Македонија
Градежни активности на клучката од Миладиновци до Кадрифаково
Од денеска, па сѐ до 19.2.2022, ќе се изведуваат грaдежни активности на дел од државниот пат А2 на потегот од клучката кај Миладиновци до клучката Кадрифаково на седум локации, поставување видеонадзор на дел од клучките на кои ќе има затворање на една сообраќајна лента (брза лента) во период од 2 часа за секоја клучка, а во времетраење од 10 работни дена. Градежните активности ќе бидат изведувани од страна на „Итек системс“ – Гевгелија, соопшти АМСМ.
Од таму додаваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка и Маврово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Томовски: СДС да се извинат за клеветите и измислицитe, посочената компанија не е моја, во моментов немам никаква приватна компанија
„Посочената компанија не е моја, ниту пак имам било каков удел во нејзе. Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам“, реагира директорот на СОЗР, Ивица Томовски, откако СДСМ на прес-конференција утринава обвини дека негова семејна фирма која го менувала името, добила 161 тендери вредни над 5 милиони евра.
„СДС ќе мора да се извини поради изнесените клевети, во спротивно ќе поднесам тужба пред надлежните органи. Власта е одговорност и таму не се доаѓа со пазарџиски финти, клевети. Очигледно тоа е нивната понуда, а народот ќе суди, впрочем како што им пресуди на последните избори. Слободно сите можни институции да проверат сè, а искрено од СДСМ не очекувам извинување затоа што за извинување потребна е доблест и морал, а тоа одамна видовме дека го немаат“, пишува Томовски на ФБ.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Семејната фирма на директорот на СОЗР добила 161 тендери за 5,3 милиони евра
Опозициската СДСМ денеска обвини дека семејната фирма на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, која го менувала името, добила 161 тендери вредни над 5 милиони евра.
„Со доаѓањето на ДПМНЕ на власт семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна дејност за 306%!!! И тоа само во 2024 година. Случајно, им тргнало чистењето на буџетот. Само оваа 2025 година, фирмата добила 10 тендери од речиси половина милиони евра. Сопственик на Сити логистик во мометнот кога е основана е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски а управител Слободан Кутановски, нивни близок роднина. Потоа се менува името на фирмата, Сити аутсорсинг. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име. За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Важно фамилијарните бизниси течат. А каде завршуваат парите освен во џебовите на фамилијата Томовски: откриваме наскоро во наредните бомби“, кажа денеска на прес-конференција, Александар Саша Димитријевиќ, член на ЦО на СДСМ.
Македонија
Денеска дожд, од утре сонце
Времето денеска ќе биде облачно, проследено со врнежи од дожд. Според Управата за хидрометеоролошки работи, пообилни врнежи се очекуваат во јужните делови.
Во утринските часови, по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 10 степени, а максималните од 8 до 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд. Северниот ветер ќе биде слаб до умерен, а температурите ќе се движат од минимални 9 до максимални 12 степени.
Од УХМР најавуваат дека врнежите ќе почнат да се намалуваат во попладневните часови. До крајот на неделата следува период на претежно стабилно време, со пораст на дневните температури. Во котлините, сепак, ќе продолжи појавата на магла.

