци, добија плата. И тука од страна на ребалансот, беа обезбедени околу половина милијарда денари, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека мора одвреме-навреме да се повторува што било оставено, во случај „криминалци од поранешната влада“ да играат на таа карта и „повторно да го потценуваат сопствениот народ“.
– Ќе потсетам дека сметката на Владата на 24 јуни, што беше прв работен ден, беше минус двесте милиони евра, то ест, минус дванаесет милијарди денари. Тоа на ниедна влада, откако ние како држава, Македонија е независна, не ѝ се случило. Дури и по конфликтот во 2002 година, сметката беше позитивна, нагласи Мицкоски.