Македонија
Пристигнаа над 250.000 дози на „Фајзер“ како донација од Италија
Во Скопје пристигна првиот дел од италијанската донација од 250.380 вакцини на компанијата „Фајзер“ (втората пратка пристигнува в среда, 9 февруари). Ова е најголемата донација досега направена од една земја за Северна Македонија, како што најави министерката за внатрешни работи на Италија, Лучана Ламорџезе, при нејзината посета на земјава при крајот на минатата година. Донацијата од Министерство за надворешни работи на Италија беше реализирана преку механизмот „Ковакс“ (спроведена од страна на УНИЦЕФ во соработка со „Гави“, „Ваксин алијанс“ и СЗО).
„Оваа донација е дел од еден општ италијански план за поддршка како во улога на земја членка на ЕУ така и во билатерален контекст, а чија цел е да се поттикне вакцинацијата на глобално ниво. Во 2021 година Италија издвои 385 милиони евра за системот ‘Ковакс’ и 45 милиони дози вакцини наменети за други земји. Преку оваа донација сакаме да ѝ дадеме конкретна поддршка на Северна Македонија во борбата против пандемијата на Ковид-19“, изјави амбасадорот Силвестри и додаде: „Важно е сега да се интензивира кампањата за вакцинација за да се обезбеди поголема заштита на населението“.
На овој апел се придружи и министерот за здравство, Беким Сали, кој срдечно се заблагодари за донацијата и за континуираната поддршка што Италија ѝ ја дава на Северна Македонија.
Денешната донација е во согласност со традиционалната италијанска поддршка за Северна Македонија, вклучително и во здравствениот сектор. Имено, во тек е последната фаза од Програмата за рационализација и модернизација на биомедицинската технологија во здравствениот сектор во Република Северна Македонија, што се реализира со помош на мекиот заем што Италија ѝ го додели на Северна Македонија со цел набавка на современи машини во здравствениот сектор, во вкупна вредност од над два и пол милиона евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

