Свет
Канадската влада повика на прекин на хаотичните демонстрации

Во главниот град на Канада, Отава, протестите сè уште траат, а федералната влада во понеделникот повика на прекин на хаосот во градот, пишува Анадолија.
„Овие блокади и окупации треба да престанат. Незаконските активности не се начин да се понуди значајно учество во развојот на владината политика“, изјави федералниот министер за транспорт Омар Алгабра.
Според него, блокадите на улици и мостови се незаконски и одговорните треба да бидат казнети.
Откако околу 10.000 демонстранти се собраа во центарот на градот за да протестираат на 22 јануари, во текот на неделата се собраа околу 250 луѓе. Илјадници демонстранти и стотици камиони повторно се собраа во саботата, создавајќи сообраќаен метеж.
Во неделата Џим Вотсон, градоначалникот на Отава, која има околу милион жители, прогласи вонредна состојба.
Таканаречениот „Конвој на слободата“ започна како движење против наметнатата обврска камионџиите да мора да се вакцинираат против коронавирус, а демонстрантите сега бараат укинување на епидемиолошките мерки.
Досега федералната влада и премиерот Џастин Трудо одбиваа да се сретнат со демонстрантите, но сега свикаа состанок со претставници на покраинските и општинските власти за начините да се стави крај на парализата предизвикана од демонстрациите во градот.
Десетици вооружени полицајци во Отава интервенираа во неделата, отстранувајќи возила и цистерна со гориво и приведоа две лица.
Камионџии и демонстранти организираа протести и во Ванкувер, Квебек Сити и Торонто, но полицијата и градските власти беа подобро подготвени, па немаше хаос како во Отава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Италијанската полиција фати Албанец со над 27 килограми кокаин

Италијанската полиција уапси 47-годишен албански државјанин, откако во автомобилот му биле пронајдени 27,6 килограми кокаин.
Дрогата била скриена во посебен простор под предните седишта на возилото.
Покарај кокаинот, полицијата го конфискува и возилото, а приведениот е однесен во притвор во затворот во Катанија.
Според албанските медиуми во италијанските затвори се наоѓаат над 2.000 албански државјани, осудени главно за трговија со дрога.
Свет
Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи

Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи, која во периодот јануари – август ја посетиле околу девет милиони.
Албанскиот Институт за статистика објави податоци што потврдуваат дека влезот на странски државјани е за 5,2 отсто поголем ако се спореди со истиот период пред една година, кога беа регистрирани вкупно 8,5 милиони странски државјани.
Само во август бројот на странски државјани кои влегле на албанска територија е 2,3 милиони, што е зголемување од 9,9 отсто, во споредба со истиот месец минатата година.
Албанската економија имаше корист од странските туристи од 2,1 милијарди евра за само шест месеци, до кога ја посетиле 4,76 милиони странци. Овие бројки потврдуваат дека 2025 година ќе биде уште пооптимистичка во однос на туризмот во земјата, додека приходите се очекува да се зголемат за околу 7,7 отсто во споредба со лани.
Се очекува приливот на туристи да продолжи и есенва, со што ќе се продолжи туристичката сезона во земјата. Туроператорите известуваат дека резервациите се високи и за септември и за октомври.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната година. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи.
Свет
Жена убиена на свадба во центарот на Шибеник, ја погодила ракета

Жена е повредена кога пиротехничко средство – сигнална ракета – било испукано во близина на катедралата „Свети Јаков“ во Шибеник синоќа, и починала од повредите во болница, соопшти хрватската полиција.
Во соопштението од полициската управа Шибеник-Книн се додава дека е уапсен 52-годишен маж, пренесува Хина. Во тек е кривична истрага, соопшти полицијата.
Хрватските медиуми неофицијално известуваат дека несреќата се случила за време на свадбена прослава, кога осомничениот испукал ракета.